Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Повторно раѓање — што се постигнува со него?

Повторно раѓање — што се постигнува со него?

Повторно раѓање — што се постигнува со него?

ЗОШТО Исус го употребил изразот „се роди од... дух“ кога зборувал за крштавање со свет дух? (Јован 3:5). Кога се користи во преносна смисла, зборот „раѓање“ значи „почеток“, како што покажува изразот „раѓањето на еден народ“. Значи, изразот ‚повторно раѓање‘ укажува на еден „нов почеток“. Затоа, симболичните изрази „роден“ и „повторно раѓање“ истакнуваат дека ќе има еден нов почеток во односот помеѓу Бог и оние што се крстени со свет дух. Како настанува таа потполна промена во нивниот однос?

За да објасни како Бог подготвува луѓе да владеат од небото, апостол Павле употребил една споредба од семејниот живот. Тој им напишал на христијаните во тоа време дека ќе бидат ‚усвоени како синови‘, па затоа Бог ќе може да постапува со нив „како со синови“ (Галатите 4:5; Евреите 12:7). За да видиме како примерот со усвојувањето ни помага да сфатиме до каква промена доаѓа кога некој е крстен со свет дух, да се вратиме уште еднаш на споредбата со ученикот кој сака да се запише во училиште за ученици од одредена етничка група.

Промена што се должи на усвојувањето

Ученикот од споредбата не може да се запише во училиштето затоа што не припаѓа на бараната етничка група. Сега, замисли си дека еден ден доаѓа до една голема промена. Законски го усвојува некој човек што припаѓа на таа етничка група и сега тој човек му станува татко. Како се одразува ова врз ученикот? Па, затоа што е усвоен како син, сега може да ги има истите права како и другите ученици од таа етничка група — вклучувајќи го и правото да се запише во училиштето. Усвојувањето потполно ја променило неговата положба.

Ова ни помага да разбереме нешто многу поважно — што се случува со оние што се повторно родени. Да наведеме неколку сличности. Ученикот од споредбата ќе биде примен во училиштето само ако го исполни барањето за прием — да припаѓа на конкретната етничка група. Сепак, сам од себе не може да го задоволи тоа барање. Слично, некои луѓе ќе добијат положба во небесната влада, или Божјето Царство, но само ако го задоволат барањето за прием — да бидат ‚повторно родени‘. Меѓутоа, сами од себе не можат да го исполнат тоа барање затоа што повторното раѓање зависи од Бог.

Што ја променило положбата на ученикот? Законскиот процес на усвојување. Се разбира, тој процес не го променил карактерот на ученикот. Откако бил усвоен, тој си останал истата личност. Па сепак, откако биле задоволени законските барања за усвојување, ученикот добил нов статус. Всушност, тој имал еден нов почеток — повторно раѓање, така да се каже. Бил посинет, што му дало право да оди во училиштето и да биде дел од семејството на таткото што го усвоил.

Слично на тоа, Јехова ја променил положбата на една група несовршени луѓе со тоа што започнал една законска процедура да ги усвои како свои деца. Апостол Павле, кој припаѓал на таа група, им напишал на своите соверници: „Вие... примивте дух на посинувањето, кој нѐ поттикнува да викаме: ‚Ава, Татко!‘ Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји“ (Римјаните 8:15, 16). Да, преку процесот на усвојување, тие христијани станале дел од Божјето семејство, односно „деца Божји“ (1. Јованово 3:1; 2. Коринќаните 6:18).

Се разбира, тоа усвојување од Божја страна не го променило карактерот на усвоените лица, бидејќи тие и понатаму останале несовршени (1. Јованово 1:8). Сепак, како што понатаму објаснил Павле, откако биле исполнети законските барања за усвојување, тие добиле нов статус. Во исто време, Божјиот дух им всадил на овие усвоени синови уверување дека ќе живеат со Христос на небото (1. Јованово 3:2). Поради оваа цврста гаранција што ја добиле од светиот дух, почнале сосем поинаку да гледаат на животот (2. Коринќаните 1:21, 22). Да, тие имале еден нов почеток — повторно раѓање, така да се каже.

Во врска со Божјите усвоени синови, Библијата вели: „Ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6). Заедно со Христос, Божјите усвоени синови ќе добијат положба на цареви во Божјето Царство, односно небесна влада. Апостол Петар им рекол на своите соверници дека ќе добијат ‚наследство што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее‘, наследство кое е „зачувано на небесата“ за нив (1. Петрово 1:3, 4). Колку скапоцено наследство добиле!

Меѓутоа, оваа тема во врска со владеењето покренува едно прашање. Ако оние што се повторно родени станат цареви на небото, над кого ќе владеат? Ова прашање ќе го одговориме во следната статија.

[Слика на страница 10]

Што рекол Павле за усвојувањето?