Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зборувај му ја вистината на својот ближен

Зборувај му ја вистината на својот ближен

Зборувај му ја вистината на својот ближен

„Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (ЕФ. 4:25)

1, 2. Како гледаат на вистината многу луѓе?

 СО ВЕКОВИ, вистината е тема на разни полемики. Во 6 век пр.н.е., грчкиот поет Алкеј рекол: „Во виното е вистината“. Со тоа сакал да каже дека вистината се открива дури откако човек ќе испие малку повеќе вино и затоа е порасположен за зборување. И Понтиј Пилат, римски управител од првиот век, имал погрешно мислење за вистината. Тоа се гледа од подбивното прашање што му го поставил на Исус: „Што е вистина?“ (Јован 18:38).

2 И денес има многу противречни мислења во врска со вистината. Многу луѓе велат дека зборот „вистина“ има различни нијанси во значењето или дека вистината зависи од човек до човек. Други ја кажуваат вистината само кога тоа ним им одговара или им оди во прилог. Во една книга во врска со лажењето, се вели: „Можеби искреноста е благороден идеал, но таа нема некоја голема вредност во животната борба за опстанок и сигурност. Човекот нема голем избор во врска со ова — мора да лаже за да преживее“ (Улогата на лажењето — The Importance of Lying).

3. Зошто Исус е извонреден пример за отворено кажување на вистината?

3 Колку поинакво гледиште имаат Христовите ученици! Исус не филозофирал околу вистината, туку секогаш ја зборувал. Дури и неговите непријатели признале: „Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината, дека според вистината поучуваш за Божјиот пат“ (Мат. 22:16). Вистинските христијани денес го следат примерот на Исус. Тие не се колебаат да ја кажуваат вистината. Потполно се согласуваат со апостол Павле, кој ги советувал соверниците: „Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (Еф. 4:25). Да разгледаме три мисли од овие зборови на Павле. Прво, кој е нашиот ближен? Второ, што значи да се зборува вистината? И трето, како да го примениме овој совет во секојдневниот живот?

Кој е нашиот ближен?

4. За разлика од еврејските водачи од првиот век, како покажал Исус дека има исто гледиште како Јехова во врска со тоа кој ни е ближен?

4 Во 1 век од н.е., некои еврејски водачи поучувале дека само Евреите или нивните блиски пријатели можеле да се наречат „ближни“. Но, Исус совршено ја одразувал личноста на својот Татко и размислувал исто како него (Јован 14:9). Значајно е што тој им покажал на своите ученици дека Бог не е посебно наклонет кон ниту една раса или народност (Јован 4:5-26). Освен тоа, светиот дух му открил на апостол Петар дека „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:28, 34, 35). Затоа, треба сите луѓе да ги сметаме за свои ближни и да ги сакаме дури и оние што се однесуваат непријателски кон нас (Мат. 5:43-45).

5. Што значи да му ја зборуваме вистината на својот ближен?

5 Но, што мислел Павле кога рекол дека треба да му ја зборуваме вистината на својот ближен? Да ја зборуваме вистината значи да кажуваме точни информации, без никаква измама. Вистинските христијани не ги извртуваат ниту погрешно ги прикажуваат фактите за да ги наведат другите на погрешен заклучок. Тие ‚го мразат злото и се држат за доброто‘ (Рим. 12:9). Следејќи го примерот на ‚Богот на вистината‘, се трудиме да бидеме чесни и искрени во сѐ што правиме (Пс. 15:1, 2; 31:5). Ако внимателно ги избираме своите зборови, дури и непријатните ситуации ќе можеме да ги решиме тактично и без да се служиме со лукавство. (Прочитај Колошаните 3:9, 10.)

6, 7. а) Дали тоа што треба да ја зборуваме вистината значи дека мораме да му откриеме дури и лични работи на секој што ќе нѐ праша? Објасни. б) Кој заслужува со потполна доверба да му ја кажуваме вистината?

6 Дали тоа што треба да им ја зборуваме вистината на другите значи дека мораме да му откриеме сѐ што знаеме за некоја работа на секој што ќе нѐ праша? Не. Додека бил на Земјата, Исус покажал дека некои луѓе не заслужуваат да им се даде директен одговор или некоја конкретна информација. Кога лицемерните верски водачи го прашале со каква власт прави знаци и чуда, Исус им рекол: „Ќе ве прашам нешто. Одговорете ми, па и јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова“. Кога книжниците и старешините не сакале да одговорат, Исус им рекол: „Ниту јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова“ (Мар. 11:27-33). Тој не се чувствувал должен да им одговори на прашањето затоа што знаел дека биле расипани и безверни (Мат. 12:10-13; 23:27, 28). Слично и денес, Јеховиниот народ треба да се чува од отпадници и други злобни луѓе кои се служат со измама или подмолни сплетки за да ги остварат своите себични цели (Мат. 10:16; Еф. 4:14).

7 И Павле покажал дека некои луѓе не заслужуваат да добијат целосен одговор за некоја работа. Тој рекол дека оние што ‚озборуваат и се мешаат во туѓи работи зборуваат што не би требало‘ (1. Тим. 5:13). Да, обично никој не сака да им кажува лични работи на оние што се плеткаат во туѓи работи и на оние што не можат да држат нешто во доверба. Затоа, многу е подобро да го послушаме советот на Павле ‚да се трудиме мирно да живееме и да си ја гледаме својата работа‘ (1. Сол. 4:11). Но, понекогаш собраниските старешини можеби ќе треба да ни постават некои лични прашања за да можат да ги извршат должностите што им се доверени. Во таков случај, тие многу ќе ценат и од многу голема помош ќе им биде ако соработуваме со нив и им ја кажеме вистината (1. Пет. 5:2).

Да ја зборуваме вистината во семејството

8. Како ќе ги зближи членовите на семејството тоа што ќе си ја кажуваат вистината?

8 Обично сме најблиски со членовите на нашето семејство. За да се зголеми таа близина, многу е важно да си ја зборуваме вистината еден на друг. Многу проблеми и недоразбирања можат да се избегнат ако сме отворени, искрени и љубезни. На пример, кога ќе направиме некоја грешка, дали ни е тешко отворено да им го кажеме тоа на сопружникот, на децата или на другите во потесното семејство? Ако се извиниме искрено и од срце, ќе има мир и единство во семејството. (Прочитај 1. Петрово 3:8-10.)

9. Зошто тоа што треба да ја зборуваме вистината не е изговор да бидеме груби и нетактични?

9 Да ја зборуваме вистината не значи да бидеме груби и нетактични. Кога некој е груб, дури и ако ја кажува вистината, неговите зборови нема да имаат голем ефект. Павле рекол: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба. А бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Еф. 4:31, 32). Кога зборуваме љубезно и обѕирно, нашите зборови имаат поголема тежина и покажуваме почит кон оние со кои зборуваме (Мат. 23:12).

Да ја зборуваме вистината во собранието

10. Што можат да научат христијанските старешини од убавиот пример што го оставил Исус во поглед на тоа дека треба да се зборува вистината?

10 Исус зборувал едноставно и отворено со своите ученици. Тој секогаш љубезно давал совет, но никогаш не ја разводнувал вистината за да им угоди на оние што го слушале (Јован 15:9-12). На пример, кога апостолите постојано се расправале кој од нив е најголем, Исус одлучно, но стрпливо им помогнал да сфатат дека треба да бидат понизни (Мар. 9:33-37; Лука 9:46-48; 22:24-27; Јован 13:14). Слично на него, иако одлучно се држат за праведноста, христијанските старешини денес не господарат над Божјето стадо (Мар. 10:42-44). Тие го следат примерот на Христос со тоа што се љубезни и сочувствителни со другите.

11. На какви зборови треба да нѐ поттикне љубовта кон браќата?

11 Ако зборуваме со нашите браќа отворено, но тактично, ќе можеме да им кажеме што мислиме без да ги навредиме. Никогаш не би сакале нашиот јазик да биде ‚наострен како брич‘ ниту, пак, да нанесеме болни рани со нашите навредливи или понижувачки зборови (Пс. 52:2; Изр. 12:18). Љубовта кон браќата ќе нѐ поттикне ‚да си го чуваме јазикот од зло и своите усни од измамничко зборување‘ (Пс. 34:13). На тој начин го славиме Јехова и придонесуваме да има единство во собранието.

12. Кога се покренува правна постапка за лажење? Објасни.

12 Старешините прават сѐ за да го заштитат собранието од оние што кажуваат злонамерни лаги. (Прочитај Јаков 3:14-16.) Злонамерна лага кажува некој што сака да му наштети некому. Целта на таквата лага е другиот да страда или да се измачува. Тоа не е само некоја безначајна изјава која наведува на погрешен заклучок, ниту само преувеличување на фактите. Се разбира, секое лажење е погрешно, но не е потребно да се покрене правна постапка секојпат кога ќе се каже нешто невистинито. Затоа, старешините треба да бидат урамнотежени, разумни и добро да проценат дали некој што кажал невистинити работи стекнал навика намерно и злобно да лаже и дали за тоа треба да се покрене правна постапка. Некогаш може да биде доволно и само строго, но со љубов да се даде укор што се темели на Библијата.

Да ја зборуваме вистината во деловните зделки

13, 14. а) Како некои ја кријат вистината од работодавецот? б) Какви добри резултати може да произлезат ако сме чесни и совесни работници?

13 Живееме во време кога нечесноста е секојдневие и затоа може да ни биде тешко да се спротивставиме на искушението да не бидеме сосема чесни со некој работодавец. Кога конкурираат за некое работно место, мнозина се служат со чисти лаги. На пример, можеби во молбата наведуваат дека имаат искуство или квалификации што ги немаат само за да добијат подобро или поплатено работно место. Од друга страна, многу вработени тврдат дека работат, а всушност си тераат приватни работи, иако тоа е спротивно на правилата на фирмата. Можеби читаат нешто што не е поврзано со нивната работа, прават приватни муабети по телефон, праќаат лични електронски пораки или пребаруваат на Интернет.

14 За вистинските христијани не е работа на избор дали ќе бидат чесни и искрени. (Прочитај Изреки 6:16-19.) Павле рекол: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евр. 13:18). Затоа, христијаните чесно работат за својата дневница (Еф. 6:5-8). Кога совесно си ја вршиме работата, му носиме слава и на нашиот небесен Татко (1. Пет. 2:12). На пример, Роберто од Шпанија добил пофалба од својот работодавец затоа што бил чесен и одговорен работник. Како резултат на убавото однесување на Роберто, компанијата вработила уште неколку Сведоци. И тие се покажале како одлични работници. Низ годините, Роберто успеал да им најде работа на уште 23 крстени браќа и на 8 лица што ја проучувале Библијата!

15. Како христијаните кои имаат свој бизнис покажуваат дека ја зборуваат вистината?

15 Ако имаме свој бизнис, дали сме чесни во сите зделки или понекогаш не ја кажуваме целата вистина? Еден христијанин не смее погрешно да прикажува некој производ или услуга само за да заработи набрзина. Исто така, не смее да дава ниту да прима поткуп. Сакаме да се однесуваме со другите онака како што би сакале тие да се однесуваат со нас (Изр. 11:1; Лука 6:31).

Зборувај ја вистината пред властите

16. Што им должат христијаните: а) на властите? б) на Јехова?

16 Исус рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Мат. 22:21). Што е тоа што му го должиме на цезарот, односно на властите? Исус ги кажал овие зборови во една прилика кога се зборувало за даноците. Затоа, за да задржат чиста совест пред Бог и пред луѓето, христијаните се послушни на законите на земјата во која живеат, меѓу кои се и законите поврзани со плаќањето даноци (Рим. 13:5, 6). Но, ние признаваме дека Јехова е Севишниот Владетел, единствениот вистински Бог, кого го сакаме со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила (Мар. 12:30; Отк. 4:11). Затоа, ние сме му безрезервно послушни само на Јехова Бог. (Прочитај Псалм 86:11, 12.)

17. Каков став има Јеховиниот народ кон социјалната помош?

17 Во многу земји, сиромашните можат да добиваат социјална помош од државата. Нема ништо погрешно ако еден христијанин добива таква помош — се разбира, доколку ги исполнува условите за тоа. Да ја зборуваме вистината во тој случај би значело да не им даваме погрешни или некомплетни информации на државните органи само за да добиеме социјална помош.

Благослови кога ја зборуваме вистината

18-20. Какви благослови може да произлезат ако им ја зборуваме вистината на нашите ближни?

18 Добиваме многу благослови ако ја зборуваме вистината. Имаме чиста совест, а тоа ни дава внатрешен мир и мирно срце (Изр. 14:30; Фил. 4:6, 7). Чистата совест е многу вредна во Божји очи. Освен тоа, ако секогаш ја кажуваме вистината, нема зошто да се плашиме дека некој ќе нѐ фати или ќе нѐ разоткрие (1. Тим. 5:24).

19 Да разгледаме еден друг благослов. Павле рекол: „Во сѐ се препорачуваме како Божји слуги... со вистинити зборови“ (2. Кор. 6:4, 7). Еден Сведок во Британија го потврдил ова. Овој брат сакал да го продаде својот автомобил и кога дошол некој купувач, тој му ги кажал сите добри страни, но и сите маани на автомобилот, дури и оние што не се гледале. Откако го повозил автомобилот за да го испроба, купувачот го прашал братот дали е Јеховин сведок. Зошто дошол до таков заклучок? Забележал дека братот бил многу чесен и дека изгледал многу уредно. Така братот можел да му даде убаво сведоштво на тој човек.

20 Дали и ние му носиме слава на нашиот Творец со тоа што секогаш сме чесни и ја зборуваме вистината? Павле рекол: „Се одрековме од срамните тајни, не се служиме со лукавство“ (2. Кор. 4:2). Затоа, да се трудиме секогаш да ја зборуваме вистината. Со тоа ќе му донесеме слава на нашиот небесен Татко и на неговиот народ.

Како ќе одговориш?

• Кој е нашиот ближен?

• Што значи да им ја зборуваме вистината на нашите ближни?

• Како ќе му донесеме слава на Бог со тоа што ќе ја зборуваме вистината?

• Какви благослови може да произлезат ако ја зборуваме вистината?

[Прашања]

[Слика на страница 17]

Дали спремно ги признаваш помалите грешки?

[Слика на страница 18]

Дали ја кажуваш вистината кога конкурираш за некое работно место?