Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можно ли е да се стекне вера во Творец?

Можно ли е да се стекне вера во Творец?

Можно ли е да се стекне вера во Творец?

„КОГА ќе помислев на тоа дека можеби постои Творец, се лутев што некој има моќ да го спречи страдањето на луѓето, но не е спремен да ја употреби!“ Ова го рекол еден поранешен атеист на кого во холокаустот му пострадале членови на семејството. Но, и многу други го мислат истото.

Кога се жртви на секакви ѕверства, на мнозина им е тешко да веруваат во Бог или, пак, едноставно бараат олеснување во мислата дека не постои Бог. Најчесто од кои причини некои луѓе не веруваат во Бог? Дали поради тоа што си мислат дека ќе им биде подобро без Бог и без религија? Можно ли е еден атеист да стекне вера дека постои Бог кој нѐ сака?

Пропустот на религијата

Иронично е тоа што религијата е една од главните причини за атеизмот, односно неверувањето во Бог. Историчарот Алистер Мекграт објаснува: „Она што ги тера луѓето да бидат атеисти е, пред сѐ, одвратноста што ја чувствуваат кон испадите и пропустите на организираната религија“. Религијата честопати се смета за фактор што ги предизвикува војните и насилството. Еден атеист и филозоф по име Мишел Онфре се чудел како е можно една иста верска книга да мотивира два вида луѓе, едните „да тежнеат кон светост“, а другите „да извршуваат бездушни ѕверства“, како што е тероризмот.

Мнозина имаат лоши спомени од своето лично искуство со религијата. На пример, додека служел војска, младиот Бертил од Шведска чул како некој воен капелан го оправдувал насилството цитирајќи ја Исусовата опомена дека оние што се фаќаат за меч, ќе загинат од меч. Капеланот рекол дека некој мора да го држи мечот од кој ќе загинат, што значи дека војниците, всушност, ја вршат Божјата волја! (Матеј 26:52). *

Бернадет, чиј татко загинал во Франција за време на Втората светска војна, се сеќава на гневот што го чувствувала кога чула што рекол свештеникот на погребот на нејзината 3-годишна братучетка: „Бог го зеде ова дете за да биде ангел“. Подоцна, на Бернадет ѝ се родило хендикепирано дете, но црквата не ѝ дала никаква утеха ни во таа ситуација.

Киран, кој пораснал во времето кога во Северна Ирска имало големо насилство, се згрозувал од учењето за пекол. Велел дека го мрази Богот што прави такви злобни работи и го предизвикувал Бог, ако воопшто постои, да го убие. Киран не е единствениот што се згрозува од такви бездушни црковни учења. Всушност, можеби и самите црковни догми помогнале да се подготви патот за теоријата на еволуцијата. Според Алистер Мекграт, „одбивноста што ја чувствувал [Дарвин] од дното на душата“ кон учењето за пекол — а не неговата вера во еволуцијата — му родила сомневања во врска со тоа дали постои Бог. Мекграт исто така вели дека Дарвин „длабоко жалел поради смртта на својата ќерка“.

За некои луѓе, религијата е синоним за безумност и фанатизам. Ирина, на која ѝ биле одвратни верските проповеди и повторувањето на едни исти молитви, раскажува: „Ми се чинеше дека верниците не размислуваат со своја глава“. Луи, кој се згрозувал од бездушноста на верските фанатици, зазел еден поекстремен став: „Откако со години ми го покажуваше своето здодевно лице, религијата ми го откри и своето грдо лице. Почнав категорично да им се противам на сите религии“.

Дали е подобро без Бог?

Затоа, не е ништо чудно што многу луѓе сметаат дека религијата е пречка за напредокот и мирот меѓу луѓето. Некои дури и се прашувале дали ќе ни биде подобро без Бог и без религијата. Меѓутоа, дали таквото општо отфрлање на религијата носи и свои проблеми?

Волтер, филозоф од 18 век, жестоко се противел на злоупотребата на власта од страна на расипаната црква во негово време. Сепак, сметал дека, ако не постои Врховно Битие, не би постоело ни нашето чувство за морал. Подоцна, германскиот филозоф Фридрих Ниче ја изнел познатата изјава дека Бог е мртов, но се плашел од губењето на моралните мерила и штетата што би можела да настане од атеистичкото размислување. Дали таквите стравови биле оправдани?

Писателот Кит Ворд забележува дека во современа доба, дивјаштвото не се намалило туку „достигнало нивоа што пред тоа биле незамисливи“. И во атеистичките општества човечката природа останала иста, а луѓето ги покажувале истите слабости, како што се расипаноста и нетрпеливоста. Ваквите работи навеле многу совесни луѓе, па дури и атеисти, да признаат дека вербата во Бог е корисна за да се зачува моралот кај луѓето.

Кит Ворд истакнува колку е добро да се верува во Бог: „Верата наметнува една постојана морална одговорност да се води грижа за светот што го создал Бог“. Бројни неодамнешни истражувања покажуваат дека побожните лица се понесебични од другите. Таа несебичност, пак, им причинува задоволство на луѓето. Ваквите сознанија уште повеќе ја потврдуваат важноста на начелото што го изнел Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

Еден поранешен атеист, социјален работник, бил восхитен од тоа колку силно влијание може да има Библијата врз нечиј живот. Тој рекол: „Посветив многу години за да им помогнам на мнозина да го променат однесувањето што беше штетно за нив и за другите, но немав некој голем успех. Затоа се зачудив кога видов колку коренити промени на подобро можат да направат луѓето. Исто така, сфатив дека тие промени се трајни“.

Сепак, некои атеисти тврдат дека верувањето во Бог водело до многу повеќе крвопролевање и воени судири отколку до добрина и несебичност. Можеби се согласуваат дека верата добро влијае врз некои луѓе, но тие лично и понатаму се полни со сомнежи. Зошто?

Други причини за неверување во Бог

Мнозина се поучени дека еволуцијата е докажан факт. На пример, Анила стекнала образование во Албанија кога таму преовладувал атеизмот. „На училиште нѐ учеа дека само оние што се прости и заостанати веруваат во Бог“, вели таа. „Секој ден учевме прекрасни работи за растенијата и за живиот свет, но верував дека сето тоа е производ на еволуција, бидејќи така имавме чувство дека сме во чекор со науката“. Денес таа признава дека од учениците, всушност, „се очекувало слепо да ги прифатат изнесените докази“.

Други не веруваат во Бог затоа што се огорчени. Јеховините сведоци честопати наидуваат на вакви луѓе кога проповедаат од куќа до куќа за да им ја пренесат надежта од Библијата. Кај Бертил, кој беше спомнат погоре, дошол еден млад Сведок. Бертил се сеќава дека си рекол во себе: ‚Кутриот фанатик! Дошол да зборува со погрешен човек!‘ Тој вели: „Го поканив да влезе и почнав гневно да зборувам против Бог, против Библијата и против религијата“.

Шкотланѓанецот Гес го измачувале неправдите. Кога почнал да разговара со Јеховините сведоци, се расправал со нив и сакал да ги провоцира. Им поставувал прашања слични на оние што еврејскиот пророк Авакум му ги поставил на Бог: „Зошто ме тераш да гледам зло и зошто гледаш неволја?“ (Авакум 1:3).

И тоа што изгледа дека Бог е рамнодушен кон злото со векови ги измачува луѓето (Псалм 73:2, 3). Француската писателка Симон де Бовоар еднаш рекла: „Полесно ми беше да прифатам дека не постои творец отколку да мислам дека постои творец, а истовремено има толку многу нелогични работи во светот“.

Меѓутоа, дали тоа што многу религии не можат да ги објаснат овие противречности значи дека нема никакво објаснување? Гес вели дека конечно сепак нашол „задоволувачко објаснување за тоа зошто семоќниот Творец мора да дозволи луѓето да страдаат извесно време“. Тој вели: „Тоа беше важен чекор за мене“. *

Некои луѓе што тврдат дека се атеисти можеби се сомневаат во точноста на еволуцијата, чувствуваат потреба да веруваат во Бог, а можеби дури и се молат. Да видиме што навело некои атеисти и агностици да размислат малку подлабоко за оваа тема и на крајот да се зближат со својот Творец.

Што им помогнало да стекнат вера во Творец?

Повикувајќи се на здравиот разум, младичот што отишол кај Бертил му покажал дека има огромна разлика помеѓу вистинското христијанство и религијата на оние што само се нарекуваат христијани. Бертил објаснува што му оставило уште посилен впечаток од доказите за постоењето на Творец што му ги изнел Сведокот: „Се восхитував на тоа колку беше стрплив, иако јас бев многу тврдоглав... Тој остана смирен, секогаш имаше некоја публикација за мене и беше добро подготвен“. *

Светлана, чие размислување го обликувале еволуцијата и комунизмот, била убедена дека преживуваат само најспособните. Сепак, воопшто не ѝ се допаѓало ова сурово гледиште за животот. Она што го учела во медицинското училиште ја збунило уште повеќе. Таа вели: „На часовите кога се зборуваше за атеизмот учевме дека преживуваат само најспособните. Но, на часовите од стручните предмети учевме дека треба да им помагаме на слабите“. Исто така, се прашувала зошто луѓето, кои благодарение на еволуцијата би требало да бидат на повисоко ниво од мајмуните, страдаат од емоционални проблеми што не ги погодуваат мајмуните. Објаснувањето на овие противречности го добила од сосема неочекувано место: „Баба ми ми објасни на темел на Библијата дека негативните емоции се резултат на нашата несовршеност“. Светлана се одушевила и кога го дознала библискиот одговор на други прашања како, на пример, зошто страдаат добрите луѓе.

Лејф, кој има скандинавско потекло, цврсто верувал во еволуцијата и сметал дека Библијата е полна со прикаски. Меѓутоа, еден ден, некој негов пријател го натерал да ги преиспита своите убедувања: „Свесен ли си дека само го повторуваш она што го рекле другите, а ти самиот не знаеш ама баш ништо за Библијата?“ Лејф објаснува како влијаеле врз него тие зборови: „Сфатив дека никогаш не се прашав дали еволуцијата е точна, туку едноставно слепо ја прифатив... Мислам дека еден атеист може да почне подлабоко да размислува ако, меѓу другото, научи нешто повеќе за библиските пророштва и за нивното исполнување“ (Исаија 42:5, 9).

Киран, кој беше спомнат погоре, бил разочаран откако со години се занимавал со политика. Додека размислувал за животот, во главата му поминала мислата дека само еден Бог кој е моќен и кој ги сака луѓето може да ги реши проблемите што ја мачат Земјата, а и да му го покаже излезот од неговите лични проблеми. ‚Ах, колку би сакал да најдам еден таков Бог‘, си рекол. Во длабок очај, тој се молел: „Ако постоиш и ако ме слушаш, покажи ми го тоа некако, и покажи ми го излезот од моите маки и од страдањата на сите луѓе“. По неколку дена, еден Јеховин сведок тропнал на неговата врата. Сведокот му објаснил дека, според Библијата, врз човечките влади влијаат злобни духовни сили (Ефешаните 6:12). Ова објаснување било во склад со она што Киран веќе и самиот го забележал, и му ја разбудило љубопитноста. Продолжил да ја проучува Библијата, и неговата вера во Творец кој ги сака луѓето почнала да расте.

Творецот на луѓето и ти

Поради лицемерството во религијата, атеистичките учења како што е еволуцијата, а и раширеното зло, многу луѓе се сомневаат, па дури и негираат дека постои Творец. Меѓутоа, ако дозволиш, Библијата може да ти даде задоволувачки одговори на прашањата што те мачат. Исто така, таа ги открива Божјите намери, ‚намери за мир, а не за неволја, за да ни даде иднина и надеж‘ (Еремија 29:11). За Бернадет, чие дете се родило хендикепирано и која не верувала дека постои Творец, таа надеж станала како благ мевлем врз раните од нејзиното страдање.

Библиското објаснување за тоа зошто Бог ги допушта страдањата допрело до умот и срцето на многу поранешни атеисти. Ако одвоиш време да го дознаеш библискиот одговор на ваквите важни прашања, и ти ќе се увериш дека постои Бог и дека, всушност, тој „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27).

[Фусноти]

^ пас. 6 Во врска со тоа дали вистинските христијани треба да одат во војна, види ја статијата „Дали христијаните треба да војуваат?“, на страници 29-31.

^ пас. 22 Подетално објаснување за тоа зошто Бог го допушта злото можеш да најдеш на страници 106 до 114 во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 25 Докази што одат во прилог на создавањето можеш да најдеш во Разбудете се! од септември 2006 год., „Постои ли Творец?“, издадено од Јеховините сведоци.

[Рамка на страница 13]

Прашања на кои еволуцијата нема одговор

• Како може да настане живот од нешто неживо? (ПСАЛМ 36:9)

• Зошто животните и растенијата се размножуваат само во рамките на својот вид? (1. МОЈСЕЕВА 1:11, 21, 24-28)

• Ако е вистина дека луѓето потекнуваат од мајмуни, зошто не преживеал ниту еден човеколик мајмун, кој се смета за повисок облик на живот? (ПСАЛМ 8:5, 6)

• Како може теоријата за преживување на најспособните да ја објасни несебичноста кај луѓето? (РИМЈАНИТЕ 2:14, 15)

• Дали човештвото има вистинска надеж за иднината? (ПСАЛМ 37:29)

[Слики на страници 12 и 13]

Како можел еден Бог што ги сака луѓето да создаде свет во кој страдаат деца?

Лицемерството во религијата одвратило од Бог многу луѓе