Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Исус ја проповедал добрата вест по целата израелска земја. Тогаш, како можел апостол Петар да рече дека Евреите и нивните владетели го издејствувале погубувањето на Исус „во незнаење“? (Дела 3:17)

Кога им зборувал на една група Евреи во врска со нивната одговорност за смртта на Месијата, апостол Петар рекол: „Знам дека тоа го направивте во незнаење, исто како и вашите поглавари“ (Дела 3:14-17). Некои Евреи можеби не сфатиле кој е Исус и не ги разбрале неговите учења. Други, пак, постапиле во незнаење затоа што немале желба да му угодат на Бог, имале предрасуди и биле полни со завист и омраза.

Да видиме како тоа што немале желба да му угодат на Јехова влијаело врз ставот што мнозина го имале кон Исусовите учења. Исус честопати поучувал со споредби, кои им ги објаснувал на сите што сакале да дознаат нешто повеќе. Но, некои луѓе едноставно си оделе без да се потрудат да го разберат она што им го кажувал тој. Во една прилика, дури и некои ученици на Исус се навредиле поради една споредба што ја употребил (Јован 6:52-66). Не сфатиле дека од нивната реакција на споредбите што ги кажувал се гледало дали се спремни да го сменат своето размислување и своите постапки (Иса. 6:9, 10; 44:18; Мат. 13:10-15). Исто така, не обрнале внимание на едно пророштво дека Месијата ќе користи споредби кога ќе поучува (Пс. 78:2).

Други ги отфрлиле учењата на Исус затоа што имале предрасуди. Кога поучувал во синагогата во своето родно место, Назарет, луѓето биле ‚восхитени‘. Но, тие не го прифатиле Исус како Месија туку се распрашувале за неговото потекло: „Од каде му е тоа на овој?... Не е ли ова дрводелецот, синот на Марија и братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? И не се ли неговите сестри овде со нас?“ (Мар. 6:1-3). Затоа што Исус имал скромно потекло, во очите на луѓето од Назарет неговите учења биле безвредни.

А како било со верските водачи? Повеќето од нив не му обрнувале големо внимание на Исус од истите причини (Јован 7:47-52). Тие ги отфрлиле неговите учења и од завист бидејќи луѓето го слушале (Мар. 15:10). И голем број угледни лица не реагирале убаво кога ги осудил за нивното лицемерство и измама (Мат. 23:13-36). Тие свесно избрале да останат во незнаење, и затоа Исус со право им рекол: „Тешко вам, законици, бидејќи го зедовте клучот на знаењето! Самите не влеговте [во Царството], а оние што би сакале да влезат ги спречувате!“ (Лука 11:37-52).

Три и пол години Исус ја проповедал добрата вест низ израелската земја. Но, поучил и многу други како да го прават тоа (Лука 9:1, 2; 10:1, 16, 17). Исус и неговите ученици проповедале со толкав успех што фарисеите се жалеле: „Ене, светот отиде по него!“ (Јован 12:19). Значи, не е точно дека повеќето Евреи не знаеле ништо. Сепак, останале „во незнаење“ во однос на тоа дека Исус е Месијата. Можеле да научат повеќе и да го засакаат Месијата, но не го направиле тоа. Некои дури биле и одговорни за смртта на Исус. Затоа, апостол Петар поттикнал мнозина од нив: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување од лицето на Јехова и тој да ви го испрати Христос, кој ви е одреден, Исус“ (Дела 3:19, 20). Интересно е што илјадници Евреи го направиле тоа, а меѓу нив имало и „многу свештеници“. Тие повеќе не постапувале во незнаење. Напротив, се покајале и ја стекнале Јеховината милост (Дела 2:41; 4:4; 5:14; 6:7).