Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што кажал Исус за Бог

Што кажал Исус за Бог

Што кажал Исус за Бог

„Единствениот што вистински го познава Таткото е Синот. Но, Синот сака да им кажува на другите за Таткото, за да можат и тие да го запознаат“ (ЛУКА 10:22, CONTEMPORARY ENGLISH VERSION)

ПРЕД да дојде како човек на Земјата, Божјиот првороден Син бил неразделен со својот Татко безброј години (Колошаните 1:15). Така Синот научил како размислува, како постапува и што чувствува неговиот Татко. Кога подоцна дошол на Земјата како човекот Исус, овој Син со голема ревност им ја кажувал на луѓето вистината за својот Татко. Можеме да научиме многу за Бог ако дознаеме што кажал за него овој Син.

Божјето име. Најважно од сѐ на Исус му било Божјето име, Јехова. Тој сакал другите да го знаат и да го користат тоа име. Всушност, самото име Исус значи „Јехова е спасение“. Ноќта пред да умре, тој можел во молитва да му каже на Јехова: „Го објавив твоето име“ (Јован 17:26). Воопшто не изненадува тоа што го користел Божјето име и им го објавувал на другите. Всушност, како можеле оние што го слушале Исус да ја сфатат вистината за Јехова без да знаат како се вика Тој и што значи Неговото име? *

Божјата огромна љубов. Еднаш Исус во молитва му рекол на Бог: „Татко... ме сакаше пред создавањето на светот“ (Јован 17:24). Бидејќи ја почувствувал Божјата љубов на небото, кога дошол на Земјата Исус сакал и на другите да им ги покаже нејзините многубројни убави страни.

Исус покажал дека Јеховината љубов е неизмерна. Тој рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Грчкиот збор преведен со „светот“ не ја означува „Земјата“. Во овој контекст се однесува на сите луѓе, односно на целото човештво. Љубовта што Бог ја чувствува кон луѓето е толку голема што Тој го дал својот најмил Син за да можат верните луѓе да бидат ослободени од ропството на гревот и смртта и да живеат вечно. Не можеме ни оддалеку да ја сфатиме широчината и длабочината на таа огромна љубов (Римјаните 8:38, 39).

Исус потврдил една многу утешна вистина: Јехова чувствува длабока љубов кон секој што му служи. Тој поучувал дека Јехова е како пастир на кој секоја овца му е важна и драга (Матеј 18:12-14). Исто така, рекол дека ниту едно врапче нема да падне на земјата без да знае Јехова. А потоа додал: „Вам и секое влакно на главата ви е изброено“ (Матеј 10:29-31). Штом Јехова може да забележи дека едно врапче фали од некое гнездо, колку повеќе го гледа и се грижи за секој свој слуга на Земјата? Ако Јехова може да го забележи и да го изброи секое влакно на нашата глава, тогаш има ли некоја ситница од нашиот живот — поврзана со нашите потреби, проблеми и грижи — која не му е позната?

Небесен Татко. Како што спомнавме во претходната статија, Исус е Божјиот единороден Син. Не е ништо чудно што овој сакан Син многу често го нарекувал Јехова свој „Татко“ и така му се обраќал. Всушност, ова го гледаме и од првите зборови на Исус запишани во Библијата, кои ги кажал во храмот кога имал само 12 години. Во таа прилика го нарекол Јехова „мојот Татко“ (Лука 2:49). Зборот „Татко“ се појавува околу 190 пати во евангелијата. Во повеќе наврати, Исус го нарекол Јехова „вашиот Татко“, „Татко наш“ и „мојот Татко“ (Матеј 5:16; 6:9; 7:21). Со тоа што често му се обраќал на Бог со тие зборови, Исус покажал дека луѓето, иако се грешни и несовршени, можат да имаат срдечен и близок однос со Јехова.

Милостив и спремен да прости. Исус знаел дека несовршените луѓе зависат од Јеховината милост. Во приказната за расипничкиот син, Исус го споредил Јехова со сочувствителен татко што спремно простува и широко ги отвора рацете за да го прими назад својот син што се кае (Лука 15:11-32). Исусовите зборови нѐ уверуваат дека Јехова гледа дали во срцето на еден грешен човек има некаква промена што ќе му даде основа да покаже милост кон него. Јехова сака да му прости на секој грешник што се кае. „Ви велам“, рекол Исус, „дека така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој ќе се покае отколку поради деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание“ (Лука 15:7). Кој не би се чувствувал привлечен кон еден таков милостив Бог?

Ги слуша молитвите. Додека бил на небото, пред да дојде на Земјата, Исус од прва рака видел дека Јехова „ги слуша молитвите“ и дека му е мило кога неговите верни слуги се молат (Псалм 65:2). Затоа, додека ја извршувал својата служба, Исус ги учел луѓето како да се молат и за што да се молат. „Не кажувајте секогаш едно исто“, им рекол. Тој ги поттикнал да се молат Божјата волја „да биде... како на небото така и на земјата“. Исто така, може да се молиме за секојдневната храна, за простување на гревовите и да не подлегнеме на искушенијата (Матеј 6:5-13). Исус поучувал дека, слично како еден татко, Јехова ги слуша молитвите на своите слуги и им одговара кога искрено бараат нешто со вера (Матеј 7:7-11).

Значи, нема сомнение дека Исус ги поучувал луѓето за Јехова и за тоа каква личност е Тој. Но, Исус многу сакал да зборува за уште една работа поврзана со Јехова — за владата преку која Јехова ќе направи промени во целиот свет за да го исполни она што го ветил во врска со Земјата и со луѓето на неа. Всушност, ова била главната тема на пораката што ја проповедал Исус.

[Фуснота]

^ пас. 4 Името Јехова се појавува околу 7.000 пати во изворниот текст на Библијата. Тоа име значи „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Бог може да стане сѐ што смета дека е потребно да стане за да ја исполни својата намера. Значи, ова име е гаранција дека Бог секогаш ќе си стои на зборот и дека ќе исполни сѐ што ветил.