Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пронајдено е едно скриено богатство

Пронајдено е едно скриено богатство

Пронајдено е едно скриено богатство

ДАЛИ некогаш си пронашол скриено богатство на некое сосема необично место? Вакво нешто му се случи на Иво Лауд, еден Јеховин сведок од Естонија, на 27 март 2005 год. Тој ѝ помагаше на една постара духовна сестра, која се вика Алма Вардја, при рушењето на нејзината стара шупа. Откако расковаа еден надворешен ѕид, забележаа дрвен столб на кој едната страна му беше покриена со штица. Ја тргнаа штицата, и видоа дека во столбот имаше направено шуплина широка 10 сантиметри, висока 1,2 метри и длабока 10 сантиметри. Шуплината беше покриена со дрвен „капак“ кој потполно ја затвораше (1). Тоа беше вистинска тајна ризница! Какво богатство беше скриено во таа „ризница“? Кој го скрил таму?

Во столбот беа наредени неколку пакетчиња, а секое од нив беше внимателно завиткано во дебела хартија (2). Пакетчињата содржеа литература на Јеховините сведоци, главно статии за проучување од Стражарска кула на естонски јазик, меѓу кои имаше некои од 1947 година (3). Сите беа внимателно напишани со рака. Во некои од овие пакетчиња имаше записи од кои можеше да се види кој ги скрил таму. Тоа беа извештаи од испрашувањата на Вилем Вардја, мажот на Алма. Пронајдените документи содржеа и информации за годините што ги поминал в затвор. Зошто бил затворен?

Вилем Вардја служеше како одговорен брат во христијанското собрание во Тарту, а подоцна и во собранието Отепа во Естонија, една од републиките на поранешниот Советски Сојуз. По сѐ изгледа, тој ја дознал вистината некаде пред Втората светска војна. Неколку години подоцна, на 24 декември 1948 год., брат Вардја бил уапсен од комунистичките власти поради неговите религиозни активности. Бил испрашуван и малтретиран од тајната полиција, која се обидела да го натера да им ги открие имињата на своите соверници. Лишен од можноста да се брани на суд, тој бил казнет со 10 години затвор во руските логори.

Вилем Вардја му остана верен на Јехова сѐ до својата смрт на 6 март 1990 год. Неговата сопруга воопшто не знаеше за скриената литература. Тој сигурно сакал да ја заштити во случај и таа да биде испрашувана. Зошто морал да ја скрие литературата? Затоа што Советската служба за државна безбедност (КГБ) честопати упаѓала во домовите на Јеховините сведоци и вршела претрес за да најде публикации со верска содржина. Веројатно брат Вардја ја скрил литературата за да се осигура дека ќе има духовна храна за соверниците во случај сѐ друго да им биде одземено од КГБ. Пред тоа, летото 1990 год., беа пронајдени и други скривалишта на литература. Едно од нив беше пронајдено во Тарту, јужна Естонија. И таму Вилем Вардја имал оставено литература.

Зошто може да се каже дека овие документи се богатство? Затоа што од тие макотрпно пишувани и внимателно скриени ракописи јасно се гледа колку многу Сведоците ја ценеле духовната храна што ја добивале во тоа време (Мат. 24:45). Дали ја цениш духовната храна што сега можеш да ја добиваш таму каде што живееш? Во неа спаѓа и Стражарска кула на естонски јазик, како и на повеќе од 170 други јазици.