Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што бара Јехова од нас?

Што бара Јехова од нас?

Приближи му се на Бог

Што бара Јехова од нас?

5. Мојсеева 10:12, 13

ДА ПОСЛУШАШ или да не послушаш — не е секогаш лесно да се донесе одлука. Вработените можеби само неволно ќе го слушаат шефот што е груб или премногу бара од нив. Меѓутоа, оние што му служат на Јехова Бог го слушаат од љубов. Зошто? За да одговориме на ова прашање, ќе ги разгледаме зборовите на Мојсеј запишани во 5. Мојсеева 10:12, 13. *

Кога во кратки црти ги изнел Божјите барања, Мојсеј поставил едно интересно прашање: „Што бара од тебе Јехова, твојот Бог?“ (12. стих). Бог има право да побара од нас сѐ што ќе посака. Тој е Севишен Господар, кој го дал животот и нѐ одржува во живот (Псалм 36:9; Исаија 33:22). Јехова има потполно право да бара да му бидеме послушни. Сепак, тој не сака да нѐ натера сосила да го слушаме. Што, всушност, бара од нас? Бара да му бидеме ‚послушни од срце‘ (Римјаните 6:17).

Што би можело да нѐ мотивира спремно да го слушаме Бог? Мојсеј спомнува една работа кога вели: „[Бој се] од Јехова, својот Бог“ * (12. стих). Не се работи за некаков морбиден страв од лошите последици туку, напротив, за едно должно ценење и почит кон Бог и неговите мерила. Ако чувствуваме длабока страхопочит кон Бог, нема да сакаме да го разочараме.

Според тоа, кој би требало да биде нашиот главен мотив за да му бидеме послушни на Бог? Мојсеј вели: ‚Сакај го Јехова... и служи му со сето свое срце и со сета своја душа‘ (12. стих). Но, љубовта кон Бог не се сведува само на чувства. Во една книга е објаснето: „Хебрејските глаголи кои се користат за чувства понекогаш се однесуваат и на постапките што произлегуваат од нив“. Во истата книга пишува дека, да се сака Бог значи „да се постапува со љубов“ кон него. Со други зборови, ако вистински го сакаме Бог, ќе постапуваме на начин што знаеме дека ќе го радува (Изреки 27:11).

До кој степен треба да оди нашата послушност кон Бог? Мојсеј рекол ‚да одиме по сите Божји патишта‘ (12. стих). Јехова сака да правиме сѐ што ќе побара од нас. Можно ли е таквата целосна послушност да биде на наша штета? Такво нешто би било невозможно.

Нашата спремна послушност ќе биде наградена. Мојсеј напишал: „[Држи ги] Јеховините заповеди... кои денес ти ги давам за твое добро“ (13. стих). Значи, секоја заповед од Јехова — сѐ што ќе побара од нас — е за наше добро. Зар може да биде поинаку? „Бог е љубов“, вели Библијата (1. Јованово 4:8). Затоа ни дал само заповеди што се за наше трајно добро (Исаија 48:17). Ако правиме сѐ што бара Јехова, ќе се поштедиме од многу фрустрации сега и ќе добиеме вечни благослови кога ќе завладее неговото Царство. *

Да се послуша или да не се послуша — кога се работи за она што Јехова го бара од нас, има само еден исправен избор. Секогаш е најдобро да го слушаме потполно и спремно. Таквото верно постапување ќе нѐ зближи уште повеќе со Јехова, Богот на љубовта, кој секогаш ни го мисли најдоброто.

[Фусноти]

^ пас. 1 Иако Мојсеј му ги упатил овие зборови на древниот Израел, во принцип, тие важат и за сите што сакаат да му угодат на Бог во денешно време (Римјаните 15:4).

^ пас. 3 Низ целата книга 5. Мојсеева, Мојсеј истакнува дека стравот од Бог треба да ги води во животот неговите слуги (5. Мојсеева 4:10; 6:13, 24; 8:6; 13:4; 31:12, 13).

^ пас. 6 Нешто повеќе можеш да прочиташ во 3. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, со наслов „Каква е Божјата намера со Земјата?“ Оваа публикација е издадена од Јеховините сведоци.