Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што има на небото?

Што има на небото?

Што има на небото?

НЕКОИ луѓе мислат дека е невозможно да знаеме како е на небото затоа што никој не слегол од таму за да ни каже. Можеби тие забораваат дека Исус рекол: „Слегов од небото“ (Јован 6:38). Освен тоа, на некои верски водачи им рекол: „Вие сте одоздола, а јас сум одозгора“ (Јован 8:23). Што кажал Исус во врска со небото?

Исус потврдил дека небото е место каде што престојува Јехова. Тој го нарекол Бог „мојот Татко кој е на небото“ (Матеј 12:50). Но, Исус не го употребил зборот ‚небо‘ само во тој контекст. На пример, кога рекол: „Погледнете ги птиците небесни“, тој укажал на Земјината атмосфера како на небо (Матеј 6:26). Сепак, Јехова живее високо над атмосферата. Во Библијата пишува: „Тој престојува над кругот на земјата“ (Исаија 40:22).

Дали ‚Таткото кој е на небото‘ живее меѓу ѕвездите? Во Светото писмо, и целата материјална вселена е наречена „небо“. На пример, еден псалмист напишал: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него?“ (Псалм 8:3, 4).

Не, Јехова не мора да живее во материјалната вселена што ја создал, исто како што еден дрводелец не мора да живее во плакарот што го направил. Затоа, кога цар Соломон му го посветил на Јехова храмот во Ерусалим, рекол: „Дали Бог навистина ќе живее на земјата? Еве, ни небесата, ни небото над небесата не можат да те соберат, а камоли овој дом што го изградив!“ (1. Царевите 8:27). Ако Јехова не живее на дословното небо, тогаш какво е тоа небо на кое живее тој?

Иако луѓето го истражуваат небото со моќни телескопи, а некои дури и отишле во вселената, сѐ уште е точно она што го вели Библијата: „Ниту еден човек никогаш не го видел Бог“ (Јован 1:18). Исус објаснил зошто кога рекол: „Бог е Дух“ (Јован 4:24).

Дух е облик на живот повисок од човечкиот. Духот не се состои од материја, како што се телото и крвта, која може да се види и почувствува со човечките сетила. Затоа, кога Исус рекол дека живеел покрај својот Татко на „небото“, сакал да каже дека претходно имал облик на живот кој е повозвишен од материјалниот облик на живот (Јован 17:5; Филипјаните 3:20, 21). Овој духовен свет во кој живеел Исус со својот Татко е она што Библијата го нарекува „небо“. Какво е тоа небо? Што се случува таму?

Место на радосна активност

Библијата го опишува небото како место на кое се вршат многу активности. Во неа се спомнува дека таму живеат стотици милиони верни духовни суштества (Даниел 7:9, 10). Секое од овие духовни суштества е засебна личност. Од каде го знаеме ова? Во сето видливо творештво нема две сосема исти живи суштества, па затоа може да бидеме уверени дека и на небото постои голема разновидност. Значајно е тоа што сите овие небесни личности работат заедно во единство. Тоа е сосема спротивно од она што се прави на Земјата денес, каде што е реткост луѓето добро да соработуваат.

Забележи како Библијата го опишува она што се прави на небото. „Благословувајте го Јехова, ангели негови, моќни во силата, кои ја извршувате неговата реч и ги слушате неговите заповеди! Благословувајте го Јехова, сите војски негови, слуги негови, кои ја вршите неговата волја!“ (Псалм 103:20, 21). Значи, на небото се извршува многу работа. Можеме да бидеме уверени дека таа работа им носи задоволство на сите.

Ангелите радосно ја извршувале својата служба и долги години пред да биде создадена Земјата. Според Светото писмо, кога Јехова ја создавал Земјата, Божјите синови ‚радосно извикувале заедно‘ и ‚воскликнувале од радост‘ (Јов 38:4, 7). Еден од Божјите небесни синови ја имал дури и честа да биде покрај Бог кога било создавано сѐ друго (Колошаните 1:15-17). Можеби овој интересен опис на радосните активности што се извршуваат на небото ти отвора некои прашања во врска со небото и човештвото.

Дали луѓето требало да одат на небото?

Бидејќи ангелите му служеле на Бог на небото пред да биде создадена Земјата, првите маж и жена очигледно не биле создадени за да живеат на небото. Напротив, Бог ѝ рекол на првата човечка двојка: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата“ (1. Мојсеева 1:28; Дела 17:26). Адам бил првиот од еден нов облик на живот што бил создаден на Земјата, кој можел да го запознае Бог и верно да му служи. Исто така, тој требало да биде татко на една човечка фамилија чиј дом би била Земјата. „Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16).

Обично никој не сака да умре — смртта не е природна за луѓето. Бог му ја спомнал смртта на Адам само како казна за непослушност. Да бил послушен, Адам никогаш немало да умре (1. Мојсеева 2:17; Римјаните 5:12).

Затоа, не нѐ изненадува тоа што Бог не му рекол на Адам ништо во врска со одењето на небо. Значи, Земјата не требало да биде само едно пробно место на кое луѓето би биле испитани за да се види дали се подобни за живот на небото. Човекот бил создаден за да живее вечно на Земјата, а таа Божја намера допрва ќе се исполни. Библијата ветува дека „праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Очигледно е дека во почетокот Бог немал намера луѓето да одат на небото. Тогаш, зошто Исус им ветил на своите апостоли дека ќе живеат таму? Дали Исус мислел дека сите добри луѓе ќе одат на небото?