Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата е жива дури и на мртов јазик

Библијата е жива дури и на мртов јазик

Библијата е жива дури и на мртов јазик

ВО ИЗМИНАТИТЕ неколку века изумреа барем половина од јазиците што се зборуваа во светот. Еден јазик умира кога повеќе не е мајчин јазик на некој народ. Од таа причина, латинскиот обично се дефинира како „мртов јазик“, иако масовно се изучува и сѐ уште е службен јазик на Ватикан.

Латинскиот е исто така јазик на кој биле направени некои од првите и најпознати преводи на Библијата. Можно ли е таквите преводи на еден застарен јазик да бидат „живи“ и сѐ уште да влијаат врз оние што ја читаат Библијата денес? Фасцинантната историја на таквите преводи ни помага да одговориме на тоа прашање.

Најстарите латински преводи

Латинскиот бил службениот јазик во Рим. Но, кога апостол Павле им напишал писмо на христијаните што живееле во тој град, им го напишал на грчки јазик. * Ова не претставувало никаков проблем затоа што во тоа време луѓето во Рим ги зборувале и двата јазика. Бидејќи многу жители на Рим потекнувале од источните земји во кои се зборувал грчкиот јазик, се вели дека тој град сѐ повеќе попримал грчки карактеристики. Во различни региони на Римското Царство се зборувале различни јазици, но со ширењето на ова царство се зголемувала и важноста на латинскиот јазик. Затоа, Светото писмо било преведено од грчки на латински. Изгледа дека преведувањето почнало во 2 век од н.е. во северна Африка.

Различните текстови што се преведени станале познати како Vetus Latina, или Старолатински превод. Во денешно време нема ниту еден древен манускрипт што содржи комплетен латински превод на Библијата. Изгледа дека деловите што се зачувани до ден-денес, како и деловите што ги цитирале древните писатели, покажуваат дека Vetus Latina не претставувала само едно комплетно дело. Напротив, изгледа дека е дело на неколку преведувачи што работеле независно еден од друг во различни временски периоди и на различни места. Значи, поточно е да се каже дека тоа е збирка на повеќе преводи од грчки јазик, а не дека е еден текст.

Независните потфати да се преведат делови од Библијата на латински јазик довеле до мала збрка. На крајот на 4 век од н.е., Августин сметал дека „секој човек што ќе успеел да дојде до грчки манускрипт и што си мислел дека знае нешто — макар и сосема малку — од двата јазика, почнувал да преведува“ на латински јазик. Августин и други дошле до заклучок дека имало премногу преводи и се сомневале во нивната точност.

Преводот на Ероним

Човекот што во 382 год. од н.е. се обидел да ѝ стави крај на оваа збрка од преводи бил Ероним, кој понекогаш му служел како секретар на римскиот бискуп Дамас. Овој бискуп му рекол на Ероним да го ревидира латинскиот текст на евангелијата, и Ероним ја завршил таа задача за само неколку години. Потоа почнал да го ревидира латинскиот превод на другите библиски книги.

Преводот на Ероним, кој подоцна бил наречен Вулгата, се засновал на неколку различни извори. Ероним ги превел Псалмите на темел на Септуагинтата, грчки превод на Хебрејските списи, кој бил завршен во 2 век пр.н.е. Ги ревидирал евангелијата, а исто така превел и прилично голем дел од Хебрејските списи од изворен хебрејски јазик. Останатиот дел од Библијата веројатно го ревидирале други личности. Со текот на времето, и делови од Vetus Latina влегле во составот на Вулгатата на Ероним.

Делото на Ероним во почетокот не било прифатено со раширени раце. Дури и Августин го критикувал. Сепак, лека-полека станало стандард за Библиите во еден том. Во 8 и во 9 век, изучувачи како Алкуин и Теодулф почнале да ги поправаат јазичните и текстуалните грешки што се вовлекле во преводот на Ероним поради постојаното препишување. Други, пак, го поделиле текстот на поглавја, што го олеснило читањето на Библијата. Кога било измислено печатењето со подвижни букви, преводот на Ероним бил првата отпечатена Библија.

На Концилот во Трент во 1546 год., Католичката црква првпат го нарекла Вулгата преводот што го направил Ероним. Концилот ја прогласил оваа Библија за „автентична“, по што таа станала службен превод за католиците. Во исто време, концилот побарал да се направи и ревизија. Таа требало да се врши под надзор на посебни комисии, но папата Сикст V, нестрплив да биде завршена и очигледно со малку превисоко мислење за своите способности, одлучил сам да ја заврши таа работа. Во 1590 год., набрзо откако почнало да се печати неговото ревидирано издание, тој умрел. Кардиналите веднаш го отфрлиле она што го сметале за дело полно со грешки, а потоа го повлекле од употреба.

Еден друг превод, издаден во 1592 год. со одобрување на папата Клемент VIII, со текот на времето станал познат како издание на Сикст и Клемент. Овој превод останал во службена употреба во Католичката црква прилично долго време. Освен тоа, Вулгатата на Сикст и Клемент станала и основа за католичките преводи на народен јазик, како што е преводот на Антонио Мартини на италијански, завршен во 1781 год.

Современа Библија на латински

Текстуалниот критицизам во 20 век јасно покажал дека Вулгатата, како и други преводи, треба да биде ревидирана. За таа цел, во 1965 год., Католичката црква основала една комисија која требало да изготви Нова Вулгата така што ќе го ревидира латинскиот превод врз основа на најновите сознанија. Новиот текст требало да се користи за католичките богослужби на латински јазик.

Првиот дел од овој нов превод беше објавен во 1969 год., а во 1979 год. папата Јован Павле II го одобри преводот Нова Вулгата. Првото издание го содржеше Божјето име, Иахвех, во неколку стихови, меѓу кои и 2. Мојсеева 3:15 и 6:3. Потоа, како што се изразил еден член на комисијата, во второто одобрено издание, објавено во 1986 год., ‚се покајале... и на местото на Иахвех било вратено Доминус [,Господ‘]‘.

Исто како што неколку века претходно била критикувана Вулгатата, така беше критикувана и Новата Вулгата, дури и од страна на католичките изучувачи. Иако во почетокот беше претставувана како превод со силен сехристијански призвук, многумина ја сметаа за пречка за верски дијалог, особено затоа што беше предложена како основа за преводите на денешните јазици. Во Германија, Новата Вулгата беше причина за спор помеѓу протестантите и католиците кога стана збор за ревидирање на еден превод што би го користеле и католиците и протестантите. Протестантите ги обвинија католиците дека инсистираат овој нов превод да се усогласи со Новата Вулгата.

Иако во светот повеќе не се зборува латинскиот јазик, Библијата на латински имала и директно и индиректно влијание врз милиони читатели. Ја обликувала верската терминологија на многу јазици. Меѓутоа, без оглед на јазикот на кој е преведена, Божјата реч и понатаму има голема моќ и го менува животот на милиони луѓе што послушно се трудат да живеат во склад со нејзините скапоцени учења (Евреите 4:12).

[Фуснота]

^ пас. 5 Нешто повеќе за причините зошто Христијанските списи биле напишани на грчки јазик можеш да прочиташ во статијата „Дали сте знаеле?“ на страница 13.

[Истакната мисла на страница 23]

Папата Јован Павле II ја одобри Новата Вулгата. Првото издание го содржи Божјето име Иахвех

[Рамка на страница 21]

ПРЕВЕДЕНИ ТЕРМИНИ ШТО ВЛЕГЛЕ ВО ИСТОРИЈАТА

Преводот Vetus Latina, направен од грчки јазик, содржи многу термини што подоцна влегле во историјата. Еден од нив е преводот на грчкиот збор дјати́ки, што значи „сојуз“, со зборот тестамент, или „завет“ (2. Коринќаните 3:14, Превод на МПЦ). Како резултат на овој превод, многу луѓе сѐ уште ги нарекуваат Хебрејските и Грчките списи Стариот и Новиот завет.

[Рамка на страница 23]

ДЕБАТА ОКОЛУ ЕДЕН ПРОПИС

Во 2001 год., по четиригодишен труд, Ватиканската конгрегација за богослужба и сакраменти го издаде својот пропис наречен Литургиам аутентикам (Автентична литургија). Тој беше остро критикуван од многу католички изучувачи.

Според овој пропис, бидејќи Новата Вулгата е службено издание на црквата, треба да се користи како основа за сите други преводи, дури и ако се разликува од она што стои во древните оригинали. Само со повинување на овој пропис може една Библија да биде прифатена од католичката хиерархија. Овој пропис наложува во католичките преводи „името на семоќниот Бог изразено со хебрејскиот тетраграм (ЈХВХ)“ да се преведе на „кој и да е јазик со збор што има исто значење“ со Доминус, или „Господ“, како што е направено во второто издание на Новата Вулгата — иако во првото издание е користено името „Иахвех“. *

[Фуснота]

[Слика на страница 22]

Библијата на латински што ја превел Алкуин, 800 од н.е.

[Извор на слика]

Од Paléographìe latine, од F. Steffens (www.archivi.beniculturali.it)

[Слики на страница 22]

Вулгатата на Сикст и Клемент, 1592

[Слики на страница 23]

2. Мојсеева 3:15, Нова Вулгата, 1979

[Извор на слика]

© 2008 Libreria Editrice Vaticana