Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да му се заветуваш на Јехова?

Зошто да му се заветуваш на Јехова?

Зошто да му се заветуваш на Јехова?

„Ноќеска ми пристапи ангел на Богот кому му припаѓам“ (ДЕЛА 27:23)

1. Кои чекори веќе ги направиле оние што се спремни да се крстат, и кои прашања се наметнуваат?

„НА ТЕМЕЛ на жртвата на Исус Христос, дали си се покајал за своите гревови и дали си му ветил на Јехова дека ќе ја вршиш неговата волја?“ Ова е едно од двете прашања кои, при крајот на говорот за крштавање, им се поставуваат на оние што се спремни да се крстат. Зошто христијаните треба да му се заветуваат на Јехова? Каква корист имаме од тоа што му го ветуваме својот живот на Бог? Зошто не можеме да му служиме на прифатлив начин и без да му се заветуваме? За да го дознаеме одговорот на овие прашања, најпрво мора да видиме што значи некој да му се заветува на Бог.

2. Што значи некој да му се заветува на Јехова?

2 Што значи некој да му се заветува на Бог? Забележи како апостол Павле го опишал својот однос со Бог. Пред мноштво луѓе, кои се наоѓале заедно со него на еден брод што бил во опасност да претрпи бродолом, Павле рекол дека Јехова е ‚Богот кому му припаѓа‘. (Прочитај Дела 27:22-24.) Сите вистински христијани му припаѓаат на Јехова. За разлика од нив, целиот свет „е под власта на Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Христијаните стануваат Јеховина сопственост кога на прифатлив начин му ветуваат во молитва дека ќе ја вршат неговата волја. Таквото ветување претставува личен завет, по кој следи крштавањето во вода.

3. Што симболизирало крштавањето на Исус, и како неговите следбеници можат да го следат неговиот пример?

3 Исус ни дал пример кога самиот одлучил да ја врши Божјата волја. Бидејќи се родил во израелскиот народ — кој веќе му бил заветуван на Бог — Исус со самото раѓање му припаѓал на Јехова. Значи, тој не се крстил за да покаже дека му се заветувал на Бог. Божјата Реч покажува дека Исус рекол: „Еве, дојдов... да ја вршам твојата волја, Боже“ (Евр. 10:7; Лука 3:21). Според тоа, кога се крстил, Исус на симболичен начин му се претставил на својот Татко за да ја врши Неговата волја. Учениците на Исус го следат неговиот пример и затоа се крштаваат. Меѓутоа, за разлика од него, со своето крштавање во вода тие јавно покажуваат дека лично му се заветувале на Бог во молитва.

Како ни користи заветот што му го даваме на Бог

4. Што учиме за обврзувањето од пријателството меѓу Давид и Јонатан?

4 Кога му се заветуваат на Бог, христијаните прават сериозен чекор. Тоа не е само обична обврска што ја земаат на себе, туку нешто многу позначајно. Затоа, се наметнува прашањето: како ни користи тоа што му го ветуваме својот живот на Бог? За споредба, да разгледаме каква корист имаме кога во некои ситуации се обврзуваме кон други луѓе. Еден пример е пријателството. Ако сакаш некој да ти биде пријател, мора да ја прифатиш одговорноста и самиот да бидеш пријател. На некој начин, ти се обврзуваш кон пријателот, односно преземаш и чувствуваш одговорност да се грижиш за него. Едно од највпечатливите пријателства за кои се зборува во Библијата е она меѓу Давид и Јонатан. Тие дури склучиле сојуз за пријателство меѓу себе. (Прочитај 1. Самоилова 17:57; 18:1, 3.) Иако толку блиски пријателства се ретки, повеќето пријателства се зајакнуваат кога и двајцата чувствуваат одредена одговорност еден кон друг (Изр. 17:17; 18:24).

5. Како можел некој роб да има трајна корист од тоа што му припаѓал на еден добар господар?

5 Во Законот што Бог му го дал на Израел е опишана уште една врска од која луѓето имале корист затоа што се обврзале кон некого. Ако некој роб сакал да се чувствува безбедно со тоа што ќе останел во трајна сопственост на еден добар господар, тој можел да склучи доживотен и нераскинлив сојуз со него. Во Законот стоело: „Ако робот цврсто реши и рече: ‚Ги сакам својот господар, својата жена и своите синови, не сакам да си одам и да бидам слободен‘, тогаш неговиот господар нека го доведе пред вистинскиот Бог и нека го доведе кај вратата или кај довратникот. Таму господарот нека му го продупчи увото со шило, па нека му биде роб за навек“ (2. Мој. 21:5, 6).

6, 7. а) Каква корист имаат луѓето кога се обврзуваат еден кон друг? б) Што покажува тоа во врска со нашиот однос со Јехова?

6 И бракот е заедница во која двајца луѓе се обврзуваат, но не кон некаков пишан договор, туку еден кон друг. Маж и жена што само живеат заедно, без да се венчаат, никогаш не можат да се чувствуваат вистински сигурни — ниту тие ниту, пак, нивните деца. Но, партнерите кои се обврзале еден кон друг со тоа што стапиле во чесен брак имаат силна библиска причина да се трудат со љубов да ги расчистат несогласувањата кои може да се појават меѓу нив (Мат. 19:5, 6; 1. Кор. 13:7, 8; Евр. 13:4).

7 Во библиски времиња, луѓето имале корист од тоа што склучувале договори за работа и вработување, во кои и двете страни се обврзувале на нешто (Мат. 20:1, 2, 8). Истото важи и денес. На пример, корисно е да склучиме писмен договор пред да направиме некоја деловна зделка или да се вработиме во некоја фирма. Според тоа, ако чувството на обврска ни помага да имаме подобри пријателства и брак, како и посигурно вработување, тогаш колку подобар ќе биде нашиот однос со Јехова ако му се заветуваме, безусловно обврзувајќи се дека ќе му служиме! Да видиме сега како луѓето во минатото имале корист од тоа што му се заветувале на Јехова Бог, и во која смисла тоа било многу повеќе од обична обврска.

Каква корист имал Израел од тоа што му се заветувал на Бог

8. Што значело за Израелците тоа што му се заветувале на Бог?

8 Целиот израелски народ свечено му се заветувал на Јехова во близина на гората Синај. Бог им заповедал на Израелците да се соберат таму и им рекол: „Ако го слушате верно мојот глас и ако го држите мојот сојуз, ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи“. А тие едногласно одговориле: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“ (2. Мој. 19:4-8). Заветот што му го дале на Бог не значел само дека се обврзале да го прават тоа што се барало од нив туку и дека му припаѓаат на Јехова, кој постапувал со нив како со ‚најмила сопственост‘.

9. Од каква корист било за Израелците тоа што му се заветувале на Бог?

9 Израелците имале корист од тоа што му припаѓале на Јехова. Тој бил верен и се грижел за нив како што еден родител со љубов се грижи за своето дете. Бог им рекол: „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува на синот на својата утроба? Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“ (Иса. 49:15). Јехова им дал водство преку својот Закон, им дал охрабрување преку пророците и ги штител преку ангелите. Еден псалмист напишал: „Својата реч му ја кажува на Јаков, своите уредби и закони на Израел. Не му направил така на ниту еден друг народ“ (Пс. 147:19, 20; прочитај Псалм 34:7, 19; 48:14). Исто како што Јехова се грижел за народот кој му припаѓал во минатото така ќе се грижи и за оние што му се заветуваат денес.

Зошто да му се заветуваме на Бог

10, 11. Објасни зошто не сме се родиле во Божјето големо семејство на верни суштества обдарени со разум?

10 Кога размислуваат дали да му се заветуваат на Бог како христијани и да се крстат, некои можеби се прашуваат: ‚Зарем морам да му се заветувам на Бог за да му служам?‘ Ќе ни стане јасно зошто е потребно ова ако размислиме во каква положба сме моментално пред Бог. Не смееме да заборавиме дека, поради гревот на Адам, сите сме се родиле надвор од Божјето семејство (Рим. 3:23; 5:12). Ако сакаме да станеме дел од неговото големо семејство кое се состои од верни суштества обдарени со разум, неопходно е да му се заветуваме на Бог. Да видиме зошто.

11 Никој од нас нема биолошки татко кој ни пренел совршен живот, како што била Божјата намера (1. Тим. 6:19). Не сме се родиле како Божји синови затоа што, со гревот на првата човечка двојка, човечкиот род бил одвоен од својот грижлив Татко и Творец. (Спореди со 5. Мојсеева 32:5.) Оттогаш наваму, човештвото е отуѓено од Јехова Бог и живее надвор од неговото големо семејство.

12. а) Како можат несовршени луѓе да станат членови на Божјето семејство? б) Кои чекори треба да ги преземеме пред да се крстиме?

12 Сепак, како поединци, можеме да му упатиме молба на Бог да нѐ усвои во своето семејство признавајќи нѐ како свои слуги. * Како е можно да им дозволи вакво нешто на грешници какви што сме ние? Апостол Павле напишал: „Се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син уште додека бевме непријатели“ (Рим. 5:10). При крштавањето, всушност, го молиме Бог да ни даде чиста совест за да може да нѐ прифати во своето семејство (1. Пет. 3:21). Сепак, пред да се крстиме, мора да преземеме неколку чекори. Мора да го запознаеме Бог, да научиме да му веруваме, да се покаеме и да го промениме своето однесување (Јован 17:3; Дела 3:19; Евр. 11:6). Освен сето ова, треба да направиме уште нешто пред да бидеме усвоени во Божјето семејство. Што е тоа?

13. Зошто треба едно лице да му даде свечен завет на Бог за да биде дел од неговото семејство на обожаватели кои тој ги прифаќа?

13 Пред да може да стане член на Божјето семејство од слуги што тој ги одобрува, некој што е отуѓен од Јехова Бог треба прво да му даде свечено ветување. За да разбереме зошто, да разгледаме еден пример. Да речеме дека еден почитуван татко покажува искрен интерес за некое сираче и сака да го усвои како член на своето семејство. Тој е познат како добар човек. Сепак, пред да го усвои ова момче како свој син, бара тоа да му вети нешто. Затоа му вели: „Пред да те прифатам како син, морам да се уверам дека ќе ме сакаш и ќе ме почитуваш како свој татко“. Само ако момчето е спремно да го даде ова ветување, човекот ќе го прифати во своето семејство. Зарем ова не е разумно? На сличен начин, Јехова ги прифаќа во своето семејство само оние што се спремни да му го заветуваат својот живот. Библијата вели: „[Дајте ги] своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог“ (Рим. 12:1).

Израз на љубов и вера

14. Во која смисла заветувањето е израз на љубов?

14 Кога му даваме завет на Бог да ја вршиме неговата волја, ние му покажуваме дека го сакаме од сѐ срце. Во некоја смисла, тој е сличен на брачниот завет. Еден христијански младоженец ја покажува својата љубов со тоа што ветува дека ќе ѝ биде верен на својата невеста, и во добро и во зло. Тоа е завет што ѝ го дава на друга личност, а не само обично ветување дека ќе направи нешто за неа. Христијанскиот младоженец е свесен дека не може да ужива во заеднички живот со својата невеста доколку не положи брачен завет. На сличен начин, и ние не можеме да уживаме во сите благослови што ги имаат членовите на Јеховиното семејство без да му дадеме свечен завет. Според тоа, му се заветуваме на Бог бидејќи, и покрај тоа што сме несовршени, сакаме да му припаѓаме нему и решени сме да му бидеме верни, и во добро и во зло (Мат. 22:37).

15. Во која смисла заветувањето е израз на вера?

15 Кога му се заветуваме на Бог, ние ја покажуваме и својата вера. Зошто? Затоа што, бидејќи имаме вера во Јехова, ние сме убедени дека е добро за нас да бидеме блиски со него (Пс. 73:28). Свесни сме дека нема секогаш да биде лесно да одиме со Бог додека живееме „среде еден расипан и изопачен род“, но веруваме во неговото ветување дека ќе ни помага додека се трудиме да го правиме тоа (Фил. 2:15; 4:13). Знаеме дека сме несовршени, но уверени сме дека Јехова ќе биде милостив кон нас кога ќе згрешиме. (Прочитај Псалм 103:13, 14; Римјаните 7:21-25.) Имаме вера дека Јехова ќе нѐ награди затоа што сме решени да не отстапиме од својата непорочност (Јов 27:5).

Заветувањето на Бог води до среќа

16, 17. Зошто заветувањето на Јехова води до среќа?

16 Сите што му се заветуваат на Јехова, всушност, се даваат себеси. Затоа се среќни, бидејќи Исус изнел една основна вистина кога рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Додека служел на Земјата, тој во најпотполна мера ја почувствувал среќата што доаѓа од давањето. Кога било потребно, тој се лишувал од одмор, храна и удобност за да им помага на другите да го најдат патот што води во живот (Јован 4:34). За Исус било вистинско задоволство да го радува срцето на својот Татко. Тој рекол: „Секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:29; Изр. 27:11).

17 Затоа, Исус им ставил до знаење на своите следбеници што треба да прават за навистина да водат исполнет живот, кога рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе“ (Мат. 16:24). Доколку го правиме тоа, ќе се зближиме уште повеќе со Јехова. Зарем некој друг може со поголема љубов да се грижи за нас?

18. Зошто ќе бидеме посреќни ако живееме во склад со заветот што сме му го дале на Јехова наместо да се посветиме на нешто друго или на некој друг?

18 Ако му се заветуваме на Јехова и потоа живееме во склад со тој завет така што ја вршиме Неговата волја, ќе бидеме посреќни отколку да му се заветуваме, односно да му се посветиме на што и да е друго и на кој и да е друг. На пример, многу луѓе цел живот трчаат по материјално богатство, а никогаш не чувствуваат вистинска среќа и задоволство. Меѓутоа, оние што му се заветуваат на Јехова наоѓаат трајна среќа (Мат. 6:24). Иако се среќни затоа што имаат чест да бидат „Божји соработници“, тие не му се оддадени на едно дело, туку на нашиот благодарен Бог (1. Кор. 3:9). Никој друг не може да ја цени нивната самопожртвуваност повеќе од него. Тој дури ќе им ја врати младоста на своите верни слуги за да можат засекогаш да ја чувствуваат неговата грижа (Јов 33:25; прочитај Евреите 6:10).

19. Која чест ја имаат оние што му се заветувале на Јехова?

19 Кога ќе му го ветиш својот живот на Јехова, ти стануваш близок пријател со него. Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:8; Пс. 25:14). Во следната статија ќе разгледаме зошто можеме да бидеме уверени дека правиме добар избор кога одлучуваме да му припаѓаме на Јехова.

[Фуснота]

^ пас. 12 Исусовите „други овци“ нема да станат Божји синови сѐ додека не завршат илјадата години. Сепак, бидејќи му се заветувале на Јехова Бог, смеат да му се обраќаат со „Татко“ и да се сметаат за членови на неговото семејство на обожаватели (Јован 10:16; Иса. 64:8; Мат. 6:9; Отк. 20:5).

Како би одговорил?

• Што значи некој да му се заветува на Бог?

• Како ни користи тоа што сме му се заветувале на Бог?

• Зошто христијаните треба да му се заветуваат на Бог?

[Прашања]

[Слика на страница 6]

Ако живееме во склад со нашиот завет, ќе бидеме среќни засекогаш