Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Му припаѓаме на Јехова — израз на незаслужена доброта

Му припаѓаме на Јехова — израз на незаслужена доброта

Му припаѓаме на Јехова — израз на незаслужена доброта

„На Јехова му припаѓаме“ (РИМ. 14:8)

1, 2. а) Каква чест имаме? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

КОЛКУ голема чест му била укажана на израелскиот народ кога Јехова му рекол: „Ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи“! (2. Мој. 19:5). Денес, и членовите на христијанското собрание имаат чест да му припаѓаат на Јехова (1. Пет. 2:9; Отк. 7:9, 14, 15). Тоа е чест која може да биде за наше вечно добро.

2 Но, освен што е чест, тоа е и одговорност. Некои можеби се прашуваат: ‚Ќе можам ли да го правам она што Јехова го очекува од мене? Дали тој ќе ме отфрли ако се случи да направам грев? Ќе ја изгубам ли слободата ако му припаѓам на Јехова?‘ Вреди да се размисли за овие работи. Но, најпрво, да разгледаме едно друго прашање кое го заслужува нашето внимание: Каква корист има оној што му припаѓа на Јехова?

Оној што му припаѓа на Јехова е среќен

3. Каква корист имала Раав од тоа што решила да му служи на Јехова?

3 Дали имаат корист оние што му припаѓаат на Јехова? Да ја земеме за пример Раав, една блудница која живеела во древниот Ерихон. Без сомнение, таа од мали нозе била поучена и ги држела одвратните обичаи со кои се обожавале ханаанските богови. Сепак, кога чула за победите што Јехова им ги дал на Израелците, сфатила дека Тој е вистинскиот Бог. Затоа си го ризикувала животот да го заштити Божјиот избран народ, и така ја ставила својата иднина во негови раце. Библијата вели: „Зарем и блудницата Раав не беше исто така прогласена за праведна поради делата, кога гостољубиво ги прими извидувачите и ги испрати по друг пат?“ (Јак. 2:25). Замисли колкава корист имала таа кога станала дел од чистиот Божји народ што Јехова, преку својот Закон, го поучувал за своите патишта на љубов и правда! Колку мора да била среќна што го оставила поранешниот начин на живот! Се омажила за Израелец и му помогнала на својот син Вооз да стане извонреден Божји слуга (Ис. Нав. 6:25; Рут 2:4-12; Мат. 1:5, 6).

4. Каква корист имала Рут затоа што избрала да му служи на Јехова?

4 И Моавката Рут решила да му служи на Јехова. Како девојка, таа веројатно ги обожавала Хемос и другите моавски богови. Но, го запознала вистинскиот Бог, Јехова, и се омажила за Израелец кој побарал прибежиште во нејзината земја. (Прочитај Рут 1:1-6.) Подоцна, кога Рут и нејзината јатрва Орфа тргнале за Витлеем со својата свекрва Ноемина, таа ги советувала двете млади жени да се вратат дома. За нив немало да биде лесно да се удомат во Израел. Орфа ја послушала и ‚се вратила кај својот народ и кај своите богови‘, но Рут не го сторила тоа. Таа постапила во склад со својата вера и добро знаела кому сака да му припаѓа. Рут ѝ рекла на Ноемина: „Немој да ме наговараш да те оставам и да те напуштам, зашто, каде ќе одиш ти, таму ќе одам и јас, и каде што ќе се населиш ти, таму ќе се населам и јас. Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“ (Рут 1:15, 16). Бидејќи избрала да му служи на Јехова, Рут извлекла корист од Божјиот закон, според кој требало да се покаже посебен обѕир кон вдовиците, кон сиромасите и кон оние што немале земја. Под Јеховините крилја, таа навистина нашла среќа, заштита и сигурност.

5. Што е карактеристично за луѓето кои верно му служат на Јехова?

5 Можеби познаваш некои лица што, откако му се заветувале на Јехова, продолжиле со децении верно да му служат. Прашај ги каква корист имале досега од тоа. Иако денес нема човек без проблеми, доказите јасно го потврдуваат она што го рекол псалмистот: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Пс. 144:15).

Јехова има разумни очекувања

6. Зошто не треба да се плашиме дека нема да можеме да го извршиме она што Јехова го бара од нас?

6 Можеби се прашуваш дали ќе можеш да го правиш она што Јехова го очекува од тебе. Лесно е некој да се исплаши од помислата да биде Божји слуга, да живее според Неговиот закон и да зборува во Негово име. На пример, Мојсеј сметал дека не е доволно способен да зборува со Израелците и со царот на Египет во името на Бог. Но, Бог немал неразумни очекувања од него. Тој ‚го поучил што да прави‘. (Прочитај 2. Мојсеева 3:11; 4:1, 10, 13-15.) Бидејќи ја прифатил понудената помош, Мојсеј успешно ја извршил Божјата волја, и многу се радувал поради тоа. Јехова има исто толку разумни очекувања и од нас. Тој ја разбира нашата несовршеност и сака да ни помогне (Пс. 103:14). Не е тешко и невозможно да му се служи на Бог како следбеник на Христос. Напротив, тоа навистина закрепнува бидејќи, ако живееме така, имаат корист другите, а го радуваме и Јеховиното срце. Исус рекол: „Дојдете кај мене... и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце!“ (Мат. 11:28, 29).

7. Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти помогне да го правиш она што го очекува од тебе?

7 Јехова секогаш ќе ни го дава потребното охрабрување и сила сѐ додека се потпираме на него. На пример, Еремија очигледно бил срамежлив по природа. Затоа, кога Јехова го поставил за свој пророк, Еремија рекол: „Леле, Севишен Господару Јехова! Еве, јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ А подоцна дури рекол: „Нема повеќе да зборувам од [Божје] име“ (Ерем. 1:6; 20:9). Сепак, зајакнат од Јехова, Еремија успеал да проповеда една неомилена порака цели 40 години! Јехова повеќе пати го охрабрил со зборовите: „Јас сум со тебе за да те спасам и да те избавам“ (Ерем. 1:8, 19; 15:20).

8. Како покажуваме дека имаме доверба во Јехова?

8 Исто како што ги зајакнал Мојсеј и Еремија, Јехова може да ни помогне и нам да го правиме она што го очекува од христијаните денес. Клучот е да се потпираме на Бог. Библијата вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6). Својата доверба во Јехова ја покажуваме кога ја користиме помошта што ни ја дава преку својата Реч и преку собранието. Ако му дозволиме на Јехова да ги води нашите чекори во животот, ништо нема да нѐ спречи да му бидеме верни.

Јехова се грижи за секој поединец од својот народ

9, 10. Каква заштита ни е ветена во 91. Псалм?

9 Кога размислува дали да му се заветува на Јехова, некој можеби помислува на опасноста да направи грев и да стане недостоен, па и да биде отфрлен од Јехова. За среќа, Јехова ни ја дава сета помош што ни е потребна за да го зачуваме нашиот скапоцен однос со него. Да видиме како ова се гледа од 91. Псалм.

10 Овој псалм почнува со следниве зборови: „Кој живее во тајното засолниште на Севишниот, ќе престојува во сенката на Семоќниот. Ќе му речам на Јехова: ‚Ти си моето засолниште и мојата тврдина, мојот Бог, во кого ќе имам доверба‘. Зашто, тој ќе те избави од замката на птичарот“ (Пс. 91:1-3). Забележи дека Бог им ветува заштита на оние што го сакаат и што имаат доверба во него. (Прочитај Псалм 91:9, 14.) За каква заштита зборувал? На некои свои слуги во минатото, Јехова им обезбедил дословна заштита — во некои случаи за да ја зачува семејната лоза што водела до ветениот Месија. Но, ред други верни мажи биле затворани, мачени и убиени додека Ѓаволот безмилосно се обидувал да ги натера да му бидат неверни на Бог (Евр. 11:34-39). Тие ја имале потребната храброст да издржат затоа што Јехова ги заштитил од опасноста да им биде скршена верноста. Според тоа, може да се каже дека во 91. Псалм ни е ветена духовна заштита.

11. Што е „тајното засолниште на Севишниот“, и кого Бог го штити во него?

11 Значи, „тајното засолниште на Севишниот“, кое го спомнал псалмистот, е симболично место на духовна заштита. Таму оние што Бог ги примил како свои гости се на сигурно, и ништо и никој не би можел да ја поткопа нивната вера и љубов кон Бог (Пс. 15:1, 2; 121:5). Тоа е тајно засолниште затоа што не им е познато на неверниците. Во него Јехова ги штити оние што, всушност, велат: ‚Ти си мојот Бог, во кого ќе имам доверба‘. Ако останеме во ова засолниште, нема потреба претерано да се плашиме дека ќе паднеме во некоја стапица на „птичарот“, Сатана, и така да ја изгубиме Божјата милост.

12. Кои опасности му се закануваат на нашиот однос со Бог?

12 Кои опасности му се закануваат на нашиот скапоцен однос со Бог? Псалмистот спомнува неколку, а меѓу нив се и „чумата што во мракот оди... [и] уништувањето што ограбува напладне“ (Пс. 91:5, 6). „Птичарот“ успеал да фати мнозина во стапицата на себичната желба за независност (2. Кор. 11:3). Други ги фаќа во замката на алчноста, гордоста и материјализмот. Трети ги заведува со мудрувања како што се патриотизмот, еволуцијата и лажната религија (Кол. 2:8). А мнозина се фатиле и во замката на недозволените полови односи. Поради тоа што подлегнале на ваквите опасности кои се како симболичен помор кој предизвикува духовна штета, кај милиони згаснала љубовта кон Бог (прочитај Псалм 91:7-10; Мат. 24:12).

Зачувај ја љубовта кон Бог

13. Како нѐ штити Јехова од опасностите што ѝ се закануваат на нашата духовност?

13 Како Јехова ги штити своите слуги од овие духовни опасности? Псалмот вели: „На своите ангели тој ќе им заповеда за тебе да те чуваат на сите твои патишта“ (Пс. 91:11). Небесните ангели нѐ водат и нѐ штитат за да ја проповедаме добрата вест (Отк. 14:6). Освен ангелите, христијанските старешини, кои цврсто се држат за Библијата додека нѐ поучуваат, нѐ штитат за да не бидеме заведени од некое неисправно размислување. Тие можат да му дадат помош на секој што се бори да ги отфрли световните ставови (Тит 1:9; 1. Пет. 5:2). Исто така, „верниот и разборит роб“ дава духовна храна за да нѐ штити од учењето за еволуција, од неморалните желби, од трката по углед и богатство, и од многу други штетни желби и влијанија (Мат. 24:45). Што ти помогнало тебе да се бориш со некои од тие опасности?

14. Како може да извлечеме корист од заштитата што ни ја дава Бог?

14 Што мора да правиме за да останеме во Божјето ‚тајно засолниште‘, каде што ја имаме неговата заштита? Исто како што постојано мора да се штитиме од физички опасности, како што се несреќи, криминал или заразни болести, така постојано мора да се штитиме и од духовните опасности. Затоа, треба редовно да се потпираме на водството што Јехова ни го дава преку нашите публикации, на собраниските состаноци и на собирите. Освен тоа, можеме да побараме помош од старешините. А зарем не ни се од голема помош и различните особини што ги имаат нашите христијански браќа и сестри? Нашето дружење со браќата во собранието навистина ни помага да бидеме мудри (Изр. 13:20; прочитај 1. Петрово 4:10).

15. Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова може да те заштити од сѐ што би можело да те одвои од неговата љубов?

15 Нема причина да се сомневаме дека Јехова може да нѐ заштити од сѐ што би можело да нѐ одвои од неговата љубов (Рим. 8:38, 39). Тој го штити собранието од силните верски и политички непријатели чија цел обично не е да нѐ убијат, туку да нѐ одвојат од нашиот свет Бог. Јехова го одржал своето ветување: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Иса. 54:17).

Кој ни дава слобода?

16. Зошто светот не може да ни даде слобода?

16 Дали ќе ја изгубиме личната слобода ако станеме Јеховина сопственост? Напротив, ќе ја изгубиме слободата ако му припаѓаме на светот. Светот е отуѓен од Јехова и е под власта на еден суров бог кој ги заробува луѓето (Јован 14:30). На пример, Сатановиот свет го користи економскиот притисок за да им ја одземе слободата на луѓето. (Спореди со Откровение 13:16, 17.) Тие стануваат робови и поради измамливоста на гревот (Јован 8:34; Евр. 3:13). Според тоа, иако неверниците можеби ветуваат слобода кога поттикнуваат да се живее спротивно на Јеховините учења, секој што ги слуша брзо ќе сфати дека станал роб на грешен и срамен начин на живеење (Рим. 1:24-32).

17. Каква слобода ни нуди Јехова?

17 Меѓутоа, ако се оставиме во негови раце, Јехова ќе нѐ ослободи од сето она што може да ни наштети. На некој начин, нашата ситуација може да се спореди со ситуацијата на еден човек што се остава во рацете на еден вешт хирург, кој може да го ослободи од некоја смртоносна болест. Сите ние сме наследиле смртоносна болест — гревот. Само ако му го довериме својот живот на Јехова, на темел на Христовата жртва, може да се надеваме дека ќе ги избегнеме последиците од тој грев и дека ќе живееме вечно (Јован 3:36). Исто како што нашата доверба во некој хирург расте додека дознаваме сѐ повеќе за неговата стручност, така и нашата доверба во Јехова ќе расте додека продолжуваме да учиме за него. Затоа, и понатаму внимателно ја проучуваме Божјата Реч бидејќи тоа ќе ни помогне да го засакаме Бог на начин што кај нас ќе го отстрани секој страв кој можеби ни го создава помислата да станеме негова сопственост (1. Јов. 4:18).

18. Што ќе добијат оние што му припаѓаат на Јехова?

18 Јехова им дава слобода на избор на сите луѓе. Неговата Реч вели: „Избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство, така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог“ (5. Мој. 30:19, 20). Тој сака да ја покажеме својата љубов кон него со тоа што доброволно ќе избереме да му служиме. Наместо да ни ја скрати слободата, тоа што ќе му припаѓаме на Богот кого го сакаме сигурно ќе ни биде извор на голема среќа.

19. Зошто можеме да му припаѓаме на Јехова само поради неговата незаслужена доброта?

19 Како грешници, ние не заслужуваме да му припаѓаме на еден совршен Бог. Ова е можно само поради Божјата незаслужена доброта (2. Тим. 1:9). Затоа, Павле напишал: „Ако живееме, живееме за Јехова, и ако умираме, умираме за Јехова. Според тоа, било да живееме било да умираме, на Јехова му припаѓаме“ (Рим. 14:8). Сигурно никогаш нема да зажалиме што сме избрале да му припаѓаме на Јехова!

Како би одговорил?

• Како ни користи тоа што му припаѓаме на Јехова?

• Зошто можеме да го правиме она што Бог го очекува од нас?

• Како Јехова ги штити своите слуги?

[Прашања]

[Слики на страница 8]

Прашај ги другите како досега им користело тоа што му припаѓаат на Јехова

[Слика на страница 10]

На кои начини нѐ штити Јехова?