Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

На што го трошиш времето во овој „ден на добрите вести“?

На што го трошиш времето во овој „ден на добрите вести“?

На што го трошиш времето во овој „ден на добрите вести“?

ЧЕТВОРИЦАТА лепрозни размислувале за изборот што го имале. Никој не им дал милостина додека питале крај градската порта. Самарија била опколена од Сиријците и народот во градот гладувал. Немало смисла да се влегува внатре — цените на храната биле огромни. Веќе имало и случај на човекојадство (2. Цар. 6:24-29).

‚Ајде да појдеме во сирискиот логор!‘ — си рекле тогаш еден на друг. ‚Нема што да изгубиме.‘ И така, под превезот на мракот, таа вечер се упатиле кон логорот. Кога стигнале таму, било тишина. Немало стражари. Коњите и магарињата стоеле врзани, но немало ни трага ни глас од војниците. Четворицата пријатели ѕирнале во еден шатор. Во него немало никој, но имало за јадење и пиење на претек. Откако се најале и се напиле, ги собрале златото, среброто, облеката и другите вредни работи, па отишле и ги скриле, а потоа се вратиле да соберат уште. Целиот логор лежел напуштен. Јехова со чудо предизвикал Сиријците да слушнат глас на многубројна војска. Мислејќи дека се нападнати, Сиријците брзо побегнале и оставиле сѐ зад себе!

Лепрозните ги собирале и ги криеле скапоцените работи. Но, кога помислиле дека луѓето во блиската Самарија гладуваат, почнала да ги пече совеста. Затоа си рекле еден на друг: „Не е добро тоа што го правиме. Денес е ден на добрите вести!“ И така, брзо се вратиле во Самарија и ги кажале добрите вести за она што го виделе (2. Цар. 7:1-11).

И ние живееме во период што може да се нарече „ден на добрите вести“. Укажувајќи на една посебна карактеристика на „знакот... на свршетокот на овој поредок“, Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:3, 14). Како треба ова да влијае врз нас?

Грижите и личните цели можат да нѐ преоптоварат

Пресреќни поради своето откритие, лепрозните накратко заборавиле на Самарија. Мислеле само на она што можеле да го направат за себе. Може ли и нам да ни се случи нешто слично? Гладот е дел од комбинираниот знак што го означува времето на свршетокот на овој поредок (Лука 21:7, 11). Исус ги предупредил своите ученици: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи“ (Лука 21:34). Како христијани, не треба да дозволиме, поради грижите околу секојдневните работи, или поради некои свои лични цели, да заборавиме дека живееме во ‚денот на добрите вести‘.

Една христијанка по име Блесинг не дозволила да се преокупира со лични цели кои би ѝ го одвратиле вниманието од службата за Бог. Таа служела како пионер, завршила со школувањето и на крајот се омажила за брат што служи во Бетел, па и самата станала член на бетелското семејство во Бенин. Таа вели: „Работам на чистење, и тоа многу ми се допаѓа“. Блесинг со радост размислува за своите 12 години полновремена служба и среќна е што не заборавила дека токму сега живееме во ‚денот на добрите вести‘.

Пази се од работите што го крадат времето

Кога ги испратил своите 70 ученици да проповедаат, Исус им рекол: „Вистина, жетвата е голема, а работници има малку. Затоа молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2). Ако задоцни со жетвата, земјоделецот може да загуби дел од родот. Слично на тоа, ако го занемариме проповедањето, може да бидат изгубени човечки животи. Затоа Исус додал: „И патем никого не поздравувајте долго, како што е обичај“ (Лука 10:4). Зборот што е преведен со „поздравувајте“, понекогаш на изворниот јазик не означувал само едно „здраво“ или „добар ден“. Тоа можело да укажува на прегрнувањето и долгите разговори што следат кога обично ќе се сретнеме со некои пријатели. Според тоа, со овие зборови Исус ги советувал своите следбеници да не обрнуваат премногу внимание на непотребни работи, туку да го искористат времето најдобро што можат. Морале итно да ја проповедаат пораката што им ја доверил.

Размисли колку време може да ти отиде на неважни работи. Веќе со години, луѓето поминуваат најголем дел од своето слободно време пред телевизорот. Но, што може да се каже за мобилните телефони и за домашните компјутери? Една анкета, која била спроведена на 1.000 возрасни лица во Британија, открила дека „секој Британец во просек троши по 88 минути дневно зборувајќи на обичен телефон, 62 минути на мобилен телефон, 53 минути на електронски пораки и 22 минути на читање и пишување СМС-пораки“. Ако се соберат овие бројки, излегува дека троши двапати повеќе време на сите овие работи отколку што еден помошен пионер дневно би потрошил на служба! Колку време трошиш ти на вакви работи?

Ернст и Хилдегард Зелигер внимавале како го трошат своето време. Двајцата заедно поминале, сѐ на сѐ, повеќе од 40 години по нацистички логори и по комунистички затвори. Откако биле ослободени, служеле како пионери сѐ до крајот на својот живот на Земјата.

Мнозина сакале да се допишуваат со нив. Оваа брачна двојка можела поголемиот дел од денот да го потроши на читање и пишување писма. Но, духовните работи им биле на прво место во животот.

Се разбира, сите сакаме да одвоиме време да контактираме со нашите блиски, и нема ништо лошо во тоа. Корисно е понекогаш да правиме различни убави работи со кои ќе ни се разбие секојдневната рутина. Сепак, треба да бидеме мудри и да го ограничиме времето што го трошиме на додатни работи во овој ден кога треба да се проповеда добрата вест.

Темелно проповедај ја добрата вест

Навистина е голем благослов што живееме во еден „ден на добрите вести“. Да не дозволиме што и да било да ни го одвлече вниманието како што во почетокот било случај со четворицата лепрозни. Сети се до кој заклучок дошле на крајот: „Не е добро тоа што го правиме“. Не е добро ни ние да дозволиме одредени лични цели или други работи што ни го крадат времето да нѐ спречат да имаме целосен удел во службата.

Во овој поглед, имаме одличен пример на кој може да се угледаме. Размислувајќи за првите 20 години од својата служба, апостол Павле напишал: „Темелно ја проповедав добрата вест за Христос“ (Рим. 15:19). Павле не дозволил ништо да го згасне неговиот жар за службата. Да ја објавуваме и ние со ист таков жар пораката за Царството во овој „ден на добрите вести“.

[Слика на страница 28]

Блесинг не дозволила некои лични цели да ја спречат да служи полновремено

[Слика на страница 29]

Брачната двојка Зелигер внимавала како го троши своето време