Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистини и заблуди — вистината за Исус

Вистини и заблуди — вистината за Исус

Вистини и заблуди — вистината за Исус

ШТО МИСЛИШ? ДАЛИ СЛЕДНИВЕ ИЗЈАВИ СЕ ВИСТИНА ИЛИ ЗАБЛУДА?

Исус се родил на 25 декември.

Тројца мудреци отишле кај Исус кога се родил.

Исус бил единец.

Исус бил отелотворение на Бог.

Исус не бил само некој добар човек.

МНОГУМИНА би одговориле дека сите овие изјави се точни. Други можеби би рекле дека е тешко, па дури и невозможно да се утврди нивната точност. Можеби сметаат дека одговорот и не е толку важен, туку дека најважно е да веруваш во Исус.

Меѓутоа, Библијата вели нешто друго. Таа нѐ охрабрува ‚добро да го запознаеме нашиот Господар Исус Христос‘ (2. Петрово 1:8). Такво знаење може да стекнеме ако ги проучуваме евангелијата. Тие ни ја откриваат вистината за Исус и ни помагаат да препознаеме кои верувања во врска со него се точни, а кои не се. Затоа, да видиме што велат евангелијата во врска со верувањата што ги спомнавме.

ВЕРУВАЊЕ: Исус се родил на 25 декември.

ТОА Е: ЗАБЛУДА.

Во Библијата никаде не се наведува месецот или денот на Исусовото раѓање. Тогаш, од каде дошол датумот 25 декември? Според една енциклопедија, некои што се нарекувале христијани „сакале тој датум да се совпаѓа со римскиот пагански празник што се славел на... зимската краткодневица, кога деновите повторно стануваат подолги и сонцето почнува да се искачува сѐ повисоко на небото“ (The Encyclopædia Britannica). Во истата енциклопедија стои дека многу божиќни обичаи влечат корени од „паганските прослави во чест на земјоделството и сонцето, кои се празнувале некаде во средината на зимата“.

Дали Исус би се согласил неговото раѓање да се прославува на 25 декември? Размисли за следново: Датумот на неговото раѓање не е познат. Никаде во Светото писмо нема заповед да го славиме неговото раѓање ниту, пак, има некаков доказ дека првите христијани го правеле тоа. Напротив, Библијата го наведува точниот датум на Исусовата смрт, и тој им заповедал на своите следбеници да го празнуваат токму тој ден * (Лука 22:19). Според тоа, очигледно е дека Исус не сакал да се стави акцент на неговото раѓање, туку на вредноста на неговата жртвена смрт (Матеј 20:28).

ВЕРУВАЊЕ: Тројца мудреци (според некои традиции, цареви) отишле кај Исус кога се родил.

ТОА Е: ЗАБЛУДА.

Можеби си видел слики на Христовото раѓање, на кои е прикажано бебето Исус како лежи во јасли, а околу него се тројца мудреци кои му донеле подароци. Меѓутоа, тоа е заблуда, а не вистина.

Точно е дека една група луѓе од Истокот му укажале чест на малиот Исус. Но, тие посетители биле астролози (Матеј 2:1, фуснота). А дали го нашле Исус во јасли? Не, туку отишле кај него кога веќе живеел во својата куќа. Значи, тие дошле кај Исус неколку месеци по неговото раѓање (Матеј 2:9-11).

Колку души го посетиле? Дали биле двајца, тројца или триесет? Библијата не кажува. Традиционално се верува дека биле тројца можеби затоа што му дале три вида подароци * (Матеј 2:11). Некои дури велат дека секој од тие таканаречени мудреци бил од различна раса. Но, во Библијата не пишува такво нешто. Наместо тоа, како што се наведува во еден осврт на евангелијата, оваа заблуда е производ на „бујната фантазија на еден историчар од осмиот век“.

ВЕРУВАЊЕ: Исус бил единец.

ТОА Е: ЗАБЛУДА.

Од евангелијата јасно се гледа дека Исус имал браќа и сестри. На пример, во Евангелието според Лука, Исус е наречен „првородениот“ на Марија, што значи дека подоцна таа имала и други деца * (Лука 2:7). Од Евангелието според Марко дознаваме дека некои луѓе во градот Назарет гледале на Исус исто како што гледале и на неговите браќа и сестри, односно не го сметале за ништо посебно. Тие прашале: „Зар Јаков, Јосиф, Јуда и Симон не се негови браќа? Зар неговите сестри не живеат сѐ уште во нашиот град?“ (Марко 6:3, Contemporary English Version; Матеј 12:46; Јован 7:5).

И покрај она што го пишува во евангелијата, многу теолози сметаат дека Исус бил единец. Некои велат дека браќата и сестрите што се спомнуваат му биле братучеди на Исус. * Други велат дека Марија им била маќеа. Но, размисли за следново: Ако Исус бил единственото дете на Марија, дали луѓето од Назарет би рекле дека има браќа и сестри? Напротив, некои од нив веројатно виделе со свои очи дека Марија била бремена неколку пати. Од прва рака знаеле дека Исус бил едно од неколкуте деца што ѝ се родиле на Марија.

ВЕРУВАЊЕ: Исус бил отелотворение на Бог.

ТОА Е: ЗАБЛУДА.

Идејата дека Бог дошол на Земјата и живеел како човекот Исус, која лежи во основата на науката за тројството, е раширена веќе долго време — но не потекнува од времето на Исус. Напротив, во една енциклопедија стои: „Во Новиот завет не се појавуваат ниту зборот тројство ниту самото учење... Ова учење се развивало постепено во текот на неколку векови и како резултат на многу полемики“ (The Encyclopædia Britannica).

Религијата, всушност, го обесчестува Исус кога учи дека тој бил отелотворение на Бог. * Зошто? Размисли за следнава споредба: Некои работници поднесуваат одредено барање до својот шеф, но тој им вели дека не е овластен да им го исполни. Ако тоа е точно, шефот постапил мудро со тоа што покажал дека е свесен за своите ограничувања. Но, ако не е точно — односно, ако шефот може да им го исполни барањето, но едноставно не сака — тогаш тој лаже.

Како реагирал Исус кога двајца негови апостоли посакале да ги постави на висока положба? Тој им рекол: „Да седите од мојата десна и лева страна, тоа не можам да ви го дадам јас, туку им припаѓа на оние за кои мојот Татко го приготвил“ (Матеј 20:23). Ако Исус навистина бил Бог, зар она што го кажал не би било лага? Но, со тоа што му се подложил на Оној што има поголема власт, Исус дал прекрасен пример на скромност — и покажал дека не е еднаков со Бог.

ВЕРУВАЊЕ: Исус не бил само некој добар човек.

ТОА Е: ВИСТИНА.

Исус отворено кажал дека тој не бил само некој обичен добар човек. Тој рекол: „Јас сум Син Божји“ (Јован 10:36). Се разбира, секој би можел да тврди дека е Божји Син. Но, ако не е точно Исусовото тврдење, што би значело тоа за него? Дека не бил добар човек туку, напротив, голем измамник!

Најверодостојното сведоштво го дал самиот Бог. Тој двапати го кажал следново за Исус: „Ова е мојот сакан Син“ (Матеј 3:17; 17:5). Размисли: Во Библијата се спомнуваат само неколку прилики кога на Земјата се чул лично Божјиот глас — а во два такви случаја Бог потврдил дека Исус му е Син! Тоа е најголемиот доказ дека Исус навистина бил оној што тврдел дека е.

Дали оваа статија ти откри некои работи во врска со Исус што претходно не ги знаеше? Ако е така, зошто не ги проучиш подлабоко вдахновените евангелија? Не само што ќе уживаш во таквото проучување туку тоа и многу ќе ти користи. Впрочем, самиот Исус рекол дека вистината за него и за неговиот Татко значи „вечен живот“ (Јован 17:3).

[Фусноти]

^ пас. 13 Исус умрел на Пасхата, на 14 нисан според еврејскиот календар (Матеј 26:2).

^ пас. 18 Матеј известува дека тие туѓинци ‚ги отвориле своите ковчежиња‘ и го дарувале Исус со злато, темјан и смирна. Интересно е што тие скапи подароци веројатно дошле токму навреме, бидејќи семејството на Исус — кое очигледно било сиромашно — наскоро требало да избега во друга земја (Матеј 2:11-15).

^ пас. 21 Исус бил зачнат со чудо, но другите деца на Марија биле зачнати по природен пат со нејзиниот сопруг Јосиф (Матеј 1:25).

^ пас. 22 Ваквото тврдење на Ероним, кое го изнел некаде во 383 год. од н.е., е општо прифатено меѓу оние што веруваат дека Марија останала девица цел живот. Подоцна Ероним изразил сомневања во врска со својата теорија, но оваа идеја останала во мислите на мнозина, како и во официјалниот став на Католичката црква.

^ пас. 26 Нешто повеќе за тројството можеш да прочиташ во брошурата Дали треба да се верува во Тројство?, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 14]

Уште некои работи што можеби ќе те изненадат

Каква личност бил Исус? Дали бил толку строг, студен и непристаплив што не можел да разбере како им е на обичните луѓе? Некои би одговориле потврдно. Можеби затоа ќе се изненадат кога ќе дознаат дека Исус...

• присуствувал на радосни настани (Јован 2:1-11)

• ги пофалувал другите (Марко 14:6-9)

• уживал во друштвото на децата (Марко 10:13, 14)

• плачел пред други луѓе (Јован 11:35)

• бил сочувствителен (Марко 1:40, 41)