Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Повторно раѓање — лична одлука?

Повторно раѓање — лична одлука?

Повторно раѓање — лична одлука?

НА КОГО се должи повторното раѓање? Кога ги повикуваат луѓето да станат повторно родени христијани, некои проповедници ги цитираат Исусовите зборови: „Мора да се родите повторно“ (Јован 3:7). Всушност, овие зборови ги користат како заповед: „Родете се повторно!“ Со тоа сакаат да кажат дека останува на секој верник да одлучи дали ќе го слуша Исус и дали ќе ги направи потребните чекори за да биде повторно роден. Според ваквото размислување, повторното раѓање е работа на лична одлука. Но, дали ова гледиште е во склад со она што Исус му го рекол на Никодим?

Ако внимателно ги прочитаме Исусовите зборови, ќе видиме дека Исус не сакал да каже дека секој човек сам треба да одлучи дали ќе биде повторно роден. Зошто го велиме ова? Грчкиот израз преведен со „да се роди повторно“ може да се преведе и како „треба да се роди одозгора“. * Така, според еден друг превод, повторното раѓање доаѓа „одозгора“ — односно „од Таткото“ (Јован 19:11; Јаков 1:17). Значи, тоа доаѓа од Бог (1. Јованово 3:9).

Ако го задржиме на ум изразот „одозгора“, нема да ни биде тешко да разбереме зошто некој не може да направи самиот повторно да се роди. Помисли на дословното раѓање. Дали ти си донел одлука да се родиш? Се разбира дека не! Слично на тоа, еден верник не одлучува дали ќе се роди повторно. Можеме да бидеме повторно родени само ако Бог, нашиот небесен Татко, го предизвика тоа (Јован 1:13). Затоа, апостол Петар рекол: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие повторно нѐ роди“ (1. Петрово 1:3).

Дали е заповед?

Меѓутоа, некои можеби ќе се прашаат: ‚Ако е точно дека никој не може сам да одлучи дали ќе биде повторно роден, зошто Исус ја дал заповедта: „Мора да се родите повторно“?‘ Ова прашање е на место. Ако Исусовите зборови навистина се заповед, тоа би значело дека ни заповеда да направиме нешто што не е во наша моќ. Тоа не би било логично. Тогаш, како да ги разбереме зборовите мора да се „родите повторно“?

Ако подетално ја разгледаме оваа фраза на оригиналниот јазик, ќе видиме дека не е кажана во заповедна туку во исказна форма. Со други зборови, кога Исус рекол мора да се „родите повторно“, изнел факт, а не дал заповед. Тој рекол: „Треба да се родите одозгора“ (Јован 3:7, Превод на МПЦ).

Да наведеме една споредба за да ја објасниме разликата помеѓу исказна и заповедна реченица. Замисли си еден град во кој има неколку училишта. Едно од нив е училиште само за ученици кои припаѓаат на одредена етничка група што живее далеку од тој град. Еден ден, некој ученик кој не припаѓа на таа етничка група му вели на директорот на училиштето: „Сакам да се запишам во вашето училиште“. Директорот му вели: „За да се запишеш, мора да си од нашата етничка група“. Се разбира, директорот не го кажува тоа како заповед. Тој не му наредува на ученикот: „Биди од таа и таа етничка група!“ Директорот едноставно наведува еден факт — кажува што е потребно за некој да се запише во тоа училиште. Слично, кога Исус рекол „мора да се родите повторно“, едноставно навел еден факт — што е потребно за некој „да влезе во Божјето Царство“.

Последната мисла — Божјето Царство — е поврзана со уште еден аспект на повторното раѓање. Овој аспект има врска со прашањето ‚Која е целта на повторното раѓање?‘ Одговорот на ова прашање е многу битен за да разбереме што точно значи да се биде повторно роден.

[Фуснота]

^ пас. 3 Уште неколку библиски преводи го преведуваат Јован 3:3 на овој начин. На пример, во A Literal Translation of the Bible стои: „Ако некој не се роди одозгора, не може да го види Божјето царство“.

[Слика на страница 6]

Каква е сличноста помеѓу повторното раѓање и дословното раѓање?