Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да го цениме Поголемиот Мојсеј

Да го цениме Поголемиот Мојсеј

Да го цениме Поголемиот Мојсеј

„Јехова Бог ќе ви подигне меѓу вашите браќа пророк како што сум јас. Него слушајте го!“ (ДЕЛА 3:22)

1. Каков белег оставил Исус Христос врз историјата?

 ПРЕД две илјади години, кога се родило едно машко дете, мноштво ангели го фалеле Бог во песна, а некои овчари ги чуле (Лука 2:8-14). Триесет години подоцна, тоа дете, сега веќе возрасен човек, започнал со својата служба која, иако траела само три и пол години, претставувала пресвртница во историјата. Филип Шаф, познат историчар од 19 век, го напишал следново за овој млад човек: „И покрај тоа што самиот не напишал ниту еден ред, со своите зборови и постапки ги инспирирал перата на многу писатели и дал теми за безброј проповеди, говори, дискусии, книги, уметнички дела и песни на фалба. Неговото влијание во овој поглед било посилно од севкупното влијание на сите други значајни луѓе што некогаш живееле“. Се разбира, овој извонреден млад човек бил Исус Христос.

2. Што кажал апостол Јован за Исус и за Неговата служба?

2 Апостол Јован напишал извештај за службата на Исус и на крајот го дал следниов заклучок: „Има и многу други работи што ги направи Исус, и кога би се запишале сите поединости, мислам дека ниту целиот свет не би можел да ги собере свитоците што би се напишале“ (Јован 21:25). Јован знаел дека може да запише само дел од сето она што Исус го рекол и го направил во текот на тие значајни три и пол години. Сепак, историските настани кои се опишани во Јовановото евангелие се од огромна важност.

3. Како можеме уште подобро да ја разбереме улогата што ја има Исус во Божјата намера?

3 Освен четирите важни извештаи во евангелијата, има и други места во Библијата кои откриваат детали за животот на Исус што ни ја зајакнуваат верата. На пример, библиските извештаи за некои верни лица кои живееле пред Исус содржат информации што ни помагаат уште подобро да разбереме каква улога има Исус во Божјата намера. Да разгледаме некои од нив.

Верни мажи кои биле претслика на Христос

4, 5. Кој бил претслика на Исус, и во кој поглед?

4 Јован и другите тројца писатели на евангелијата укажуваат дека Мојсеј, Давид и Соломон биле претслика на Исус во улогата на Божји Помазаник и иден Цар. Во која смисла тие древни слуги на Бог го предочувале Исус, и што можеме да научиме од извештаите за нив?

5 Накратко, Библијата ни кажува дека Мојсеј бил пророк, посредник и избавител. И Исус е пророк, посредник и избавител. Давид бил пастир и цар кој ги победил непријателите на Израел. И Исус е пастир и победоносен цар (Езек. 37:24, 25). Додека сѐ уште бил верен, Соломон бил мудар владетел и под неговото царување Израел живеел во мир (1. Цар. 4:25, 29). И Исус е неизмерно мудар и наречен е „Кнез на Мирот“ (Иса. 9:6). Според тоа, јасно е дека Исус Христос имал слична улога како и тие мажи во минатото. Сепак, тој има многу поважно место во Божјата намера. Но, најпрво да го споредиме Исус со Мојсеј и да видиме како тоа ќе ни помогне уште подобро да ја разбереме Неговата улога во Божјата намера.

Мојсеј — претслика на Исус

6. Како апостол Петар објаснил зошто луѓето мора да го слушаат Исус?

6 Кратко по Педесетница 33 год. од н.е., апостол Петар цитирал едно пророштво од Мојсеј кое се исполнило на Исус Христос. Петар стоел во храмот пред едно мноштво Евреи, кои ‚биле зачудени‘ кога тој и Јован излекувале еден човек сакат од раѓање, па затоа поитале да видат што се случува. Петар им објаснил дека ова чудо било резултат на Јеховиниот свет дух кој дејствувал преку Исус Христос. Потоа, цитирајќи од Хебрејските списи, тој рекол: „Всушност, Мојсеј рече: ‚Јехова Бог ќе ви подигне меѓу вашите браќа пророк како што сум јас. Него слушајте го во сѐ што ќе ви зборува!‘“ (Дела 3:11, 22, 23; прочитај 5. Мојсеева 18:15, 18, 19).

7. Зошто оние кои го слушале Петар можеле да разберат за кого зборува кога го спомнал пророкот поголем од Мојсеј?

7 Веројатно тие зборови на Мојсеј им биле познати на оние што го слушале Петар. Како Евреи, овие луѓе многу го почитувале Мојсеј (5. Мој. 34:10). Тие со нетрпение го очекувале доаѓањето на пророкот поголем од Мојсеј. Тој пророк требало да докаже дека е Божји помазаник, но не само како што бил Мојсеј, туку токму Месијата, „Христос Божји, Избраникот“ на Јехова (Лука 23:35; Евр. 11:26).

Сличности меѓу Исус и Мојсеј

8. Кои сличности постојат меѓу животот на Мојсеј и животот на Исус?

8 Во некои аспекти, животот на Исус на Земјата бил сличен на животот на Мојсеј. На пример, и Мојсеј и Исус биле спасени како бебиња за да не бидат убиени од тирански владетели (2. Мој. 1:22 — 2:10; Мат. 2:7-14). Освен тоа, и двајцата биле ‚повикани од Египет‘. Пророкот Осија ги запишал следниве зборови на Јехова: „Кога Израел беше дете, јас го сакав, и од Египет го повикав својот син“ (Оси. 11:1). Овде Осија укажувал на времето кога Јехова го извел „својот син“ — израелскиот народ — од Египет, предводен од Мојсеј, водачот кој бил поставен од Бог (2. Мој. 4:22, 23; 12:29-37). Сепак, зборовите на Осија не укажувале само на овој настан во минатото туку и на нешто кое требало да се случи во иднина. Неговите зборови биле пророштво кое се исполнило по смртта на цар Ирод, кога Јосиф и Марија се вратиле од Египет заедно со Исус (Мат. 2:15, 19-23).

9. а) Кои чуда ги направиле Мојсеј и Исус? б) Наведи некои други сличности меѓу Исус и Мојсеј. (Види ја рамката  „Други сличности меѓу Исус и Мојсеј“, на 26. страница.)

9 Исто така, и Мојсеј и Исус правеле чуда со што покажале дека ја имаат поддршката од Јехова. Всушност, Мојсеј е првиот човек за кого постои пишан запис дека правел чуда (2. Мој. 4:1-9). Дел од тие чуда на некој начин биле поврзани со вода, на пример, кога на негова заповед водите на реката Нил и нејзините мочуришта се претвориле во крв, кога Црвеното Море се разделило, и кога протекла вода од една карпа во пустината (2. Мој. 7:19-21; 14:21; 17:5-7). И Исус правел чуда поврзани со вода. Уште при своето прво чудо, на една свадбена гозба, тој претворил вода во вино (Јован 2:1-11). Подоцна, го смирил разбрануваното Галилејско Море. А еднаш дури и одел по вода! (Мат. 8:23-27; 14:23-25). Во  рамката на 26. страница можеш да прочиташ за уште некои сличности меѓу Мојсеј и Поголемиот Мојсеј, Исус.

Улогата на Христос како Пророк

10. Што прави еден вистински пророк, и зошто Мојсеј бил таков пророк?

10 Кога ќе се спомне зборот „пророк“, повеќето луѓе помислуваат на некој што ја претскажува иднината. Но, тоа е само еден дел од одговорноста што ја има пророкот. Еден вистински пророк е, всушност, гласник на Јехова, некој кој ги објавува „величествените Божји дела“ (Дела 2:11, 16, 17). Меѓу другото, неговото пророкување може да вклучува претскажување на идни настани, откривање на различни аспекти на Јеховината намера или објавување на Божјите судови. Мојсеј бил таков пророк. Тој ги претскажал една по една сите десет неволји што го погодиле Египет. Исто така, им го пренел на Израелците Сојузот на законот кај планината Синај. И, го поучил народот за Божјата волја. Сепак, еден ден требало да дојде пророк поголем од него.

11. Како Исус ја исполнил улогата на пророк поголем од Мојсеј?

11 Подоцна, во првиот век пр.н.е., Захарија исто така имал улога на пророк кога открил каква намера има Бог со неговиот син, Јован (Лука 1:76). Тој син станал познат како Јован Крстител, кој го објавил доаѓањето на долгоочекуваниот пророк поголем од Мојсеј — Исус Христос (Јован 1:23-36). Како пророк, Исус претскажал многу работи. На пример, тој зборувал за својата смрт и претскажал како ќе умре, каде ќе умре и кој ќе го погуби (Мат. 20:17-19). На изненадување на оние што го слушале, Исус исто така го прорекол и уништувањето на Ерусалим и на неговиот храм (Мар. 13:1, 2). Тој дал пророштва што се исполнуваат дури до нашево време (Мат. 24:3-41).

12. а) На кој начин Исус го поставил темелот за едно меѓународно проповедничко дело? б) Како го следиме примерот на Исус денес?

12 Освен што претскажал што ќе се случува во иднина, Исус бил и проповедник и учител. Тој ја проповедал добрата вест за Божјето Царство, и никој друг не зборувал со поголема смелост од него (Лука 4:16-21, 43). Како учител, му немало рамен. „Никој никогаш не зборувал така“, рекле некои од оние што го слушале (Јован 7:46). Исус горливо се трудел да ја шири добрата вест и во своите следбеници всадил иста таква ревност за Царството. На тој начин, го поставил темелот за едно меѓународно дело на проповедање и поучување што се врши до ден-денес (Мат. 28:18-20; Дела 5:42). Минатата година, околу седум милиони следбеници на Христос потрошија речиси 1,5 милијарда часови проповедајќи ја добрата вест за Царството и поучувајќи ги заинтересираните за библиските вистини. Дали и ти даваш сѐ од себе во ова проповедничко дело?

13. Што ќе ни помогне „да бдееме“?

13 Нема сомнение, Јехова го исполнил пророштвото дека ќе подигне пророк сличен на Мојсеј. Како овој факт влијае врз тебе? Дали уште повеќе те уверува дека ќе се исполнат и Божјите пророштва кои се однесуваат на нашата блиска иднина? Ако размислуваме за примерот на Поголемиот Мојсеј, навистина ќе бидеме поттикнати „да бдееме и да бидеме трезвени“ во поглед на она што Бог ќе го направи наскоро (1. Сол. 5:2, 6).

Цени го Христос како Посредник

14. Во која смисла Мојсеј бил посредник меѓу Израелците и Бог?

14 Исто како Мојсеј, и Исус бил посредник. Посредникот служи како мост меѓу две страни. Мојсеј бил посредник на сојузот на Законот што Јехова го склучил со Израелците. Ако синовите на Јаков ги држеле Божјите закони, ќе останеле Божја посебна сопственост, негово собрание (2. Мој. 19:3-8). Тој сојуз бил на сила од 1513 год. пр.н.е до првиот век од н.е.

15. Во која смисла Исусовата улога на посредник е позначајна од онаа на Мојсеј?

15 Во 33 год. од н.е., Јехова склучил подобар сојуз со новиот Израел, „Израелот Божји“, кој станал едно меѓународно собрание составено од помазани христијани (Гал. 6:16). Во сојузот чиј посредник бил Мојсеј, Бог напишал некои закони на камен, но сојузот чиј посредник е Исус е многу позначаен. Законите од овој нов сојуз Бог ги впишува во човечките срца. (Прочитај 1. Тимотеј 2:5; Евреите 8:10.) Според тоа, сега „Израелот Божји“ е Негова посебна сопственост, ‚народ кој ги донесува плодовите‘ на месијанското Царство (Мат. 21:43). Членовите на овој духовен народ се учесници во новиот сојуз. Сепак, од него нема да извлечат корист само тие. Неброени мноштва луѓе, дури и мнозина што сега се мртви, ќе добијат вечни благослови благодарение на овој неспоредлив сојуз.

Цени го Христос како Избавител

16. а) На кој начин Јехова го употребил Мојсеј да го избави Израел? б) Според 2. Мојсеева 14:13, кој е Изворот на спасението?

16 Последната ноќ пред излегувањето од Египет, некои Израелци биле во голема опасност. Наскоро над египетската земја требало да помине Божји ангел и да ги убие сите првородени. Јехова му рекол на Мојсеј дека првородените на Израел ќе бидат спасени само ако Израелците земат од крвта на пасхалното јагне и со неа ги попрскаат довратниците и надвратникот на влезната врата од своите куќи (2. Мој. 12:1-13, 21-23). Така и се случило. Подоцна, пак, целиот народ се нашол во сериозна опасност. Израелците биле фатени во стапица меѓу Црвеното Море и египетските бојни коли кои им биле зад петици. Јехова уште еднаш ги избавил преку Мојсеј, кој со чудо ги разделил водите на морето (2. Мој. 14:13, 21).

17, 18. Во кој поглед Исус е поголем избавител од Мојсеј?

17 Иако ова било големо избавување, избавувањето што Јехова го дава преку Исус е уште поголемо. Благодарение на Исус, послушните луѓе можат да бидат избавени од ропството на гревот (Рим. 5:12, 18). Тоа е „вечно избавување“ (Евр. 9:11, 12). Името Исус значи „Јехова е спасение“. Исус, како наш Избавител, или Спасител, не само што нѐ спасува од гревовите што сме ги правеле во минатото, туку ни го отвора и патот кон подобра иднина. Со тоа што ги избавува од ропството на гревот, Исус ги спасува своите следбеници од Божјиот гнев и им овозможува да станат блиски пријатели со Јехова (Мат. 1:21).

18 Избавувањето од гревот што ни го дава Исус, на крајот ќе ни донесе и слобода од неговите тешки последици — од болестите па дури и од смртта. За да си претставиме што ќе значи ова, да се потсетиме што се случило кога Исус отишол во куќата на еден човек по име Јаир, чија 12-годишна ќерка починала. Исус го смирил Јаир велејќи му: „Не плаши се! Само верувај, и таа ќе биде спасена!“ (Лука 8:41, 42, 49, 50). Како потврда на она што го рекол, тој го подигнал девојчето од мртвите! Можеш ли да си замислиш колку биле среќни нејзините родители? Тогаш, донекаде можеш да си ја замислиш неописливата радост што ќе ја чувствуваме кога „сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ кога тој ќе ги воскресне (Јован 5:28, 29). Исус навистина е нашиот Спасител, нашиот Избавител! (Прочитај Дела 5:31; Тит 1:4; Отк. 7:10.)

19, 20. а) Како влијае врз нас тоа што размислуваме за улогата на Исус како Поголемиот Мојсеј? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Бидејќи знаеме дека можеме да им помогнеме на луѓето да бидат меѓу оние што Исус ќе ги избави, ние сме поттикнати да им проповедаме и да им помогнеме да станат негови ученици (Иса. 61:1-3). Освен тоа, ако размислуваме за улогата што Исус ја има како Поголемиот Мојсеј, ќе се зајакне нашата доверба дека тој ќе ги избави своите следбеници и кога ќе дојде да изврши суд над злите (Мат. 25:31-34, 41, 46; Отк. 7:9, 14).

20 Да, Исус е Поголемиот Мојсеј. Тој направил многу чуда што Мојсеј никогаш не би можел да ги направи. Она што Исус го кажал како пророк и она што го направил како посредник влијае врз целото човечко семејство. Како Избавител, Исус нема да им донесе само привремено туку вечно избавување на луѓето. Но, можеме уште многу да научиме за Исус од верните мажи што живееле во минатото. Во следната статија ќе видиме во која смисла тој е Поголемиот Давид и Поголемиот Соломон.

Можеш ли да објасниш?

Во која смисла Исус е поголем од Мојсеј како

• пророк?

• посредник?

• избавител?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 26]

  Други сличности меѓу Исус и Мојсеј

◻ И двајцата се одрекле од висока положба за да му служат на Јехова и на Неговиот народ (2. Кор. 8:9; Фил. 2:5-8; Евр. 11:24-26)

◻ И двајцата служеле како помазаници избрани од Јехова (Мар. 14:61, 62, фус.; Јован 4:25, 26; Евр. 11:26)

◻ И двајцата дошле во Јеховино име (2. Мој. 3:13-16; Јован 5:43; 17:4, 6, 26)

◻ И двајцата биле кротки (4. Мој. 12:3; Мат. 11:28-30)

◻ И двајцата биле употребени за да се нахранат многу луѓе (2. Мој. 16:12; Јован 6:48-51)

◻ И двајцата служеле како судии и законодавци (2. Мој. 18:13; Мал. 4:4; Јован 5:22, 23; 15:10)

◻ И двајцата биле поставени да управуваат со Божјиот дом (4. Мој. 12:7; Евр. 3:2-6)

◻ И двајцата се опишани како верни сведоци на Јехова (Евр. 11:24-29; 12:1; Отк. 1:5)

◻ По смртта на Мојсеј и на Исус, Бог ги отстранил нивните тела (5. Мој. 34:5, 6; Лука 24:1-3; Дела 2:31; 1. Кор. 15:50; Јуда 9)