Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што значи да се знае Божјето име

Што значи да се знае Божјето име

Што значи да се знае Божјето име

ДАЛИ твоето име содржи некакво значење? Кога ќе се роди дете, во некои земји е обичај да му се даде име што носи некое значење. Името што му го ставаат родителите, може да ги одразува нивните верувања и мерила или, пак, нивните надежи и соништа поврзани со иднината на детето.

Обичајот да се даваат имиња што имаат значење не е ништо ново. Уште во библиски времиња, личните имиња обично се давале заради значењето што го носеле. Од името можело да се види каква улога се очекувало да одигра некое лице во животот. На пример, кога Јехова му открил на Давид каква улога ќе има во иднина неговиот син Соломон, му рекол: „Името ќе му биде Соломон [изведено од корен што значи „мир“], и мир и спокојство ќе му дадам на Израел во неговите дни“ (1. Летописи 22:9).

Понекогаш Јехова му давал ново име на некое лице што требало да исполни некоја нова улога. Жената на Авраам, која била неротка, го добила името Сара, што значи „Кнегиња“. Зошто? Јехова објаснил: „Јас ќе ја благословам и ќе ти дадам син од неа. Ќе ја благословам и од неа ќе настанат народи, и цареви на народи ќе излезат од неа“ (1. Мојсеева 17:16). Значи, да се разбере зошто Сара добила ново име би значело да се разбере нејзината нова улога.

А што да се каже за најважното од сите имиња — Јехова? Што значи тоа име? Кога Мојсеј го прашал Бог за Неговото име, Јехова му одговорил: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Името Јехова открива дека тој е Бог кој има безброј улоги. Да го објасниме тоа со следнава едноставна споредба: Во зависност од потребите што ќе се појават, една мајка можеби треба да исполнува многу улоги додека секој ден се грижи за своите деца — да биде негувателка, готвачка и учителка. Слично е и со Јехова, но во една многу поголема мера. За да ја исполни својата прекрасна намера со човештвото, тој може да стане сѐ што ќе посака, извршувајќи ја секоја улога што ќе биде потребна. Значи, да го знаеме Јехова по име вклучува да ги разбереме и да ги цениме неговите многубројни улоги.

За жал, оние што не го знаат Божјето име, не можат да го запознаат како личност. Но, ако ја проучуваш Библијата, ќе сфатиш што значи улогата на Јехова како мудар Советник, моќен Спасител, великодушен Дарител и слично. Сигурно ќе се воодушевиш кога ќе го дознаеш богатото значење на Јеховиното име.

Сепак, не е секогаш лесно да се запознае Бог по име. Во следната статија ќе видиме зошто.