Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

За вистинската религија

За вистинската религија

Што учиме од Исус

За вистинската религија

Дали Бог ја одобрува секоја религија?

▪ На Исус му било жал за луѓето што биле заведени од лажната религија. Тој предупредил дека ќе има ‚лажни пророци, кои доаѓаат во овчо руно, а однатре се крвожедни волци‘ (Матеј 7:15). Дали си забележал дека некои луѓе ја користат религијата за да ги остварат своите злобни цели?

Кога му се молел на Бог, Исус рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Значи, Бог не ја одобрува религијата што не е во склад со вистината од Библијата. Според тоа, Исус рекол дека за некои верски лицемери важат следниве зборови што ги кажал Бог: „Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди“ (Матеј 15:9).

Постои ли вистинска религија?

▪ Кога Исус сретнал една Самарјанка, која била заведена од лажната религија, ѝ рекол: „Вие го почитувате она што не го познавате... Вистинските поклоници ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:22, 23). Јасно е дека е можно да се пронајде религијата што го почитува Бог на исправен начин.

Исус рекол: „Ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото“. Значи, Исус знаел дека религијата што ја ширел била единствената вистинска религија (Јован 8:28). Затоа рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6). Бидејќи вистинските поклоници го почитуваат Таткото на еден ист начин, мора да бидат обединети во една вистинска религија.

По што ќе се препознаат вистинските христијани?

▪ Христијанин е оној што го следи Исус Христос. Размисли за четири работи по кои јасно се препознаваат Христовите следбеници.

1. Исус во молитва му рекол на Јехова: „Им го објавив твоето име“ (Јован 17:26). Вистинските христијани го прават истото и денес.

2. Исус проповедал за Јеховиното царство и ги испратил своите ученици и тие да проповедаат од куќа до куќа. Тој им рекол: „Штом ќе влезете во некој град или село, побарајте го во него оној што е достоен да ве прими вас и вашата порака“. Подоцна им заповедал: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Матеј 10:7, 11; 28:19). Лесно можеш да ги препознаеш вистинските христијани денес затоа што тие сѐ уште го вршат истото дело.

3. Исус одбил да заземе страна во политиката. Затоа, за своите следбеници рекол: „Не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14). Припадниците на вистинската религија треба да бидат добро познати по својата политичка неутралност.

4. Исус покажувал самопожртвувана љубов. Тој рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Вистинските христијани се грижат еден за друг и не учествуваат во војните.

Како може да ти помогне вистинската религија?

▪ За да му укажуваш почит на Јехова Бог на исправен начин, треба најнапред добро да го запознаеш. Знаењето за Бог ќе ти овозможи да го живееш најдобриот начин на живот и ќе ти го исполни срцето со љубов кон Него. Јехова им ветил вечен живот на оние што го сакаат. Затоа, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3).

Нешто повеќе можеш да прочиташ во 15. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 16]

„Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци“ (Матеј 7:15)