Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живеј го секој ден на Божја слава

Живеј го секој ден на Божја слава

Живеј го секој ден на Божја слава

„НАУТРО објави ми ја својата милост“, му се молел псалмистот Давид на Јехова. „Покажи ми го патот по кој треба да одам“ (Пс. 143:8). Кога се будиш наутро и му се заблагодаруваш на Јехова за новиот ден на живот, дали и ти, исто како Давид, го молиш да те води кога ќе донесуваш одлуки и да ти помогне мудро да постапуваш? Без сомнение го правиш тоа.

Како крстени Јеховини слуги, ‚било да јадеме, било да пиеме, било да правиме што и да е друго‘, ние се трудиме да ‚правиме сѐ за Божја слава‘ (1. Кор. 10:31). Сфаќаме дека со начинот на кој го живееме секој ден или ќе му донесеме чест на Јехова или ќе му нанесеме срам. Не забораваме ни дека Божјата Реч вели дека Сатана „ден и ноќ“ ги обвинува Христовите браќа, а и сите други Божји слуги на Земјата (Отк. 12:10). Затоа сме решени да ги побиеме лажните обвиненија на Сатана и да го израдуваме Јеховиното срце така што ќе му служиме на нашиот небесен Татко „ден и ноќ“ (Отк. 7:15; Изр. 27:11).

Да разгледаме накратко два важни начина на кои можеме да го користиме секој ден од животот на Божја слава. Прво, така што ќе утврдиме што треба да ни е најважно во животот и, второ, така што ќе покажеме интерес за другите.

Да си го одржиме ветувањето

Со тоа што му се заветувавме на Јехова му покажавме дека имаме сесрдна желба да му служиме. Освен тоа, му ветивме дека ќе одиме по неговите патишта „од ден на ден“, всушност, засекогаш (Пс. 61:5, 8). Дали си го држиме ветувањето? Како ја покажуваме нашата длабока љубов кон Јехова секој ден?

Во Божјата Реч јасно е наведено кои одговорности Јехова очекува да ги исполниме (5. Мој. 10:12, 13). Некои од нив се наведени во рамката „Одговорности дадени од Бог“, на 22. страница. Сите овие задачи ни ги дава Бог, и затоа се важни. Но, како да одредиме која е поважна ако во исто време треба да вршиме две или повеќе од нив?

На прво место секогаш треба да биде нашата света служба, во која спаѓаат проучувањето на Библијата, молитвата, христијанските состаноци и проповедањето (Мат. 6:33; Јован 4:34; 1. Пет. 2:9). Сепак, не можеме по цел ден да се посветиме на духовни активности. Мора да работиме или да одиме на училиште, а имаме и бројни обврски низ дома. И покрај тоа, правиме сѐ што можеме за да ги подредиме световната работа и другите активности на таков начин што нема да нѐ спречат да ја вршиме нашата света служба како, на пример, да одиме на христијанските состаноци. Кога планираме да одиме на одмор, водиме сметка тој период да не се поклопи со посетата на покраинскиот надгледник. Исто така, земаме предвид да не се совпадне со посебниот или со покраинскиот собир или, пак, со обласниот конгрес. Понекогаш можеме истовремено да вршиме повеќе одговорности. На пример, може да се потрудиме целото семејство да ја чисти Салата на Царството или, пак, може да ја искористиме паузата за ручек на работа или големиот одмор на училиште за да им сведочиме на колегите или на соучениците. Всушност, секогаш кога треба да донесеме одлука во животот — сеедно дали станува збор за избор на вработување, на школување или на пријатели — сакаме врз неа да влијае она што ни е најважно, односно обожавањето на Јехова, нашиот грижлив Татко (Проп. 12:13).

Покажи интерес за другите

Јехова сака да се грижиме за другите и да им правиме добро. Сатана, од друга страна, сака да бидеме себични. Неговиот свет изобилува со луѓе кои се „себељубиви“, „ги сакаат уживањата“ и ‚сеат во своето тело‘ (2. Тим. 3:1-5; Гал. 6:8). Мнозина не размислуваат многу за тоа како ќе влијаат нивните постапки врз другите. „Делата на телото“ можат да се видат на секој чекор (Гал. 5:19-21).

Колку поинаков став имаат оние што, поттикнати од Јеховиниот свет дух, покажуваат љубов, љубезност и доброта во своите постапки кон другите! (Гал. 5:22). Божјата Реч ни вели да ги ставиме потребите на другите пред своите. Затоа, покажуваме искрен интерес еден за друг, иако внимаваме да не се мешаме во нечии лични работи (1. Кор. 10:24, 33; Фил. 2:3, 4; 1. Пет. 4:15). Покажуваме интерес особено за соверниците. Но, се трудиме да им помагаме и на оние што не се Сведоци (Гал. 6:10). Можеш ли денес да најдеш прилика да бидеш љубезен кон некој што ќе го сретнеш? (Види ја рамката „Покажи искрен интерес кон...“, на 23. страница.)

Искрен интерес кон другите не треба да покажуваме само во одредено време или во некоја посебна ситуација (Гал. 6:2; Еф. 5:2; 1. Сол. 4:9, 10). Наместо тоа, секој ден се трудиме да забележиме во какви околности се другите и спремно им помагаме ако имаат потреба од нешто, дури и ако тоа баш не ни одговара. Сакаме великодушно да даваме од она што го имаме — од нашето време, материјални средства, искуство и мудрост. Јехова нѐ уверува дека, кога ние сме великодушни кон другите, и тој ќе биде великодушен кон нас (Изр. 11:25; Лука 6:38).

Света служба „ден и ноќ“

Дали навистина е можно да му служиме на Јехова „ден и ноќ“? Да, ако редовно и марливо ги извршуваме сите духовни активности (Дела 20:31). Можеме да ѝ се посветиме на службата за Бог така што секојдневно ќе ја читаме и ќе размислуваме за неговата Реч, без престан ќе се молиме, ќе се трудиме да одиме на сите состаноци и ќе ја користиме секоја можност да сведочиме (Пс. 1:2; Лука 2:37; Дела 4:20; 1. Сол. 3:10; 5:17).

Дали ние лично му служиме на Јехова на ваков начин? Ако да, тогаш нашата желба да му угодиме и да ги побиеме обвиненијата на Сатана ќе се гледа во сите аспекти на нашиот секојдневен живот. Ќе се трудиме да му оддадеме слава на Јехова во сѐ што правиме и во секоја ситуација во која ќе се најдеме. Ќе дозволиме неговите начела да нѐ водат во нашиот говор и однесување, како и во одлуките што ги носиме. Ќе покажеме дека сме благодарни за неговата грижа и за помошта што со љубов ни ја дава така што ќе имаме целосна доверба во него и ќе ја користиме сета наша сила за да му служиме. И, спремно ќе го прифатиме неговиот совет и стега кога, поради несовршеноста, не се придржуваме во потполност за неговите начела (Пс. 32:5; 119:97; Изр. 3:25, 26; Кол. 3:17; Евр. 6:11, 12).

Да продолжиме да го живееме секој ден на Божја слава. Ако го правиме тоа, ќе најдеме поткрепа за својата душа и засекогаш ќе ја чувствуваме грижата и љубовта на нашиот небесен Татко (Мат. 11:29; Отк. 7:16, 17).

[Рамка/слики на страница 22]

Одговорности дадени од Бог

• Моли се често (Рим. 12:12)

• Читај ја и проучувај ја Библијата, и труди се лично да ја применуваш (Пс. 1:2; 1. Тим. 4:15)

• Слави го Јехова во собранието (Пс. 35:18; Евр. 10:24, 25)

• Грижи се за своето семејство во материјален, духовен и емоционален поглед (1. Тим. 5:8)

• Проповедај ја добрата вест за Царството и поучувај ги другите (Мат. 24:14; 28:19, 20)

• Грижи се за своето телесно, духовно и душевно здравје, меѓу другото, и така што ќе најдеш време за здрава рекреација (Мар. 6:31; 2. Кор. 7:1; 1. Тим. 4:8, 16)

• Грижи се за собраниските одговорности (Дела 20:28; 1. Тим. 3:1)

• Води сметка да го одржуваш уреден и чист својот дом и Салата на Царството (1. Кор. 10:32)

[Рамка/слика на страница 23]

Покажи искрен интерес кон...

• некој постар брат или сестра (3. Мој. 19:32)

• некој што е болен или потиштен (Изр. 14:21)

• некој член на собранието кој има итна потреба од нешто што можеш да му го дадеш (Рим. 12:13)

• некој член на твоето потесно семејство (1. Тим. 5:4, 8)

• некој соверник кому му починал брачниот другар (1. Тим. 5:9)

• некој собраниски старешина што многу се труди да ги исполни своите одговорности (1. Сол. 5:12, 13; 1. Тим. 5:17)