Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховиното владеење е оправдано!

Јеховиното владеење е оправдано!

Јеховиното владеење е оправдано!

„Севишниот владее над човечкото царство“ (ДАН. 4:17)

1, 2. Наведи некои причини зошто човечкото владеење претрпело неуспех.

ЧОВЕЧКОТО владеење претрпело целосен неуспех! Во тоа нема никакво сомневање. Главна причина за овој неуспех е тоа што на луѓето им недостига мудрост за да можат добро да владеат. Овој неуспех на човечките влади особено е видлив денес кога толку многу владетели се ‚себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, нелојални, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници и горди‘ (2. Тим. 3:2-4).

2 Многу одамна, нашите први родители го отфрлиле Божјето владеење. Со тоа можеби мислеле дека станале независни. Но, всушност, тие потпаднале под власта на Сатана. Шест милениуми на лошо владеење од страна на луѓето — под силно влијание на „владетелот на овој свет“, Сатана — нѐ доведоа до сегашново дно во човечката историја (Јован 12:31). Во врска со состојбата на човештвото денес, една книга вели дека е залудно „да се надеваме на совршен свет“ (The Oxford History of the Twentieth Century). Таа објаснува: „Не само што таков свет е надвор од нашиот дофат туку и обидите да го создадеме водат до катастрофи, тоталитаризам и, во најлош случај, до војна“. Колку искрено признание дека човечкото владеење доживеало потполн неуспех!

3. Што може да кажеме за начинот на кој ќе владеел Бог доколку Адам и Ева не згрешеле?

3 Колку жално што нашите први родители го отфрлиле единственото владеење што ќе им донело среќа на луѓето — Божјето владеење! Се разбира, не знаеме како точно Јехова ќе ја спроведувал својата власт на Земјата доколку Адам и Ева му останеле верни. Сепак, може да бидеме сигурни дека главни обележја на Божјето владеење, кое би го прифатиле сите луѓе, ќе биле љубовта и непристрасноста (Дела 10:34; 1. Јов. 4:8). Бидејќи Бог има неспоредлива мудрост, можеме да бидеме уверени и дека, доколку луѓето останале под Јеховината власт, сите грешки на оние што го поддржувале човечкото владеење немало воопшто да се направат. Теократијата, односно владеењето од страна на Бог успешно ќе ја ‚задоволело желбата на сѐ што е живо‘ (Пс. 145:16). Накратко кажано, тоа владеење ќе било совршено (5. Мој. 32:4). Колку е жално што луѓето го отфрлиле!

4. До кој степен му било дозволено на Сатана да владее?

4 Сепак, добро е да имаме на ум дека Јехова, иако им дозволил на луѓето да владеат без него, во ниту еден момент не се одрекол од своето право да владее над своите творби. Дури и моќниот вавилонски цар бил присилен да признае дека, всушност, „Севишниот владее над човечкото царство“ (Дан. 4:17). На крајот, под Божјето Царство ќе се врши Неговата волја (Мат. 6:10). Точно, Јехова привремено му дозволил на Сатана да биде „богот на овој свет“ за да се даде непобитен одговор на спорните прашања што ги покренал овој негов противник (2. Кор. 4:4; 1. Јов. 5:19). Сепак, Сатана никогаш не можел да ги премине границите што му ги поставил Јехова (2. Лет. 20:6; спореди со Јов 1:11, 12; 2:3-6). И, секогаш имало поединци што избрале да му се подложат на Бог, иако живееле во свет со кој владеел Божјиот голем Непријател.

Божјето владеење со Израел

5. Каков завет му дал Израел на Бог?

5 Од времето на Авел па сѐ до времето на семејните поглавари, имало верни лица што му служеле на Јехова и биле послушни на неговите заповеди (Евр. 11:4-22). Во времето на Мојсеј, Јехова склучил сојуз со потомците на семејниот поглавар Јаков, и така бил основан израелскиот народ. Во 1513 год. пр.н.е., Израелците се заветувале дека тие и нивните потомци ќе го прифатат Јехова како Владетел кога рекле: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“ (2. Мој. 19:8).

6, 7. Како владеел Бог над Израел?

6 Јехова имал причина зошто ги избрал Израелците за свој народ. (Прочитај 5. Мојсеева 7:7, 8.) Во тоа не било вклучено само нивното добро туку и Божјето име и Неговото право да владее, нешто што било од далеку поголема важност. Израел требало да сведочи дека Јехова е единствениот вистински Бог (Иса. 43:10; 44:6-8). Затоа, Јехова му рекол: „Ти си свет народ пред Јехова, својот Бог, и Јехова те избра да бидеш негов народ, негова најмила сопственост меѓу сите народи што се на лицето на земјата“ (5. Мој. 14:2).

7 Додека владеел над Израелците, Бог зел предвид дека тие се несовршени. Истовремено, неговите закони биле совршени и ги одразувале особините на Оној што им ги дал. Од заповедите што Јехова ги дал преку Мојсеј, јасно можела да се види Неговата светост, неговата љубов кон правдата, неговата спремност да прости и неговата стрпливост. Подоцна, во времето на Исус Навин и на неговото поколение, народот бил послушен на Јеховините заповеди и уживал во мир и во духовни благослови (Ис. Нав. 24:21, 22, 31). Тој период од историјата на Израел покажал колку е успешно Јеховиното владеење.

Човечкото владеење скапо се плаќа

8, 9. Кое немудро барање го изнеле Израелците, и какви биле последиците?

8 Меѓутоа, низ годините и вековите што следеле, Израелците честопати го отфрлале Бог како владетел, и трпеле последици затоа што ја губеле неговата заштита. На крајот, преку пророкот Самоил, Израелците побарале видлив, човечки цар. Јехова му кажал на Самоил да им го задоволи ова барање. Сепак, додал: „[Тие] не те отфрлија тебе, туку ме отфрлија мене за да не царувам над нив“ (1. Сам. 8:7). Иако им дозволил да имаат видлив цар, Јехова ги предупредил дека скапо ќе го платат владеењето на тој човечки цар. (Прочитај 1. Самоилова 8:9-18.)

9 Историјата докажала дека ова Јеховино предупредување било сосема точно. Израелците имале големи проблеми поради тоа што над нив владеел човечки цар, особено кога тој не му бил верен на Бог. Имајќи го на ум овој пример на Израелците, не нѐ изненадува тоа што, низ вековите, владите во рацете на луѓето кои не го познавале Јехова не постигнале трајно добри резултати. Точно, некои политичари бараат благослов од Бог за да постигнат мир и сигурност, но како може Бог да ги благослови оние што не се подложуваат на неговото владеење? (Пс. 2:10-12).

Бог владее со нов народ

10. Зошто Израелците повеќе не биле Божји избран народ?

10 Израелскиот народ покажал дека не сака верно да му служи на Јехова. На крајот, го отфрлиле Месијата кој бил испратен од Јехова Бог, а Тој ги отфрлил нив и ги заменил со друга група луѓе кои станале нов народ. Така, во 33 год. од н.е. се родило христијанското собрание од помазани слуги на Јехова. Ова собрание, всушност, било еден нов народ под Јеховината власт. Павле го нарекол „Израелот Божји“ (Гал. 6:16).

11, 12. Кои сличности во поглед на надгледувањето постојат меѓу древниот Израел и „Израелот Божји“?

11 Меѓу древниот Израел и новиот ‚Израел Божји‘ има и разлики и сличности. За разлика од древниот Израел, христијанското собрание нема човечки цар и нема потреба да принесува животински жртви за грешниците. Една сличност помеѓу Израелскиот народ и христијанското собрание се старешините (2. Мој. 19:3-8). Христијанските старешини не владеат со стадото. Напротив, тие се грижат за собранието и безрезервно преземаат водство во христијанските активности. Постапуваат со љубов со секого во собранието и им укажуваат чест и почит на сите (2. Кор. 1:24; 1. Пет. 5:2, 3).

12 Членовите на „Израелот Божји“ и нивните придружници, ‚другите овци‘, уште повеќе го ценат Јехова и неговиот начин на владеење кога размислуваат длабоко за начинот на кој постапувал со Израел (Јован 10:16). На пример, историјата покажува дека човечките владетели во Израел имале силно влијание врз своите поданици, или за добро или за лошо. Овој факт им нагласува на оние што предводат меѓу христијаните дека, иако не се владетели како древните цареви, мора да бидат добар пример во верата (Евр. 13:7).

Како владее Јехова денес

13. До каква важна пресвртница дошло во 1914 год.?

13 Денес христијаните му објавуваат на светот дека му се ближи крајот на човечкото владеење. Во 1914 год., Јехова го воспоставил своето Царство на небото на чело со Царот Исус Христос. Во тоа време, Јехова му дал власт на Исус да ‚излезе победувајќи и да тргне во конечна победа‘ (Отк. 6:2). На новоустоличениот Цар му било речено: „Оди меѓу своите непријатели и покори ги!“ (Пс. 110:2). За жал, народите упорно одбиваат да се подложат на Јеховиното владеење. Продолжуваат да се однесуваат како да „не постои Јехова“ (Пс. 14:1).

14, 15. а) Како владее Божјето Царство над нас денес, и кои прашања треба да си ги поставиме во врска со тоа? б) Како се гледа уште денес дека Божјето владеење е апсолутно најдобро?

14 Уште мал број помазани членови на „Израелот Божји“ сѐ уште се на Земјата и, како Исусови браќа, продолжуваат да служат како „пратеници кои го застапуваат Христос“ (2. Кор. 5:20). Тие се поставени како верен и разборит роб за да обезбедуваат духовна храна и да се грижат за помазаниците и за сѐ поголемото, милионско мноштво христијани кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата (Мат. 24:45-47; Отк. 7:9-15). Духовниот напредок на вистинските Божји слуги денес е јасен показател дека Јехова го благословува сето ова.

15 Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали во целост ги сфаќам и ги извршувам одговорностите во христијанското собрание? Дали на исправен начин го поддржувам Јеховиното владеење? Дали сум горд што сум поданик на Јеховиното Царство кое сега владее? Дали сум решен и понатаму, колку што можам, да им кажувам на другите за Божјето Царство?‘ Како група, ние спремно им се подложуваме на упатствата што ги дава Водечкото тело и соработуваме со именуваните старешини во собранијата. На тој начин покажуваме дека го прифаќаме Божјето владеење. (Прочитај Евреите 13:17.) Спремната подложност придонесува за меѓународно единство кое го нема на ниедно друго место во овој поделен свет. Освен тоа, со неа придонесуваме за мир и праведност, и му донесуваме слава на Јехова, покажувајќи дека неговото владеење е апсолутно најдобро.

Јеховината власт е потполно оправдана

16. Каква одлука мора да донесе секој поединец денес?

16 Сѐ побрзо наближува времето кога спорните прашања покренати во градината Еден ќе бидат разрешени. Затоа, сега е време луѓето да се одлучат. Секој поединец мора да избере дали ќе го прифати Јеховиното владеење или ќе се држи за човечкото владеење. Нам ни е чест што можеме да им помагаме на кротките да донесат исправна одлука. Наскоро, во Армагедон, Јеховиното владеење трајно ќе ги замени човечките влади кои се под влијание на Сатана (Дан. 2:44; Отк. 16:16). Ќе му биде ставен крај на човечкото владеење, а Божјето Царство ќе завладее над целата Земја. Во вистинска смисла на зборот, Јеховиното владеење ќе биде оправдано. (Прочитај Откровение 21:3-5.)

17. Кои факти им помагаат на кротките да донесат добра одлука во врска со изборот на владетел?

17 Оние што сѐ уште не донеле конечна одлука да застанат на Јеховина страна треба под молитва да размислат за користа што човештвото ќе ја има под Божја власт. Човечките влади не успеале да ги решат проблемите со криминалот, меѓу кои е и тероризмот. Бог ќе ги отстрани сите злобни од Земјата (Пс. 37:1, 2, 9). Човечкото владеење довело до непрестајно војување, но Бог како владетел ќе ‚ги прекине војните до крајот на земјата‘ (Пс. 46:9). Всушност, под Неговата власт ќе биде обновен и мирот меѓу луѓето и животните! (Иса. 11:6-9). Сиромаштијата и гладот биле постојани обележја на човечкото владеење, но Јехова ќе ги отстрани и нив (Иса. 65:21). Дури и човечките владетели кои имале најдобри намери не успеале да им стават крај на болестите и смртта, но под Божјата власт, старите и болните ќе се вратат во деновите на својата младешка сила (Јов 33:25; Иса. 35:5, 6). Навистина, Земјата ќе стане Рај во кој дури и мртвите ќе воскреснат! (Лука 23:43; Дела 24:15).

18. Како ќе ја покажеме својата увереност дека Божјиот начин на владеење е најдобриот?

18 Да, под Божја власт ќе биде поправена секоја штета што Сатана ја предизвикал кога ги навел нашите први родители да отстапат од својот Творец. И замисли, иако Сатана прави штета веќе 6.000 години, Бог, преку Христос, ќе ја поправи целата таа штета за само 1.000 години! Колку величествен доказ е тоа за надмоќта на Божјето владеење! Како Сведоци на нашиот Бог, ние го прифаќаме како свој Владетел. Затоа, да покажеме секој ден, всушност, секој час од нашиот живот дека ние сме му слуги на Јехова, поданици на неговото Царство и дека сме горди што сме негови Сведоци. И да ја користиме секоја можност да му кажеме на секој што ќе слуша дека Јеховиниот начин на владеење е најдобриот!

Во врска со Божјето владеење, што научивме од...

5. Мојсеева 7:7, 8?

1. Самоилова 8:9-18?

Евреите 13:17?

Откровение 21:3-5?

[Прашања]

[Слики на страница 29]

Јехова никогаш не се одрекол од своето право да владее

[Слика на страница 31]

Спремната подложност на Јеховиното владеење придонесува за меѓународно единство