Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Може ли Бог да зажали за нешто?

Може ли Бог да зажали за нешто?

Приближи му се на Бог

Може ли Бог да зажали за нешто?

СУДИИТЕ 2:11-18

КАКО несовршени луѓе, се случува понекогаш да зажалиме за нешто. На пример, можеби ни е жал кога ќе сфатиме дека сме направиле некоја грешка. Интересно е што Библијата вели дека и Јехова може да зажали. Можеби ќе речеш: ‚Ама Бог е совршен, тој не прави грешки!‘ Тогаш, во која смисла Бог може да зажали? Одговорот ќе ни помогне да сфатиме нешто што е чудесно: Јехова има чувства, а нашите постапки може да влијаат врз тоа како се чувствува тој. Размисли за она што е запишано во Судиите 2:11-18.

Во библиската книга Судиите се раскажува за еден многу бурен период од историјата на Израел. Во тоа време израелскиот народ веќе живеел во Ханаан, земјата што Бог му ја ветил на Авраам. Во текот на следните неколку векови, постапките на Израелците се сведувале на еден затворен круг од четири фази: грев, казна, молитви и избавување. *

Грев. Под влијание на Ханаанците, Израелците ‚го оставиле Јехова‘ и почнале да им служат на други богови, особено ‚на Ваал и на Астартите‘. * Таквиот грев претставувал отпадништво. Не е чудо што Израелците го ‚навредувале Јехова‘, Богот што ги избавил од Египет (стихови 11-13; Судиите 2:1).

Казна. Кога кај Јехова бил предизвикан праведен гнев, тој престанувал да ги штити луѓето што му свртеле грб. Тогаш Израелците паѓале „во рацете на нивните непријатели“, кои доаѓале и ја пљачкосувале земјата (стих 14).

Молитви. Кога им било многу тешко, Израелците се каеле за своите грешки и барале помош од Бог. Веројатно изразот „нивното офкање“ се однесува на молитвите што ги кажувале (стих 18). Молбите до Бог биле дел од тој затворен круг (Судиите 3:9, 15; 4:3; 6:6, 7; 10:10). Како им одговарал Бог?

Избавување. Јехова ги слушал офкањата на Израелците и ‚се сожалувал‘. Хебрејскиот збор што е употребен овде може да се преведе и со „зажали“. (Спореди со 1. Мојсеева 6:6.) Кога е преведен со „зажали“, тој означува „премислување или промена на намерата“. Во една книга пишува: „Јехова, трогнат од нивното офкање, ја променил својата намера и, наместо да ги казни, решил да ги избави“. Бидејќи бил милостив, Јехова ‚подигал судии‘ кои го избавувале неговиот народ од непријателите (стих 18).

Забележа ли што го мотивирало Бог да зажали, односно да се премисли? Тоа што неговиот народ го променил својот став. Ова би можело да се објасни со следниов пример: Еден грижлив татко решава да го казни своето дете што згрешило, можеби на тој начин што не му дозволува нешто. Но, кога гледа дека на детето навистина му е жал за она што го направило, таткото решава да ја укине казната.

Што учиме за Јехова од овој извештај? Дека се лути кога некој намерно греши, но дека е милостив кога некој од сѐ срце се кае. Отрезнувачка е помислата дека она што го правиме влијае врз чувствата на Бог. Затоа, потруди се да дознаеш како можеш ‚да го израдуваш Јеховиното срце‘? (Изреки 27:11). Никогаш нема да зажалиш за тоа.

[Фусноти]

^ пас. 2 Извештајот од Судиите 2:11-18 е дел од воведните зборови со кои се дава еден краток преглед на она што му се случувало на Израел. Деталите се раскажани во наредните поглавја.

^ пас. 3 Ваал бил најважниот бог на Ханаанците, а Астарта била божица за која се сметало дека му е жена на Ваал.