Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Доверување задачи — зошто и како?

Доверување задачи — зошто и како?

Доверување задачи — зошто и како?

ДОВЕРУВАЊЕТО задачи не е нешто ново. Тоа се правело долго пред да биде создадена Земјата. Јехова го создал својот единороден Син и потоа, користејќи го како „вешт градител“, ја создал и вселената (Изр. 8:22, 23, 30; Јован 1:3). Кога Бог ги создал првите маж и жена, им рекол ‚да ја наполнат земјата и да ја потчинат‘ (1. Мој. 1:28). Творецот им дал на луѓето задача да го прошират рајот од градината Еден по целата Земја. Да, уште од самиот почеток, Јехова и оние што му служат им доверувале задачи на други.

Но, што значи да им се доверуваат задачи и на други? Зошто христијанските старешини треба да научат да им доверуваат некои собраниски задачи на другите, и како можат да го прават тоа?

Што значи да се доверуваат задачи?

Да му се довери задача некому значи да му се даде некое задолжение, да се ополномошти како нечиј застапник, да му се даде одговорност или овластување. Значи, кога му доверуваш задача некому, го вклучуваш и него во остварувањето на некоја цел. Тоа значи дека ќе треба да му препуштиш и дел од своите овластувања.

Од оние на кои им е дадена некоја задача во христијанското собрание се очекува да ја завршат, да известуваат како напредуваат со задачата и да се консултираат со оној што им ја дал. Сепак, главната одговорност ја носи именуваниот брат што го дал задолжението. Тој треба да надгледува како напредува задачата и да даде совет ако е потребно. Но, можеби некој ќе праша: ‚Зошто да му доверам задача некому ако можам јас самиот да ја завршам?‘

Зошто да се доверуваат задачи?

Сети се дека Јехова го создал својот единороден Син и потоа го вклучил во создавањето на сѐ друго. Да, „преку него е создадено сѐ на небесата и на земјата, видливо и невидливо“ (Кол. 1:16). Творецот можел сѐ да направи самиот, но сакал и неговиот Син да ја почувствува радоста што доаѓа кога ќе се заврши некоја добра работа (Изр. 8:31). Ова му помогнало на Синот подобро да ги види особините на Бог. Може да се каже дека Таткото ја искористил таа можност за да му даде обука на својот единороден Син.

Кога бил на Земјата, Исус Христос го следел примерот на својот Татко со тоа што им доверувал задачи на другите. Тој постепено ги обучувал своите ученици. Ги испратил пред себе 12-те апостоли, а подоцна уште 70 ученици, да ја шират добрата вест (Лука 9:1-6; 10:1-7). Кога подоцна отишол и самиот во тие места, веќе бил поставен добар темел на кој можел да гради. Откако си заминал од Земјата, Исус им доверил на своите обучени ученици уште поголеми одговорности, меѓу кои и задачата да проповедаат по целиот свет (Мат. 24:45-47; Дела 1:8).

Доверувањето задачи и обучувањето станале важно обележје на христијанското собрание. Апостол Павле му рекол на Тимотеј: „Она што го чу... довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други“ (2. Тим. 2:2). Да, искусните треба да ги поучуваат оние што потоа ќе поучуваат други.

Со тоа што еден старешина ќе им довери и на други дел од задачите што му се дадени нему, ќе може да ја подели со нив и радоста што доаѓа од поучувањето и грижата за стадото. Ако имаат на ум дека секој човек си има свои ограничувања, старешините ќе имаат уште повеќе причини да замолат други да им помогнат со собраниските одговорности. Библијата вели: „Мудроста е кај скромните“ (Изр. 11:2). Скромноста значи да бидеме свесни за своите ограничувања. Ако сакаме сѐ да направиме сами, може да се истоштиме и да не ни остане доволно време за семејството. Затоа, навистина е мудро да се распределат должностите. Да го земеме за пример братот што служи како координатор на старешинството. Тој може да ги замоли другите старешини да ги прегледаат собраниските сметки. На тој начин и тие ќе можат да се запознаат со финансиската состојба на собранието.

Кога на другите им се доверуваат задачи, тие можат да ги стекнат потребните вештини и искуство, а во исто време оној што им ги доверува задачите може да види какви способности имаат другите браќа. Значи, кога им даваат извесни задолженија на браќата во собранието, старешините имаат можност ‚да испитаат‘ кои браќа би можеле еден ден да ги препорачаат за слуги-помошници (1. Тим. 3:10).

Освен тоа, кога им доверуваат задачи на другите, старешините покажуваат дека имаат доверба во нив. Павле му дал практична обука на Тимотеј за мисионерската служба. Тие двајцата станале многу блиски. Павле го нарекол Тимотеј свој ‚вистински син во верата‘ (1. Тим. 1:2). Слично на тоа, и меѓу Јехова и Исус се родила голема блискост додека соработувале во создавањето на сѐ друго. Кога им даваат задачи на другите, старешините можат да станат блиски со нив.

Зошто некои не се спремни да го прават тоа

Иако знаат кои се предностите, на некои старешини им е тешко да им доверуваат задачи на другите, можеби затоа што си мислат дека со тоа ќе им се намали авторитетот. Можеби мислат дека тие мораат да го држат кормилото. Сепак, да не заборавиме дека, пред да се вознесе на небото, Исус ги овластил своите ученици да вршат една многу одговорна задача, иако знаел дека тие ќе прават и поголеми дела од неговите! (Мат. 28:19, 20; Јован 14:12).

Други старешини, пак, можеби порано им доверувале задачи на другите, но не биле задоволни од резултатите. Можеби сметаат дека самите ќе ја завршат работата подобро и побрзо. Но, размисли за примерот на Павле. Тој знаел колку е важно да им се доверуваат задачи на другите, но бил свесен и дека браќата што се под обука нема секогаш да ги исполнат неговите очекувања. На своето прво мисионерско патување, Павле го обучувал својот млад придружник Марко. Но, многу се разочарал кога Марко се откажал од задачата и се вратил дома (Дела 13:13; 15:37, 38). Сепак, тоа не го спречило Павле да обучува други. Како што веќе спомнавме, го повикал младиот христијанин Тимотеј да патува со него. Кога Тимотеј бил спремен да преземе поголеми одговорности, Павле го оставил во Ефес и го овластил да поставува надгледници и слуги-помошници во собранието (1. Тим. 1:3; 3:1-10, 12, 13; 5:22).

Слично на тоа, и денешните старешини не треба да престанат да ги обучуваат браќата само затоа што кај некои од нив обуката нема да ги даде очекуваните резултати. Мудро е и важно е да научат да имаат доверба во другите и да ги обучуваат. Но, кои фактори треба да ги земат предвид старешините кога им доверуваат задачи на другите?

Како да се прави тоа

Кога доверуваш задачи, земи ги предвид способностите на браќата што мислиш да ги вклучиш. Кога имало потреба некој да се погрижи за делењето храна на браќата во Ерусалим, апостолите избрале ‚седум луѓе полни со свет дух и со мудрост‘ (Дела 6:3). Ако му дадеш задача на некој на кого не можеш да се потпреш, можеби тој едноставно нема да ја заврши задачата. Затоа, отпрвин доверувај помали задачи. Кога некој ќе покаже дека знае совесно да ги извршува должностите што ги има, веројатно ќе може да носи и поголеми одговорности.

Но, тоа не е сѐ. Сите сме различни, со различни способности и различни искуства. Еден брат кој по природа е дружељубив и пријатен можеби би бил добар редар, додека некој што е организиран и уреден можеби би му бил добар помошник на собранискиот секретар. Една сестра што е уметничка душа може да добие задача да направи цветен аранжман за Спомен-свеченоста.

Кога му доделуваш задачи некому, наведи јасно што се очекува од него. Пред Јован Крстител да испрати гласници кај Исус, тој им објаснил зошто ги праќа и што точно да се распрашаат (Лука 7:18-20). Од друга страна, пак, кога Исус им рекол на своите ученици да ги соберат парчињата храна што останале откако ги нахранил луѓето со чудо, не ги заморувал со детали туку им препуштил ним да одлучат како ќе го направат тоа (Јован 6:12, 13). Многу зависи од природата на задачата и од способностите на оној кому му е доверена. И оној што ја дал задачата и оној што треба да ја заврши треба да знаат каков треба да биде крајниот резултат и колку често треба да разговараат за тоа како одат работите. И двајцата треба да знаат за кои работи ќе биде оставено да одлучи оној кому му е доверена задачата. Ако задачата треба да се заврши до некој одреден датум, ќе биде подобро двајцата да се договорат за крајниот рок, наместо оној што ја дава задачата само да каже дека треба да се заврши до тогаш и тогаш.

Оној кому ќе му биде дадена некоја задача, треба да ги има сите средства, алатки и помош што се потребни за да ја заврши. Можеби ќе биде добро да им се каже и на другите што се планира. Кога му ги доверил на Петар „клучевите на царството небесно“, Исус го направил тоа во присуство на другите ученици (Мат. 16:13-19). Слично на тоа, во некои случаи можеби ќе биде добро да му се каже на собранието кој е одговорен за некоја задача.

Но, мора да се биде и претпазлив. Ако сѐ уште се мешаш во задачата што си му ја доверил на друг, ќе му оставиш впечаток дека немаш доверба во него. Точно е дека понекогаш резултатот нема да излезе токму онака како што си очекувал. Сепак, ако му оставиш извесна слобода на братот кому си му ја дал задачата, тој ќе може да стекне самодоверба и искуство. Се разбира, ова не значи дека треба да си незаинтересиран за тоа како одат работите. Иако при создавањето му доверил должности на својот Син, Јехова и самиот бил вклучен во работата. Тој му рекол на својот вешт градител: „Да направиме човек според нашиот лик“ (1. Мој. 1:26). Значи, и со зборови и со дела поддржувај ја работата и пофалувај го оној што ја врши. Може да му биде од помош накратко да разгледате како оди работата. Ако работата не се прави како што треба, слободно дај дополнителни совети или помош. Не заборавај дека крајната одговорност сепак ја носиш ти како оној што ја доверил задачата (Лука 12:48).

На мнозина им помогнало тоа што добивале собраниски задачи од старешините кои вистински се интересирале за нив. Да, сите старешини треба да научат зошто и како да им доверуваат задачи на другите, со што ќе го следат примерот на Јехова.

[Рамка на страница 29]

СО ДОВЕРУВАЊЕТО ЗАДАЧИ...

• се споделува радоста од завршената работа

• се постигнува повеќе

• се покажува мудрост и скромност

• се обучуваат другите

• се покажува доверба во другите

[Рамка на страница 30]

КАКО ДА ДОВЕРУВАШ ЗАДАЧИ

• Избери лица што одговараат за задачата

• Добро објасни и комуницирај

• Објасни што треба да се направи

• Обезбеди ги потребните средства

• Биди заинтересиран за задачата и покажи доверба во другите

• Биди спремен да ја понесеш крајната одговорност

[Слики на страница 31]

Да довериш задача некому значи да му дадеш задолжение и да се интересираш како му оди