Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш ли да најдеш мир во овој немирен свет?

Можеш ли да најдеш мир во овој немирен свет?

Можеш ли да најдеш мир во овој немирен свет?

ДАЛИ живееш во мир? Многу луѓе ќе одговорат со ‚не‘. Тие живеат во места каде што беснеат војни или има политички немири, етничко насилство или тероризам. Дури и ако си поштеден од ваквите неволји, можеби твојот мир го нарушуваат криминалот, малтретирањето и караниците со деловните партнери или соседите. И семејствата честопати повеќе личат на бојни полиња отколку на прибежишта каде што може да се најде мир и спокој.

Многу луѓе копнеат по внатрешен мир. Можеби се обидуваат да го постигнат преку религијата или курсевите за медитација или јога. Други се надеваат дека ќе најдат мир во природата — одат на годишни одмори, ги разгледуваат природните убавини по планините и дивините или, пак, одат во лековити бањи. Дури и ако пронајдат некаков внатрешен мир, наскоро можеби ќе сфатат дека тој е само површен и краткотраен.

Според тоа, каде можеш да најдеш вистински мир? Изворот на мирот е нашиот Творец, Јехова Бог. Зошто? Тој е „Бог, кој дава мир“ (Римјаните 15:33). Наскоро, кога ќе почне да владее неговото Царство, ќе има „голем мир“ (Псалм 72:7; Матеј 6:9, 10). Тој мир е многу повеќе од некаков лабав мировен договор. Таквите спогодби честопати значат само краткотраен прекин на непријателствата. Но, мирот што ќе го донесе Бог ќе ги отстрани сите причини за војни и судири. Всушност, никој повеќе нема да се учи да војува (Псалм 46:8, 9). Тогаш конечно ќе има вистински мир за сите луѓе!

Колку и да е убава ваквата надеж, можеби сепак копнееш да почувствуваш малку мир уште сега. Можеш ли некако да најдеш внатрешен мир што ќе ти помогне да издржиш во овие немирни времиња? Па, Библијата ни покажува дека е можно да најдеме таков мир. Да разгледаме некои совети што се наоѓаат во 4. поглавје од писмото што апостол Павле им го испратил на Филипјаните. Отвори ја својата Библија и прочитај од 4. до 13. стих.

„Мирот Божји“

Во 7. стих пишува: „Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“. Овој мир нема да го најдеме преку медитација или со тоа што ќе се трудиме да си го подобриме карактерот. Таквиот мир доаѓа од Бог. Тој е толку силен што „ја надминува секоја мисла“. Секако дека ги надминува и сите наши грижи, сознанија и мудрувања. Можеби не гледаме никаков излез од нашите проблеми, но Божјиот мир може да нѐ исполни со цврсто основана библиска надеж дека еден ден ќе ги нема сите наши неволји.

Ти звучи невозможно? За луѓето е невозможно, но „за Бог сѐ е возможно“ (Марко 10:27). Верата и довербата во Бог ни помагаат да не им дозволиме на грижите да нѐ совладаат. Замисли си дека едно дете се изгубило во некоја голема продавница. Знае дека треба само да си ја најде мамичка и тогаш сѐ ќе биде во ред. Исто како што мајката ќе го земе в раце своето дете кога ќе го најде, и ние можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ земе во својата прегратка. Ќе нѐ смири и ќе ги растера сите наши грижи.

Мнозина што му служат на Јехова го почувствувале Божјиот мир кога минувале низ крајно тешки искушенија. На пример, помисли на Надин, која го изгубила своето неродено бебе. Таа раскажува: „Многу ми е тешко да зборувам за моите чувства и секогаш се обидувам да изгледам цврста пред другите. Но, тогаш однатре бев скршена. Речиси секој ден му го излевав срцето на Јехова во молитва и го преколнував да ми помогне. Почувствував колкава моќ има молитвата, бидејќи секојпат кога ќе паднев во депресија и ќе си помислев: ‚Не можам повеќе‘, ќе почувствував внатрешно спокојство и мир. Се чувствував безбедна и сигурна“.

Ги штити срцето и мислите

Да се вратиме на Филипјаните 4:7. Таму стои дека Божјиот мир ќе го чува нашето срце и ум. Исто како што еден стражар чува некој објект, така и Божјиот мир го чува нашето срце за да не влезат во него материјалистички филозофии, непотребни грижи и безбожни мерила. Да разгледаме еден пример.

Многу луѓе во овој немирен свет сметаат дека, за да бидат среќни и безбедни, треба да бидат богати. По препорака на експертите, можеби инвестираат дел од својата заштеда во акции. Дали тогаш навистина чувствуваат мир? Не секогаш. Можеби секој ден загрижено ја проверуваат вредноста на акциите, прашувајќи се дали да ги продаваат, да ги купуваат или да ги задржат. Кога берзата ќе почне да паѓа, можеби ги фаќа паника. Во Библијата никаде не читаме дека е погрешно да се инвестира, но во неа го наоѓаме следниов добар совет: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка. И тоа е суета. Сладок му е сонот на оној што служи, па јадел тој малку или многу, а богатството на богатиот не му дава да спие“ (Проповедник 5:10, 12).

На крајот од Филипјаните 4:7 пишува дека мирот Божји го чува нашето срце и ум „преку Христос Исус“. Каква е врската помеѓу Христос Исус и мирот Божји? Исус игра клучна улога во исполнувањето на Божјата намера. Тој го дал својот живот за да нѐ избави од гревот и смртта (Јован 3:16). Исто така, тој е устоличен Цар на Божјето Царство. Тоа што ја знаеме улогата на Исус многу ќе ни помогне да имаме мир во мислите и во срцето. Како?

Ако искрено се покаеме за гревовите и побараме простување на темел на Исусовата жртва, Бог ќе ни прости, а тоа ќе придонесе да имаме мир во мислите и во срцето (Дела 3:19). Кога ќе сфатиме дека не можеме да го уживаме животот во потполност сѐ додека не дојде Христовото Царство, нема да живееме во очај, мислејќи дека животот нема никаква иднина (1. Тимотеј 6:19). Се разбира, не сме поштедени од сите неволји, но можеме да се утешиме со сигурната надеж дека најубавиот живот допрва доаѓа.

Како да го најдеш Божјиот мир

Како да го најдеш Божјиот мир? Одговорот го наоѓаме во Филипјаните 4:4, 5, каде што пишува: „Секогаш радувајте се во Господарот. И повторно велам: радувајте се! Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе. Господарот е близу“. Кога ги напишал овие зборови, Павле неправедно лежел во затвор во Рим (Филипјаните 1:13). Наместо да се жали поради неправдата што му била нанесена, тој ги охрабрил сохристијаните секогаш да се радуваат во Господарот. Очигледно, неговата радост не зависела од неговите околности туку од неговиот однос со Бог. И ние треба да научиме да уживаме во службата за Бог независно од нашите околности. Колку подобро го запознаваме Јехова и поцелосно ја вршиме неговата волја, толку порадосно ќе му служиме. Тоа, пак, ќе ни донесе задоволство и внатрешен мир.

Освен тоа, поттикнати сме да бидеме разумни. Ако ја развиеме оваа особина, нема да очекуваме премногу од себеси. Знаеме дека не сме совршени и затоа не можеме да бидеме најдобри во сѐ. Тогаш, зошто да се измачуваме со мислата дека треба да бидеме совршени, или барем подобри од другите? Не треба да очекуваме ниту другите да бидат совршени. Затоа, можеме да останеме смирени кога ќе направат нешто што нѐ нервира. Друг превод на изворниот грчки збор преведен со „разумност“ е „попустливост“. Ако сме спремни да попуштиме кога се работи за личен вкус, избегнуваме расправии од кои честопати нема никаква корист туку само може да ни го нарушат мирот со другите, а некое време дури и нашиот внатрешен мир.

Можеби ќе ни се чини дека зборовите од Филипјаните 4:5, „Господарот е близу“, немаат никаква врска со контекстот. Бог наскоро ќе го замени овој стар поредок со едно ново општество со кое ќе владее неговото Царство. Но, дури и сега тој може да биде близу до секој што ќе му се приближи (Дела 17:27; Јаков 4:8). Свесноста дека е близу ни помага да се радуваме, да бидеме разумни и да не се вознемируваме поради денешните проблеми ниту за иднината, како што ни кажува 6. стих.

Од 6. и 7. стих сфаќаме дека мирот Божји е директен резултат на молитвата. Некои ја сметаат молитвата само како облик на медитација и си мислат дека која и да било молитва може да им донесе внатрешен мир. Меѓутоа, Библијата зборува за една вистинска комуникација со Јехова, слично како што едно дете слободно му ги кажува своите радости и грижи на својот грижлив родител. Колку е утешно да се знае дека можеме да му се приближиме на Бог „во сѐ“. Што и да имаме на ум или го носиме длабоко во нашите срца, можеме да му го довериме на нашиот небесен Татко.

Стих 8 нѐ охрабрува да размислуваме позитивно. Меѓутоа, не е доволно само да мислиме на позитивни работи. Како што ни објаснува 9. стих, треба и да ги применуваме убавите совети од Библијата. Така ќе имаме чиста совест. Колку е вистинита поговорката: „Чистата совест е најдобра перница“!

Да, можеш да најдеш внатрешен мир. Тој доаѓа од Јехова Бог, кој им го дава на оние што му се приближуваат и сакаат да го следат неговото водство. Ако ја истражуваш неговата Реч, Библијата, можеш да се запознаеш со неговите мисли. Не е секогаш лесно да го правиме она што тој го бара од нас. Но, вреди да вложиме труд затоа што тогаш ‚Богот на мирот ќе биде со нас‘ (Филипјаните 4:9).

[Истакната мисла на страница 10]

„Мирот Божји... ќе ги чува вашите срца“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:7)

[Истакната мисла на страница 12]

Колку е утешно да се знае дека можеме да му се приближиме на Бог „во сѐ“