Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде живееле

Каде живееле

Животот на христијаните во првиот век

Каде живееле

„Не пропуштив... да ве поучувам јавно и одејќи од куќа до куќа“ (ДЕЛА 20:20)

ЗАМИСЛИ СИ еден град од првиот век. Во него влегуваш низ една огромна порта. Како и многу други градови, и овој е сместен на рид. Ако го кренеш погледот, ќе го видиш горниот дел на градот. Многубројни луксузни бели вили блескаат на сонцето, а многу од нив имаат градини опкружени со ѕитче. Ова е населба во која живеат богатите. Малку подолу се гледаат и други куќи со различни големини и во различни форми. Овие големи, повеќекатни камени куќи, кои им припаѓаат на трговци и земјопоседници од средната класа, се наредени од двете страни на поплочените улици. Уште подолу во долината се наоѓаат посиромашните населби. Овде, сивите куќарки се малечки, наредени како кутивчиња една до друга по тесните улички или, пак, начичкани околу малите дворови.

Додека чекориш по пренатрупаните улици, звуците и миризбите ти ги скокоткаат сетилата. Наоколу се шири неодолив мирис од вкусните јадења што ги готват жените. Се слушаат звуци од животни и од разиграни деца. Мажите трудољубиво работат во бучните и смрдливи работилници и дуќани.

Во вакви куќи течел животот на христијаните во првиот век. Во нив, семејството ги вршело секојдневните работи, духовно се поучувало и му служело на Бог.

Помалите куќи. Исто како денес, големината и видот на куќите се разликувал во зависност од местото и финансиските можности на едно семејство. Во најмалите куќи (1) имало само една тесна, темна просторија, во која живеело целото семејство. Голем број вакви куќи имале ѕидови од плитар, односно цигли од кал сушени на сонце. На некои, пак, ѕидовите им биле направени од грубо изделкан камен. И двата типа куќи обично се граделе врз темели од камен.

Внатрешните ѕидови биле малтерисани, а земјениот под бил поплочен, што значи дека требало редовно да се одржуваат. Имало најмалку еден мал отвор на покривот или ѕидот за да може да излегува кујнскиот чад. Куќата била опремена само со најосновниот мебел.

Како се правел еден земјен покрив? Најпрво се правела конструкција од напречни греди потпрени на дрвени столбови. Потоа, врз оваа конструкција се ределе кровни греди, испреплетени гранки и трска. Најгоре се ставал дебел слој од глина, со што се добивал прилично водоотпорен покрив. До покривот обично се доаѓало однадвор по една дрвена скала.

Иако биле прилично скромни, домовите на христијаните биле пријатни места, каде што дури и едно сиромашно семејство можело да биде духовно богато и среќно.

Средната класа. Поголемите двокатни камени куќи (2) од средната класа имале и гостинска соба (Марко 14:13-16; Дела 1:13, 14). Во оваа голема просторија на вториот кат можеле да се одржуваат состаноци, а често се користела и за време на празниците (Дела 2:1-4). Овие, па дури и поголемите куќи (3) што им припаѓале на трговците и земјопоседниците, се граделе од блокови од варовнички карпи, кои биле поврзани со малтер направен од вар. Поплочените подови и внатрешните ѕидови се малтерисувале, а надворешните ѕидови се варосувале.

До горните простории и до покривот можело да се дојде по скали. На сите рамни покриви била направена ограда за да не падне некој и за да се спречат други несреќи (5. Мојсеева 22:8). Кога ќе фатела жегата, на покривот се правеле стреи и затоа тој бил одлично место на кое човек можел да проучува во мир, да размислува, да се моли или да се одмора (Дела 10:9).

Иако во нив честопати живееле поголеми семејства, во овие цврсти куќи со поголеми соби имало доволно простор, посебни спални соби и поголема кујна со трпезарија.

Полуксузни куќи. Куќите во римски стил (4) значително се разликувале по големината, изгледот и градбата. Огромните простории биле наредени една до друга околу една голема трпезарија (триклиниум), која била центарот на семејните активности. Некои куќи имале втор или трет кат (5) или, пак, биле украсени со оградени градини.

Полуксузните куќи можеби биле богато опремени со раскошен мебел, а дел од него бил обложен со слонова коска и злато. Овие куќи имале и други удобности, како водовод и бањи. Подот можеби бил направен од дрво или разнобоен мермер, а ѕидовите биле обложени со кедрово дрво. За греење се користел мангал. Заради безбедност, на прозорските окна се ставала решетка која обично била направена од дрво, а се ставале и завеси за да се зачува приватноста. Прозорските окна биле вовлечени во дебелите камени ѕидови (Дела 20:9, 10).

Без разлика колкав или каков бил нивниот дом, првите христијани биле гостопримливи и дарежливи. Затоа, на патувачките надгледници не им било тешко да најдат срдечно, гостопримливо семејство кај кое биле сместени додека не завршеле со својата служба во тој град (Матеј 10:11; Дела 16:14, 15).

„Куќата на Симон и Андреј.“ Исус бил срдечно пречекан во „куќата на Симон и Андреј“ (Марко 1:29-31). Куќата на овие рибари можеби била дел од една оградена група скромни градби (6) збиени околу заеднички поплочен двор.

Во таквите куќи, вратите и прозорците гледале кон дворот, кој честопати бил центар на секојдневните активности, како што биле готвењето, печењето, мелењето жито, дружењето и јадењето.

Еднокатните куќи во Капернаум биле изградени од неделкан базалт (вулканска карпа) што го имало во тој крај. Надворешните скали воделе до еден рамен покрив направен од дебел слој глина или тули поставени врз трските и кровните греди, кои биле наредени врз напречните греди (Марко 2:1-5). Внатрешните подови биле поплочени, и честопати се покривале со рогозини.

Редици куќи формирале улици и патеки покрај брегот на Галилејското Море. Капернаум бил идеално место за рибарите на кои морето им било извор на заработувачка за живот.

„Од куќа до куќа.“ Општо земено, куќите на христијаните во првиот век биле различни — од еднособни куќи изградени со цигли од кал, па сѐ до големи, луксузни вили изградени од камен.

Семејството не ја сметало својата куќа само за покрив над главата. Домот бил и место на духовна поука. Меѓу тие ѕидови, семејството заеднички го обожавало Бог. Се собирале во приватни домови за да ја проучуваат Библијата и да уживаат во друштвото на своите соверници. Она што го учеле во своите домови добро го користеле додека го извршувале важното дело на проповедање и поучување „од куќа до куќа“ низ целото Римско Царство (Дела 20:20).