Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да го следиме Христос?

Зошто да го следиме Христос?

Зошто да го следиме Христос?

„Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе... и нека појде по мене“ (ЛУКА 9:23)

1, 2. Зошто е важно да разгледаме од кои причини треба да го следиме „Христос“?

 КОЛКУ мора да се радува Јехова кога во мноштвото свои слуги на Земјата ве гледа и вас, драги млади и драги интересенти! Додека ја проучувате Библијата, редовно доаѓате на христијанските состаноци и сѐ повеќе ја запознавате животодавната вистина од Божјата реч, треба да обрнете внимание на Исусовиот повик: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и секој ден нека го зема својот маченички столб и нека појде по мене“ (Лука 9:23). Исус вели дека треба да се одречеш од себе и да станеш негов следбеник. Затоа, многу е важно да разгледаме зошто да го следиме „Христос“ (Мат. 16:13-16).

2 Но, што значи ова за нас кои веќе одиме по стапките на Исус Христос? Поттикнати сме ‚уште повеќе да напредуваме во тоа‘ (1. Сол. 4:1, 2). Без разлика дали сме ја прифатиле вистината неодамна или пред многу години, ако размислиме зошто треба да го следиме Христос, тоа ќе ни помогне да го послушаме советот на Павле и во сѐ да одиме по стапките на Христос. Да разгледаме пет причини зошто треба да го следиме Христос.

За да станеме поблиски со Јехова

3. На кои два начина можеме да го запознаеме Јехова?

3 Кога им се обратил на Атињаните „среде Ареопагот“, апостол Павле рекол: „[Бог] ги одреди времињата и ги постави границите на нивното живеење, за да го бараат Бог, и некако да го напипаат и да го најдат, иако не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:22, 26, 27). Ние можеме да го бараме Бог и добро да го запознаеме. На пример, созданијата многу кажуваат за тоа какви особини и способности има Бог. Кога со благодарност размислуваме за неговите творби, можеме да научиме многу за Творецот (Рим. 1:20). Јехова ни открил детали за себе и во својата пишана Реч, Библијата (2. Тим. 3:16, 17). Колку повеќе ‚размислуваме за сите негови дела‘ и ‚се зафаќаме со неговите постапки‘, толку подобро го запознаваме (Пс. 77:12).

4. Како ќе станеме уште поблиски со Јехова ако одиме по Христовите стапки?

4 Друг одличен начин уште подобро да го запознаеме Јехова е да го следиме Христос. Само размисли колкава слава имал Исус додека бил покрај својот Татко „пред да настане светот“! (Јован 17:5). Исус е „почетокот на Божјите дела на создавање“ (Отк. 3:14). Бидејќи е „првороден од сѐ што е создадено“, тоа значи дека живеел неизмерно долго на небото со својот Татко, Јехова. Како духовно суштество, Исус поминувал многу време со својот Татко, но правел и повеќе од тоа. Тој му бил личен пријател на Бог, и додека радосно работел со Семоќниот, меѓу нив се развила најцврстата можна врска на љубов. Исус не само што набљудувал како постапува неговиот Татко и какви чувства и особини има, туку и го впивал и го попримал она што го учел од него. Како резултат на тоа, овој послушен Син станал ист како својот Татко — толку сличен што Библијата за него вели дека е „сликата на невидливиот Бог“ (Кол. 1:15). Значи, ако во сѐ одиме по Христовите стапки, ќе станеме уште поблиски со Јехова.

За да бидеме послични на Јехова

5. Што ќе ни помогне да се угледаме на Јехова, и зошто?

5 Ние сме ‚направени според Божјиот лик, слични на него‘, што значи дека имаме потенцијал да ги покажуваме неговите особини (1. Мој. 1:26). Апостол Павле ги поттикнал христијаните ‚да се угледаат на Бог, како негови љубени деца‘ (Еф. 5:1). Кога го следиме Христос, полесно можеме да се угледаме на нашиот небесен Татко. Причината за тоа е што никој друг не бил посличен на Бог во однос на размислувањата, чувствата и особините, и никој друг не поучувал појасно за Јехова. Кога бил на Земјата, Исус не само што го објавувал името на Јехова туку покажал и каква е личноста што го носи тоа име. (Прочитај Матеј 11:27.) Ова го правел и со збор и на дело — и со своите учења и со својот пример.

6. Што откриваат за Јехова учењата на Исус?

6 Со своите учења, Исус покажал што бара Бог од нас и што чувствува кон своите слуги (Мат. 22:36-40; Лука 12:6, 7; 15:4-7). На пример, откако цитирал една од Десетте заповеди — „не врши прељуба“ — Исус го објаснил Божјето гледиште за она што се случува во срцето на еден човек долго пред да направи прељуба. Тој рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (2. Мој. 20:14; Мат. 5:27, 28). Фарисеите погрешно толкувале една изјава од Законот, велејќи: „Сакај го својот ближен и мрази го својот непријател“, но Исус јасно ставил до знаење како гледа Јехова на оваа работа. Тој рекол: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Мат. 5:43, 44; 2. Мој. 23:4; 3. Мој. 19:18). Ако подобро разбереме како размислува Бог и што очекува од нас, тоа многу ќе ни помогне уште подобро да го следиме неговиот пример.

7, 8. Што учиме за Јехова од животот на Исус?

7 И со својот живот, Исус покажал каков е неговиот Татко. Кога читаме во евангелијата дека Исус се сожалувал над сиромашните, сочувствувал со оние што страдале, дека се налутил кога неговите ученици ги прекорувале децата, зарем тоа не ни покажува дека и Таткото ги има истите чувства? (Мар. 1:40-42; 10:13, 14; Јован 11:32-35). Размисли како постапките на Исус ни помагаат да ги разбереме главните особини на Бог. Зарем чудата што Христос ги направил не ни покажуваат колкава моќ имал на располагање? Сепак, тој никогаш не ја искористил таа моќ за лична корист или за да им наштети на другите (Лука 4:1-4). Колку очигледно било неговото чувство за правда кога ги исфрлил алчните трговци од храмот! (Мар. 11:15-17; Јован 2:13-16). Неговите учења и привлечните зборови што ги користел за да допре до срцата на луѓето јасно покажуваат дека бил „поголем од Соломон“ во мудроста (Мат. 12:42). А што да кажеме за љубовта што ја покажал кога го дал својот живот за другите, освен дека „никој нема поголема љубов од оваа“? (Јован 15:13).

8 Божјиот Син толку добро го претставил Јехова со сѐ што рекол и направил што можел да каже: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“. (Прочитај Јован 14:9-11.) Според тоа, да го следиме Христос е исто како да го следиме Јехова.

Исус е Јеховиниот Помазаник

9. Кога и како Исус станал Божји Помазаник?

9 Размисли за она што се случило есента 29 год. од н.е., кога 30-годишниот Исус дошол кај Јован Крстител. „Кога се крсти, Исус веднаш се крена од водата. И гледај, небесата се отворија, и Јован виде како Божјиот дух слегува како гулаб и доаѓа на Исус.“ Во тој миг Исус станал Христос, или Месија. Тогаш и самиот Јехова објавил дека Исус е неговиот Помазаник, велејќи: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Мат. 3:13-17). Тоа е навистина добра причина да го следиме Христос!

10, 11. а) Како се користи титулата „Христос“ за Исус? б) Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да го следиме Исус Христос?

10 Во Библијата, титулата „Христос“ се користи за Исус на различни начини. Тој е наречен Исус Христос, Христос Исус и Христос. Најпрвин самиот тој го употребил изразот „Исус Христос“ — прво името па титулата. Во една молитва до својот Татко, тој рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). На овој начин, вниманието се насочува на оној кого Бог го испратил и кој станал негов Помазаник. Кога титулата стои пред името, како во „Христос Исус“, акцентот се префрла од личноста на положбата што ја има (2. Кор. 4:5). Кога се користи само титулата „Христос“, повторно се нагласува улогата што Исус ја има како Месија (Мат. 16:16).

11 Сеедно како се користи титулата „Христос“ за Исус, таа истакнува еден важен факт: Иако Божјиот Син дошол на Земјата како човек и ја објавувал волјата на својот Татко, тој не бил ниту обичен човек ниту само пророк. Тој бил Јеховиниот Помазаник. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да го следиме.

Исус е единствениот пат што води до спасение

12. Кои зборови што Исус му ги кажал на апостолот Тома се важни и за нас?

12 Друга важна причина зошто треба да го следиме Месијата се наоѓа во зборовите што Исус им ги кажал на своите верни апостоли само неколку часа пред да умре. Кога им рекол дека ќе оди и ќе им приготви место и ним, Тома му поставил едно прашање на кое Исус му одговорил: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:1-6). Во таа прилика Исус им зборувал на 11-те верни апостоли, на кои им ветил место на небото. Но неговите зборови се важни и за оние што имаат надеж дека ќе добијат вечен живот на Земјата (Отк. 7:9, 10; 21:1-4). Зошто може да се каже ова?

13. Во која смисла Исус е „патот“?

13 Исус Христос е „патот“. Тоа значи дека тој е единствениот преку кого можеме да му пристапиме на Бог. Ова се однесува на молитвата, зашто само ако се молиме преку Исус можеме да бидеме сигурни дека Таткото ќе ни даде што и да побараме во склад со Неговата волја (Јован 15:16). Но, Исус е „патот“ и во друга смисла. Луѓето се отуѓиле од Бог поради гревот (Иса. 59:2). Исус го дал „својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Библијата објаснува кој е резултатот од тоа: „Крвта на Исус... нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јов. 1:7). Со овој чин, Синот ни овозможил да се помириме со Бог (Рим. 5:8-10). Само ако имаме вера во Исус и ако сме му послушни, можеме да бидеме блиски со Бог (Јован 3:36).

14. Во која смисла Исус е „вистината“?

14 Исус е „вистината“ не само затоа што секогаш ја зборувал вистината и живеел според неа, туку и затоа што сите пророштва запишани за Месијата — а ги има многу — се обистиниле на него. Апостол Павле напишал: „Колку и да има Божји ветувања, преку него станаа ‚да‘“ (2. Кор. 1:20). Дури и она што било само „сенка на идните благослови“, која се наоѓала во Мојсеевиот закон, станало стварност преку Христос Исус (Евр. 10:1; Кол. 2:17). Сите пророштва се концентрираат на Исус и ни помагаат да разбереме колку важна улога има тој во исполнувањето на Јеховината намера (Отк. 19:10). За да имаме корист од исполнувањето на она што Бог го замислил за нас, треба да го следиме Месијата.

15. Во која смисла Исус е „животот“?

15 Исус е „животот“ затоа што ги купил луѓето со својата крв, а вечниот живот е дар што Бог го дава „преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 6:23). Исус е „животот“ и за оние што умреле (Јован 5:28, 29). Освен тоа, замисли што ќе направи како Првосвештеник во текот на своето илјадагодишно владеење — засекогаш ќе ги избави од гревот и од смртта своите поданици на Земјата! (Евр. 9:11, 12, 28).

16. Од кои причини треба да го следиме Исус?

16 Значи, одговорот што Исус му го дал на Тома има големо значење за нас. Исус е патот и вистината и животот. Тој е оној кого Бог го испратил во светот за светот да се спаси преку него (Јован 3:17). И никој не доаѓа кај Таткото освен преку него. Библијата јасно кажува: „Во никој друг нема спасение, зашто нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое можеме да се спасиме“ (Дела 4:12). Според тоа, без разлика на што сме биле поучени порано, мудро е да веруваме во Исус, да го следиме и така да добиеме живот (Јован 20:31).

Имаме заповед да го слушаме Христос

17. Зошто е важно да го слушаме Божјиот Син?

17 Петар, Јован и Јаков биле сведоци на преобразувањето на Исус. Во таа прилика чуле глас од небото како вели: „Ова е мојот Син, избраникот! Него слушајте го!“ (Лука 9:28, 29, 35). Многу е важно да бидеме послушни на заповедта да го слушаме Месијата. (Прочитај Дела 3:22, 23.)

18. Што значи да го слушаме Исус Христос?

18 Да го слушаме Исус значи ‚да го впериме погледот во него, добро да го погледнеме‘ (Евр. 12:2, 3). Затоа, треба „да му обрнеме посебно внимание на она што“ го читаме за него во Библијата и во публикациите што ги добиваме од „верниот и разборит роб“, како и на она што го слушаме за него на христијанските состаноци (Евр. 2:1; Мат. 24:45). Спремно да го слушаме и да го следиме нашиот Пастир, Исус (Јован 10:27).

19. Што ќе ни помогне да го следиме Христос?

19 Можно ли е да одиме по Исус, макар што и да ни се случи во животот? Да, можеме ако и понатаму се држиме за „здравите зборови“ и ако го применуваме она што го учиме „со вера и љубов, кои се во Христос Исус“ (2. Тим. 1:13).

Што научи?

• Зошто ќе станеме поблиски со Јехова ако го следиме Христос?

• Зошто може да се каже дека кога го следиме Христос е исто како да го следиме Јехова?

• Во која смисла Исус е „патот и вистината и животот“?

• Зошто треба да го слу

[Прашања]

[Слика на страница 29]

Во учењата на Исус се гледаат возвишените мисли на Јехова

[Слика на страница 30]

Мораме верно да го следиме Јеховиниот Помазаник

[Слика на страница 32]

Јехова рекол: „Ова е мојот Син... Него слушајте го!“

шаме Јеховиниот Помазаник?