Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Докажи дека си вистински следбеник на Христос!

Докажи дека си вистински следбеник на Христос!

Докажи дека си вистински следбеник на Христос!

„Секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод“ (МАТ. 7:17)

1, 2. По што се разликуваат вистинските следбеници на Христос од лажните, особено во ова време на крајот?

ИСУС рекол дека оние што лажно тврдат дека му служат ќе се разликуваат од неговите вистински следбеници по своите плодови, односно по своите учења и постапки (Мат. 7:15-17, 20). Всушност, врз луѓето неизбежно влијае она што го внесуваат во умот и во срцето (Мат. 15:18, 19). Оние што се хранети со лаги даваат „безвреден плод“, а оние што се поучени за духовната вистина даваат „добар плод“.

2 Овие два вида плодови јасно се гледаат во ова време на крајот. (Прочитај Даниел 12:3, 10.) Лажните христијани имаат извртено гледиште за Бог и, честопати, лицемерна побожност, а оние што исправно ги разбираат духовните работи му служат на Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:24; 2. Тим. 3:1-5). Тие се трудат да покажуваат христијански особини. Но, што е со нас лично? Додека ги разгледуваш следните пет обележја по кои се препознава вистинското христијанство, прашај се: ‚Дали моето однесување и она за кое ги поучувам другите се во потполн склад со Божјата Реч? Дали со своето однесување и поучување им ја правам вистината попривлечна на оние што ја бараат?‘

Живеј во склад со Божјата Реч

3. Што му се допаѓа на Јехова, и што значи ова за вистинските христијани?

3 Исус рекол: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата“ (Мат. 7:21). Значи, на Јехова не му се допаѓа кога некои само тврдат дека се христијани, туку кога навистина постапуваат како христијани. Вистинските следбеници на Христос се однесуваат така во секој аспект од животот, и тука спаѓа нивниот став кон парите, световната работа, забавата, световните обичаи и прослави, како и кон бракот и меѓучовечките односи воопшто. Но, лажните христијани го прифаќаат размислувањето и постапувањето на светот, кои во овие последни денови стануваат сѐ побезбожни (Пс. 92:7).

4, 5. Како можеме да ги примениме Јеховините зборови од Малахија 3:18 во нашиот живот?

4 Во врска со ова, пророкот Малахија напишал: „Повторно ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Мал. 3:18). Додека размислуваш за овие зборови, прашај се: ‚Дали сум ист како луѓето во светот или се разликувам од нив? Дали секогаш се обидувам да се вклопам во друштвото на моите световни колеги на работа или на соучениците или, пак, цврсто се држам за библиските начела, па дури и ги бранам кога треба?‘ (Прочитај 1. Петрово 3:16.) Се разбира, не сакаме да се правиме дека сме најдобри, но сепак треба да се разликуваме од оние што не го сакаат и не му служат на Јехова.

5 Ако увидиш дека има место за поправање, зошто не се молиш во врска со тоа и не се потрудиш духовно да се зајакнеш така што редовно ќе ја проучуваш Библијата, ќе се молиш и ќе одиш на состаноци? Колку повеќе Божјата Реч станува дел од тебе толку повеќе ќе даваш „добар плод“, во кој спаѓа и ‚плодот на усните кои го објавуваат Божјето име‘ (Евр. 13:15).

Проповедај за Божјето Царство

6, 7. Во однос на пораката за Царството, каква разлика се гледа меѓу вистинските и лажните христијани?

6 Исус рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Зошто Божјето Царство било главното нешто за кое Исус проповедал додека служел на Земјата? Тој знаел дека, како Цар на тоа Царство, заедно со своите воскреснати помазани браќа, ќе му стави крај на изворот на неволјите на Земјата, односно на гревот и на Ѓаволот (Рим. 5:12; Отк. 20:10). Затоа им заповедал на своите следбеници да го објавуваат тоа Царство сѐ до крајот на сегашниов поредок (Мат. 24:14). Оние што само тврдат дека се следбеници на Христос не го вршат ова дело — всушност, и не можат да го вршат. Зошто? Од најмалку три причини. Прво, не можат да проповедаат за нешто што не го разбираат. Второ, повеќето од нив ја немаат понизноста и храброста што се потребни да се соочат со исмевањето и противењето на кои веројатно ќе наидат ако им ја пренесуваат пораката за Царството на другите луѓе (Мат. 24:9; 1. Пет. 2:23). И трето, лажните христијани го немаат Божјиот дух (Јован 14:16, 17).

7 За разлика од нив, вистинските следбеници на Христос разбираат што е Божјето Царство и што ќе направи. Освен тоа, тие го ставаат Царството на прво место во животот и го објавуваат низ целиот свет со помош на Јеховиниот дух (Зах. 4:6). Дали редовно учествуваш во ова дело? Дали се трудиш да станеш подобар објавител на Царството, и можеби поминуваш повеќе време во службата или ја извршуваш поделотворно? Некои се трудат да ја подобрат својата служба така што повеќе ја користат Библијата. „Речта Божја е жива и делотворна“, напишал апостол Павле, кој по обичај го користел Писмото кога зборувал со луѓето (Евр. 4:12; Дела 17:2, 3).

8, 9. а) Кои искуства нагласуваат колку е добро да ја користиме Библијата во служба? б) Што ќе ни помогне почесто да ја користиме Божјата Реч кога проповедаме?

8 Додека проповедал од куќа до куќа, еден брат му го прочитал стихот од Даниел 2:44 на еден католик и му објаснил како Божјето Царство ќе донесе вистински мир и сигурност. Човекот рекол: „Навистина го ценам тоа што ја отворивте Библијата и ми покажавте што стои во стихот наместо само да ми кажете со свои зборови“. Кога еден брат ѝ прочитал стих од Светото писмо на една жена од грчка православна вероисповед, таа му поставила интересни прашања. И во овој случај, братот, заедно со својата сопруга, ѝ одговорил на жената користејќи ја Библијата. Подоцна оваа жена рекла: „Знаете ли зошто бев спремна да зборувам со вас? Ми дојдовте на врата со Библијата и ми читавте од неа“.

9 Се разбира, нашата литература е важна и треба да ја нудиме во службата. Сепак, најмногу треба да ја користиме Библијата. Затоа, ако си немал обичај да ја користиш редовно во службата, зошто не си поставиш цел да го правиш тоа? Би можел да избереш неколку клучни стихови кои објаснуваат што е Божјето Царство и како ќе реши некои конкретни проблеми што ги загрижуваат луѓето на твоето подрачје. Потоа биди спремен да ги прочиташ додека проповедаш од врата до врата.

Гордо носи го Божјето име

10, 11. Во врска со користењето на Божјето име, каква разлика постои меѓу Исус и мнозина што тврдат дека го следат?

10 „,Вие сте мои сведоци‘, вели Јехова, ‚а јас сум Бог‘“ (Иса. 43:12). Јеховиниот најголем Сведок, Исус Христос, сметал дека е чест да го носи Божјето име и да им го објавува на другите. (Прочитај 2. Мојсеева 3:15; Јован 17:6; Евреите 2:12.) Всушност, поради тоа што го објавувал името на својот Татко, Исус бил наречен „Верен сведок“ (Отк. 1:5; Мат. 6:9).

11 За разлика од него, мнозина што тврдат дека ги застапуваат Бог и неговиот Син покажале презир кон Божјето име, па дури и го извадиле од своите преводи на Библијата. Во тој правец биле и упатствата во едно неодамнешно писмо до католичките бискупи. Во него стоело дека „Божјето име во облик на тетраграмот ЈХВХ не треба да се користи ниту да се изговара“ за време на богослужбите. * Ваквиот став навистина заслужува осуда!

12. Како врската меѓу Јехова и неговите слуги станала уште поочигледна во 1931 год.?

12 Следејќи го примерот на Исус и на големиот „облак од сведоци“ пред него, вистинските христијани гордо го користат Божјето име (Евр. 12:1). Всушност, во 1931 год., врската меѓу Божјите слуги и вистинскиот Бог, Јехова, стана уште поочигледна кога го прифатија името Јеховини сведоци. (Прочитај Исаија 43:10-12.) Така, на еден многу посебен начин, Христовите вистински следбеници станаа народ ‚што го носи Божјето име‘ (Дела 15:14, 17).

13. Како можеме да живееме во склад со името што ни го дал Бог?

13 Како може секој од нас да живее во склад со нашето единствено име? Меѓу другото, мора верно да сведочи за Бог. „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“, напишал Павле. „Но како ќе го повикаат оној во кого не поверувале? А како ќе поверуваат во оној за кого не чуле? А како ќе чујат ако никој не проповеда? А како ќе проповедаат ако не бидат испратени?“ (Рим. 10:13-15). Освен тоа, треба тактично да ги разоткриваме верските лаги со кои се оцрнува нашиот Творец. Една таква лага е учењето за пекол, со кое, всушност, му се припишуваат на Богот на љубовта бездушните особини на Ѓаволот (Ерем. 7:31; 1. Јов. 4:8; спореди со Марко 9:17-27).

14. Како реагирале некои кога го дознале Божјето лично име?

14 Дали се гордееш што го носиш името на твојот небесен Татко? Им помагаш ли на другите да го дознаат тоа свето име? Една жена од Париз чула дека Јеховините сведоци го знаат името на Бог, па затоа, кога следниот пат разговарала со Сведок, побарала да ѝ го покаже тоа име во нејзината Библија. Кога го прочитала Псалм 83:18, останала без зборови. Почнала да ја проучува Библијата, и сега верно му служи на Јехова во друга земја. Една католичка од Австралија се расплакала од радост кога првпат го видела Божјето име во Библијата. Веќе многу години, таа служи како општ пионер. Неодамна, и на една жена од Јамајка ѝ потекле солзи од радост кога Сведоците ѝ го покажале Божјето име во нејзината Библија. Затоа, биди горд што го носиш Божјето име и, исто како Исус, кажувај им го тоа скапоцено име на сите.

„Немојте да го сакате... светот“

15, 16. Како гледаат вистинските христијани на светот, и кои прашања треба да си ги поставиме?

15 „Немојте да го сакате ниту светот ниту она што е во светот! Ако некој го сака светот, љубовта кон Таткото не е во него“ (1. Јов. 2:15). Светот и неговиот телесен дух му се противи на Јехова и на неговиот свет дух. Затоа, вистинските следбеници на Христос се трудат да не бидат дел од светот. Но, се трудат и да немаат љубов кон тој свет, бидејќи знаат дека, како што напишал ученикот Јаков, „пријателството со светот е непријателство со Бог“ (Јак. 4:4).

16 Не е секогаш лесно да се задржат на ум зборовите на Јаков во еден свет во кој има искушенија на секој чекор (2. Тим. 4:10). Затоа Исус се молел за своите следбеници: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги зачуваш од Злобниот. Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:15, 16). Прашај се: ‚Дали се трудам со сите сили да не бидам дел од светот? Дали другите знаат каков е мојот став кон небиблиските прослави и обичаи, како и кон оние што можеби немаат паганско потекло, но јасно го одразуваат духот на светот?‘ (2. Кор. 6:17; 1. Пет. 4:3, 4).

17. Што може да ги натера искрените да застанат на Јеховина страна?

17 Факт е дека светот нема да нѐ сака поради таквиот наш библиски став, но можеби ќе ја разбудиме љубопитноста кај искрените. Всушност, кога таквите лица гледаат дека нашата вера е цврсто вкоренета во Библијата и е поврзана со секој аспект од нашиот живот, можеби и тие, на некој начин, ќе им речат на помазаниците: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (Зах. 8:23).

Покажи вистинска христијанска љубов

18. Како се покажува љубовта кон Јехова и кон ближниот?

18 Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“, и „Сакај го својот ближен како себеси“ (Мат. 22:37, 39). Таквата љубов (на грчки: ага́пи) се темели на морални начела и едно лице ја покажува кон другите од принцип, должност и пристојност. Но, таа е и силно чувство. Може да биде срдечна и горлива (1. Пет. 1:22). Оваа љубов е сушта спротивност на себичноста, бидејќи се покажува со несебични зборови и постапки. (Прочитај 1. Коринќаните 13:4-7.)

19, 20. Раскажи некои искуства што покажуват колку е моќна христијанската љубов.

19 Со оглед на тоа што е плод на Божјиот свет дух, љубовта им помага на вистинските христијани да го прават она што другите не можат, на пример, да ги урнат расните, културните и политичките бариери (прочитај Јован 13:34, 35; Гал. 5:22). Кротките лица се длабоко трогнати кога ќе видат таква љубов. На пример, кога еден млад Евреин во Израел првпат дошол на христијански состанок, не можел да се изначуди што видел како еврејски и арапски браќа седат еден до друг и го обожаваат Јехова. Поттикнат од ова, тој почнал редовно да оди на состаноци и прифатил да ја проучува Библијата. Дали и ти покажуваш таква срдечна љубов кон своите браќа? И дали се трудиш да им изразиш срдечно добредојде на новите што доаѓаат во вашата Сала на Царството, без оглед на нивната националност, боја на кожата или општествената положба?

20 Како вистински христијани, ние се трудиме да покажуваме љубов кон сите. Во Ел Салвадор, една млада објавителка ја поучувала за Библијата една 87-годишна католичка која никако не можела да се раздели од својата црква. Еден ден, жената паднала тешко болна, и ја однеле в болница. Кога се вратила дома, Сведоците редовно ја посетувале и се грижеле таа да има јадење. Ова го правеле цел месец. Никој од црквата на жената не дошол да ја види. Каков бил резултатот? Таа ги фрлила своите кипови, се испишала од црквата и продолжила да ја проучува Библијата. Да, христијанската љубов има голема моќ! Може да има посилно влијание врз срцата на луѓето отколку нашето проповедање.

21. Како може да си ја осигураме иднината?

21 Наскоро, Исус ќе им рече на оние што лажно тврдат дека му служат: „Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Мат. 7:23). Затоа, да даваме плод со кој ќе им оддадеме чест и на Таткото и на Синот. Исус рекол: „Секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа“ (Мат. 7:24). Значи, ако докажеме дека сме вистински следбеници на Христос, ќе ја стекнеме Божјата милост и нашата иднина ќе биде сигурна, исто како да е изградена на карпа!

[Фуснота]

^ пас. 11 Некои современи католички публикации на англиски јазик, меѓу кои и The Jerusalem Bible, го преведуваат тетраграмот со „Јахве“.

Се сеќаваш ли?

• Како се разликуваат вистинските следбеници на Христос од лажните?

• Наведи некои „плодови“ по кои се препознаваат вистинските христијани.

• Какви цели можеш да си поставиш во врска со покажувањето христијански плодови?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Дали имаш обичај да ја користиш Библијата кога си во служба?

[Слика на страница 15]

Дали другите го знаат твојот став кон небиблиските прослави?