Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Исус Христос — неговата порака и ти

Исус Христос — неговата порака и ти

Исус Христос — неговата порака и ти

„Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (ЈОВАН 10:10)

ИСУС ХРИСТОС дошол на Земјата пред сѐ за да дава, а не да зема. Со својата служба, тој му подарил на човештвото нешто многу вредно — порака што ја открива вистината за Бог и за Неговата волја. Оние што ќе ја прифатат таа порака можат да имаат подобар живот уште денес, како што ќе потврдат милиони вистински христијани. * Но, во сржта на пораката што ја проповедал Исус е најскапоцениот подарок — совршениот живот што го дал за нас. Нашата вечна среќа зависи од тоа како ќе реагираме на овој клучен аспект од неговата порака.

Што дале Бог и Христос. Исус знаел дека требало да претрпи болна смрт од рацете на своите непријатели (Матеј 20:17-19). Сепак, според Јован 3:16, тој ги кажал овие добро познати зборови: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Исто така, Исус рекол дека дошол „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Зошто рекол дека неговиот живот ќе биде даден, а не земен?

Поттикнат од неизмерна љубов, Бог се погрижил луѓето да бидат спасени од наследениот грев и од неговите последици — несовршенството и смртта. Тоа го направил така што го испратил својот единороден Син на Земјата за да го даде својот живот како жртва. Исус спремно се согласил, и го положил својот совршен човечки живот како откупнина за нас. Откупнината е најголемиот дар што Бог им го дал на луѓето. * Благодарение на овој дар, можеме да добиеме вечен живот.

Што треба да направиш. Дали откупнината е дар и за тебе лично? Тоа зависи од тебе. Да го објасниме ова со еден пример: Замисли си дека некој ти подава кутија завиткана во украсна хартија. Таа нема да биде подарок за тебе сѐ додека не пружиш рака да ја земеш. Слично на ова, Јехова ти ја „подава“ откупнината, но овој подарок нема да биде твој сѐ додека не посегнеш да го земеш. Како можеш да го направиш тоа?

Исус рекол дека вечен живот ќе добијат оние што веруваат во него. Верата се гледа од начинот на кој живееш (Јаков 2:26). Ќе покажеш дека имаш вера во Исус ако живееш во склад со она што го зборувал и што го правел. За да го постигнеш тоа, мора добро да ги познаваш и Исус и неговиот Татко. Самиот Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).

Пред околу 2.000 години, Исус Христос пренел една порака што им го променила животот на милиони луѓе во целиот свет. Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за неа и за тоа како може да ти користи тебе и на твоите најмили не само сега туку засекогаш? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа.

Од следните статии ќе дознаеш уште нешто за Исус Христос, човекот кој проповедал порака што може да ти го промени животот засекогаш.

[Фусноти]

^ пас. 3 Не е вистински следбеник на Христос секој што се нарекува христијанин. Вистински следбеници на Исус се оние што живеат во склад со вистините за кои поучувал во врска со Бог и со Неговата волја (Матеј 7:21-23).

^ пас. 5 Нешто повеќе за библиското учење за откупнината можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, со наслов „Откупнината — најголемиот дар од Бог“. Оваа публикација е издадена од Јеховините сведоци.