Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Кои биле книжниците што му се противеле на Исус?

Додека ја извршувал својата служба, Исус сретнувал книжници не само во Ерусалим туку и во помалите градови и села. Надвор од Ерусалим — па дури и во еврејските заедници надвор од Палестина — таквите луѓе биле ситни службеници што добро го познавале Законот и можеби служеле како писари или локални судии (Марко 2:6; 9:14; Лука 5:17-21).

Во Ерусалим, книжниците тесно соработувале со еврејската влада (Матеј 16:21). Во еден речник пишува дека нивната улога таму „изгледа била да им помагаат на свештениците во судските случаи и во спроведувањето на еврејските обичаи и закони, но и во другите секојдневни обврски на Судскиот совет“ (The Anchor Bible Dictionary). Како истакнати учители по Законот, некои од тие книжници биле и членови на Судскиот совет, односно еврејскиот врховен суд. Тие служеле заедно со главните свештеници и фарисеите.

Најчесто, книжниците се спомнуваат како верски противници на Исус. Меѓутоа, некои од нив не му се противеле. На пример, еден книжник му рекол на Исус: „Ќе одам по тебе каде и да појдеш“. А на друг книжник Исус му одговорил: „Не си далеку од Божјето царство“ (Матеј 8:19; Марко 12:28-34).

Што значело некој да биде помазан?

На Блискиот Исток во библиски времиња, да се намачка нечија глава со масло било знак на наклоност кон него или чин на гостопримство кон гостинот. Обично се користело маслиново масло на кое му се додавал мирис. Исто така, Евреите излевале масло врз нечија глава, односно го помазувале, кога бил официјално поставен на некоја посебна положба. На пример, Арон бил помазан кога бил поставен да служи како првосвештеник (3. Мојсеева 8:12). Во случајот на цар Давид, ‚Самоил го зел рогот со масло и го помазал, и Јеховиниот дух дошол на Давид и од тој ден останал на него‘ (1. Самоилова 16:13).

Во хебрејскиот јазик, терминот што се користи за такво помазување е машак, облик од кој доаѓа зборот машиак, односно Месија. Соодветниот грчки збор е хри́о, од кој доаѓа христо́с, односно Христос. Значи, и за Арон и за Давид може да се рече дека биле месии, односно помазаници. И Мојсеј е наречен христос, односно помазаник, во таа смисла што Бог го поставил да служи како Негов претставник (Евреите 11:24-26).

Исус од Назарет бил поставен лично од Бог на многу висока положба. Исус не бил помазан со вистинско масло туку со Божјиот свет дух (Матеј 3:16). Како Јеховин избран Помазаник, Исус со право е наречен Месија, или Христос (Лука 4:18).