Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Зошто римските војници толку сакале да ја добијат туниката на Исус?

Четворицата војници што го гледале погубувањето на Исус си ја поделиле неговата облека. Но, во Јован 19:23 пишува дека ‚долната облека немала шев туку целата била исткаена во едно парче‘. Војниците решиле да не ја кинат туку да фрлат ждрепка за да одлучат кој да ја земе. Како била направена таквата облека?

Изгледа дека долната облека била ленена или волнена туника со ракави, која досегала до колениците или до глуждовите. Ваквите туники обично се правеле со пришивање на две квадратни или правоаголни парчиња ткаенина ставени едно врз друго, при што се спојувале три страни. Се оставале отвори за главата и за рацете.

Поскап модел туника се правел на сличен начин, но се користело „само едно долго парче ткаенина превиткано на две, а во средината се правел отвор за главата“, кој потоа се порабувал, стои во книгата Исус и светот во негово време (Jesus and His World). Ваквата туника требало да се сошие од страните.

Туники без шев, како онаа што ја носел Исус, се правеле само во Палестина. Тие се ткаеле на исправен разбој со два пара вертикални конци, едниот пред а другиот зад кросното. Ткајачот ја провирал совалката, на која бил прицврстен хоризонталниот конец, од предниот до задниот дел на мрежата со вертикални конци, а потоа обратно, „и така изработувал цилиндрично парче ткаенина“, пишува во една книга. Туниката без шевови веројатно била редок посед, па затоа секој од војниците сакал да ја добие.

Дали во древниот Израел имало пчелари?

Според Хебрејските списи, Бог им ветил на древните Израелци дека ќе ги одведе во „земја во која тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:8). Изгледа дека во повеќето случаи кога во Библијата се спомнува мед, се мисли на медот што го давале дивите пчели. Во Библијата не се спомнува ништо за пчеларството во древниот Израел. Меѓутоа, едно недамнешно откритие во израелската долина Бет Шеан покажува дека во старо време многу жители од тоа место се занимавале со пчеларство и продавале мед.

Во Тел Рехов, истражувачите од Археолошкиот институт при Хебрејскиот универзитет во Ерусалим откопале пчеларник од 10 или почетокот на 9 век пр.н.е. — што се совпаѓа со раниот период на Израелското царство. Ова е првпат на Блискиот исток да се откријат древни кошници за пчели. Се мисли дека пчеларникот некогаш имал околу сто кошници со пчели подредени во низи и наредени една врз друга најмалку на три ката.

Според извештајот од универзитетот, секоја кошница „имала цилиндричен облик и била направена од непечена глина... била долга околу 80 сантиметри и имала дијаметар од 40 сантиметри... Искусни пчелари и стручни лица што го посетија ова наоѓалиште проценуваат дека од тие кошници можеби се вадел околу половина тон мед годишно“.

[Слика на страница 22]

Наоѓалиштето кај Тел Рехов

[Извор на слика]

Institute of Archaeology/Hebrew University © Tel Rehov Excavations