Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали има судбина?

Дали има судбина?

Читателите прашуваат

Дали има судбина?

Некои велат дека судбината ни го одредила денот на смртта. Други велат дека Бог лично одлучува кога ни е време да умреме. Тие луѓе сметаат и дека не можат да се избегнат некои пресудни настани во животот. Дали и ти мислиш така?

Можеби некогаш се прашуваш: ‚Ако не можеме да направиме ништо за да си ја смениме судбината, ако Бог или судбината веќе го одредиле крајот на некоја работа, каква логика има да се молиме? И ако судбината ни е веќе одредена, зошто да внимаваме на безбедноста? Зошто да ставаме појас кога се возиме во автомобил? Или, зошто да не пиеме кога возиме?‘

Библијата воопшто не го оправдува таквото несовесно однесување. Наместо да рече дека сѐ е во рацете на судбината, Библијата им заповедала на Израелците да внимаваат на безбедноста. На пример, им било заповедано секој да направи ниска ограда околу рамниот покрив на својата куќа. Целта била да се спречи некој случајно да падне од покривот. Но, дали Бог би дал таква заповед ако некому му било пишано да падне од покрив и да умре? (5. Мојсеева 22:8).

Што да се каже за оние што умираат во природни катастрофи или во други трагични настани врз кои немаат никаква контрола? Дали им е однапред пишано кога ќе умрат? Не. Библискиот писател Соломон нѐ уверува дека „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ од нас (Проповедник 9:11). Затоа, колку и да се чудни или неверојатни околностите, трагичните настани не се однапред одредени.

Меѓутоа, некои сметаат дека овие зборови што ги кажал Соломон се во спротивност со она што го рекол претходно: „Сѐ си има свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време: време за раѓање и време за умирање“ (Проповедник 3:1, 2). Но, дали Соломон овде навистина го поткрепува верувањето во судбина? Да ги разгледаме малку подетално овие зборови.

Соломон не сакал да каже дека денот на нечие раѓање и смрт е пишан однапред. Наместо тоа, сакал да каже дека раѓањето и смртта, како и многу други работи во животот, се еден непрекинат круг. Се разбира, во животот ќе има и убави и неубави моменти. „Има... време за плачење и време за смеење“, рекол Соломон. Ваквото неизбежно секојдневие и непредвидени неволји, како што покажува Соломон, се вообичаени во животот и му се случуваат на ‚сѐ под небото‘ (Проповедник 3:1-8; 9:11, 12). Затоа, на крајот дошол до заклучок дека не треба толку да се преокупираме со секојдневните работи што ќе заборавиме на нашиот Творец (Проповедник 12:1, 13).

Иако нашиот Творец потполно ги разбира животот и смртта, тој нѐ ни ја пишува судбината. Библијата учи дека Бог им нуди на сите вечен живот. Но, тој нѐ не тера со сила да го прифатиме тој дар. Наместо тоа, неговата Реч вели: „Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17).

Да, мора да сакаме ‚да земеме од водата на животот‘. Значи, нашата иднина не е во рацете на судбината, туку потполно зависи од нашите одлуки, ставови и постапки.