Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ватикан сака да ја укине употребата на Божјето име

Ватикан сака да ја укине употребата на Божјето име

Ватикан сака да ја укине употребата на Божјето име

РИМОКАТОЛИЧКАТА хиерархија сака да ја укине употребата на Божјето име во црковните богослужби. Минатата година, Ватиканската конгрегација за богослужба и сакраменти испрати документ со прописи во врска со ова до сите католички бискупски конференции во целиот свет. Овој чекор беше преземен „по налог“ на папата.

Во овој документ, со датум од 29 јуни 2008 год., беше осудено тоа што, и покрај прописите да се постапи спротивно, „во последниве години се вовлекол обичај да се изговара личното име на Богот на Израел, познато како свет или божествен тетраграм, напишано со четири согласки на хебрејската азбука во обликот יהוה, ЈХВХ“. Овој документ наведува дека Божјето име било пренесувано различно, како „Јахвех“, „Јахве“, „Јаве“, „Јехова“ итн. * Меѓутоа, налогот од Ватикан е обид повторно да се воведе традиционалниот католички став. Тоа значи дека тетраграмот треба да се замени со „Господ“. Освен тоа, во католичките богослужби, црковни песни и молитви, Божјето име „ЈХВХ не треба да се користи ниту да се изговара“.

Како поткрепа за ваквиот став, документот што го издаде Ватикан се повикува на „прастарата традиција“ на католицизмот. Во налогот се тврди дека, дури и во Септуагинтата, превод на Хебрејските списи што бил направен уште пред појавата на христијанството, Божјето име секогаш се пренесувало со Ки́риос, грчки збор за „Господ“. Од таа причина, како што категорично стои во налогот, „ни првите христијани не го изговарале божествениот тетраграм“. Меѓутоа, со оваа изјава се игнорираат цврстите докази за спротивното. Во раните примероци на Септуагинтата не се користел зборот Ки́риос, туку Божјето име во обликот יהוה. Христовите следбеници од 1 век го знаеле и го изговарале Божјето име. Во една молитва до својот Татко, и самиот Исус рекол: „Го објавив твоето име“ (Јован 17:26). А во својата позната молитва Оченаш, Исус нѐ поучил како да се молиме: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9).

Сите христијани треба да имаат силна желба да се посвети Божјето име. Обидите на Ватикан да се укине употребата на ова име не му служат на чест на Јехова, оној што рекол: „Тоа е моето име за навек и тоа е мојот спомен од поколение до поколение“ (2. Мојсеева 3:15).

[Фуснота]

^ пас. 3 Во многу јазици, обликот „Јехова“ со векови е општо прифатен и се користи во многу библиски преводи.

[Истакната мисла на страница 30]

„Тоа е моето име за навек“ (2. Мојсеева 3:15)

[Слика на страница 30]

Фрагмент од „Септуагинтата“ што датира од 1 век од н.е. Божјето име, претставено со четирите хебрејски букви кои обично се транслитерираат како ЈХВХ, е заокружено

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Egypt Exploration Society