Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што прави Бог?

Што прави Бог?

Што прави Бог?

„О Јехова, зошто стоиш далеку? Зошто се криеш кога сме во неволја?“ a (ПСАЛМ 10:1)

САМО еден брз поглед на насловните страници во весниците ни потврдува дека живееме во време на „неволја“. А кога лично ќе нѐ погоди некоја трагедија — криминал, тешка несреќа или смрт на некој од најблиските — можеби се прашуваме: Дали Бог гледа? Дали се интересира за нас? Дали воопшто постои?

Меѓутоа, си помислил ли дека е можно нашите очекувања од Бог да се темелат на погрешна претстава за него? Да наведеме еден пример: Замисли си едно мало дете што е вознемирено затоа што татко му отишол на работа. На детето му недостига татко му и сака тој да си дојде дома. Се чувствува напуштено. Цел ден постојано се прашува „Каде е тато?“

Веднаш можеме да ја видиме грешката во детското размислување. Во истиот тој момент таткото работи за доброто на целото семејство. Значи, можно е и ние да размислуваме на таков погрешен начин кога ќе речеме „Каде е Бог?“

На пример, некои можеби посакуваат Бог да биде одмаздник чија главна задача е брзо да го казни секој што ќе згреши. За други, пак, Бог е нешто како небесен Дедо Мраз кој само дели подароци — работно место, сопружник, па дури и добивка на лотарија.

И според едното и според другото гледиште, ако Бог не донесе правда веднаш или не ни ја направи услугата што ја бараме, значи дека е бесчувствителен за нашите страдања и не мисли на нашите потреби. Но, тоа воопшто не е точно! Вистината е дека токму во овој момент Јехова Бог работи за доброто на целото човештво, ама не онака како што очекуваат многумина.

Тогаш, што прави Бог сега? За да одговориме на ова прашање, треба да се вратиме на почетокот од човечката историја, кога сериозно — но не и неповратно — бил нарушен односот помеѓу човекот и Бог.

Лошите последици од гревот

Замисли си една куќа која е во лоша состојба многу години. Покривот пропаднал, вратите се откачиле, а однадвор е многу оштетена. Некогаш оваа куќа била во добра состојба — но повеќе не е. Со оглед на штетата што настанала, обновувањето нема да биде мала работа — нема да може да се изведе преку ноќ.

Сега замисли си ја штетата што му била нанесена на човештвото пред околу 6.000 години, кога едно невидливо духовно суштество, Сатана, ги навело Адам и Ева да се побунат против Бог. Пред таа случка, првите маж и жена имале совршено здравје и можност да живеат вечно, заедно со сите свои деца што ќе им се роделе во иднина (1. Мојсеева 1:28). Меѓутоа, кога направиле грев, тоа било исто како Адам и Ева да го оштетиле човечкото семејство што допрва требало да им се роди, односно им ја одзеле на луѓето можноста да се родат совршени.

Немој да ги потценуваш штетните последици од таа побуна. Во Библијата пишува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12). Освен тоа што ни донел смрт, гревот го нарушил и нашиот однос со Творецот, а влијаел и врз нашето тело, ум и емоции. Затоа, нашата состојба е слична на состојбата на една разурната куќа. Праведниот Јов реално ја опишал нашата ситуација кога рекол дека човекот „е кратковечен и презаситен од неволји“ (Јов 14:1, Превод на МПЦ).

Но, дали Бог кренал раце од човештвото откако згрешиле Адам и Ева? Воопшто не! Всушност, оттогаш па сѐ досега, нашиот небесен Татко работи за доброто на целото човечко семејство. За да ни биде појасно што прави за нас, да разгледаме кои три чекори се неопходни за да се обнови една куќа, односно да се врати во првобитната состојба. Исто така, ќе видиме како секој чекор покажува што прави Бог за да го врати човештвото во првобитната совршена состојба.

1 Откако ќе процени колку е оштетена куќата, сопственикот мора да одлучи дали да ја обнови или сосема да ја уништи.

Веднаш по побуната во еденската градина, Јехова Бог кажал дека има намера да го обнови човештвото, односно да ги врати работите како што биле во почетокот. На невидливото духовно суштество што стоело зад таа побуна му рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мојсеева 3:15).

Со тие зборови Јехова ветил дека ќе го уништи подбуцнувачот на побуната во еденската градина (Римјаните 16:20; Откровение 12:9). Освен тоа, Јехова прорекол дека едно „потомство“ кое требало да се појави во иднина, ќе го откупи човештвото од гревот b (1. Јованово 3:8). Тие ветувања откриле една многу важна работа: Бог имал намера да го обнови, а не да го уништи она што го создал. Но, за да се обнови човештвото, односно да се врати во првобитната совршена состојба, било потребно време.

2 Архитектот прави проект од кој јасно се гледа што ќе се постигне со обновата.

Јехова Бог им дал на Израелците закони и план за еден храм во кој требало да го обожаваат. Во Библијата пишува: „Тоа е само сенка на она што доаѓа“ (Колошаните 2:17). Исто како што проектот ја претставува куќата, така тие работи претставувале нешто многу поголемо и поважно.

На пример, Израелците принесувале животински жртви за да им бидат простени гревовите (3. Мојсеева 17:11). Тоа укажувало на една многу поголема жртва што требало да биде принесена со векови подоцна — жртва со која човештвото ќе било вистински откупено. c Со планот за светиот шатор и за храмот во кој Израелците го обожавале Бог било претставено она што требало да го направи идниот Месија, од неговата жртвена смрт до неговото вознесување на небото. (Види ја табелата на 7. страница.)

3 Избран е градителот што ќе го реализира проектот и ќе ја изврши обновата.

Исус бил ветениот Месија кој требало да го реализира она што било претставено со жртвите на Израелците и да го даде својот живот за да го откупи човештвото. Јован Крстител го нарекол Исус „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29). Исус спремно ја прифатил таа задача. Тој рекол: „Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“ (Јован 6:38).

Божјата волја за Исус не била само „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ туку и да склучи сојуз за Царство со своите следбеници (Матеј 20:28; Лука 22:29, 30). Преку тоа Царство, Бог ќе ја исполни својата намера со луѓето. Пораката за Божјето Царство е наречена „добра вест“ затоа што открива дека Бог воспоставил една влада на небото која ќе ја преземе власта над Земјата! (Матеј 24:14; Даниел 2:44). d

Обновата продолжува

Пред да се вознесе на небото, Исус им заповедал на своите следбеници: „Правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух... И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Матеј 28:19, 20).

Значи, обновата на човештвото не завршила со смртта на Исус. Таа ќе продолжи сѐ до „свршетокот на овој поредок“, односно времето кога Божјето Царство ќе преземе целосна власт над Земјата. Тоа време е дојдено, како што се гледа од исполнувањето на знакот што го прорекол Исус во врска со „свршетокот на овој поредок“ e (Матеј 24:3-14; Лука 21:7-11; 2. Тимотеј 3:1-5).

Денес, во 236 земји, Јеховините сведоци ја слушаат Исусовата заповед да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Всушност, списанието што го читаш има цел да ти помогне да научиш нешто повеќе за тоа Царство и за благословите што ќе ги добиеме преку него. На 2. страница од секој број на Стражарска кула го пишува следново: „Ова списание... им дава утеха на луѓето со добрата вест дека Божјето Царство, кое е вистинска влада на небото, наскоро ќе му стави крај на сето зло и ќе ја претвори Земјата во рај. Нѐ поттикнува да веруваме во Исус Христос, кој умрел за да можеме ние да живееме вечно и кој сега владее како Цар на Божјето Царство“.

Точно е дека сѐ уште слушаш вести за терористички напади или за природни катастрофи, а можеби дури и лично доживуваш некоја трагедија. Но, ако ја проучуваш Библијата, ќе се увериш дека Бог воопшто не ги напуштил луѓето. Напротив, тој „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). И сигурно ќе го исполни своето ветување дека ќе го врати она што го изгубиле нашите прародители (Исаија 55:11).

[Фусноти]

a Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.

b Подетално објаснување на 1. Мојсеева 3:15 можеш да најдеш во 19. поглавје од книгата Приближи му се на Јехова, издадена од Јеховините сведоци.

c Нешто повеќе можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

d Нешто повеќе за Божјето Царство можеш да прочиташ во 8. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?

e Нешто повеќе можеш да прочиташ во 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?

[Табела/слики на страница 7]

„Претслика на она вистинското“ — што претставувал светиот шатор

ЖРТВЕНИКОТ

Јеховината спремност да ја прифати жртвата на Исус (ЕВРЕИТЕ 13:10-12)

ПРВОСВЕШТЕНИКОТ

Исус (ЕВРЕИТЕ 9:11)

1 На Денот на очистувањето, првосвештеникот принесувал жртва за гревовите на народот (3. МОЈСЕЕВА 16:15, 29-31)

1 На 14 нисан 33 год. од н.е., Исус го принел својот живот како жртва за нас (ЕВРЕИТЕ 10:5-10; 1. ЈОВАНОВО 2:1, 2)

СВЕТИЊАТА

Исусовото повторно раѓање како духовен Божји син додека сѐ уште бил на Земјата (МАТЕЈ 3:16, 17; РИМЈАНИТЕ 8:14-17; ЕВРЕИТЕ 5:4-6)

ЗАВЕСАТА

Исусовото физичко тело — преградата што го одделувала земниот од небесниот живот (1. КОРИНЌАНИТЕ 15:44, 50; ЕВРЕИТЕ 6:19, 20; 10:19, 20)

2 Првосвештеникот влегувал зад завесата која ја одделувала Светињата од Светињата над светињите

2 Откако воскреснал, Исус влегол во светото место зад завесата, односно се вознел на небото за „да се појави пред Божјето лице за нас“ (ЕВРЕИТЕ 9:24-28)

СВЕТИЊАТА НАД СВЕТИЊИТЕ

Небото (ЕВРЕИТЕ 9:24)

3 Кога ќе влезел во Светињата над светињите, првосвештеникот попрскувал со крвта од жртвата пред поклопецот на ковчегот на сојузот (3. МОЈСЕЕВА 16:12-14)

3 Со тоа што ја принел вредноста на својата пролеана крв, Исус овозможил вистинско простување на нашите гревови (ЕВРЕИТЕ 9:12, 24; 1. ПЕТРОВО 3:21, 22)