Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога твојот пријател е болен

Кога твојот пријател е болен

Кога твојот пријател е болен

ДАЛИ некогаш си се нашол во ситуација да не знаеш што да му кажеш на твојот пријател кој е тешко болен? Биди сигурен дека во тие моменти можеш да ги избереш вистинските зборови. Како? За тоа нема стриктни правила. Но, културните разлики можат многу да влијаат. Освен тоа, секој човек е различен. Затоа, она што ќе му помогне на едно болно лице, може воопшто да не му биде од помош на друго. Исто така, околностите и чувствата може да се менуваат со секој нов ден.

Затоа, многу е важно да се ставиш на местото на другиот и да дознаеш кои се неговите вистински потреби и желби. Како да го постигнеш тоа? Еве неколку предлози што се темелат на некои начела од Библијата.

Слушај го внимателно

БИБЛИСКИ НАЧЕЛА:

„Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“ (ЈАКОВ 1:19)

„Има... време за молчење и време за зборување“ (ПРОПОВЕДНИК 3:1, 7)

◼ Кога ќе го посетиш твојот болен пријател, внимателно и сочувствително слушај го додека зборува. Не брзај да делиш совети и немој да мислиш дека мора да дадеш некое решение за сѐ што го мачи. Брзајќи да кажеш нешто, може ненамерно да ти излетаат зборови што ќе го повредат. Тој не очекува по секоја цена да му кажеш нешто, туку едноставно му треба некој што заинтересирано ќе го слуша.

Остави го да си каже што му лежи на душа. Не прекинувај го додека зборува и не користи вообичаени изрази кои можат да му создадат чувство дека не ја сметаш неговата болест за нешто сериозно. „Имав фунгален менингитис поради кој го изгубив видот“, вели Емилио. * „Понекогаш сум навистина потиштен, и пријателите се обидуваат да ме утешат велејќи ми: ‚Ти не си единствениот што имаш проблеми. Други луѓе се во уште потешка ситуација‘. Но, не сфаќаат дека воопшто не ми помагаат кога ми велат дека мојата болест не е толку страшна. Напротив, тоа има сосема спротивен ефект и ме фрла во очај.“

Дозволи му на твојот пријател да се искаже без да си мисли дека ќе го прекоруваш. Ако ти рече дека се плаши, немој само да му речеш да не се плаши туку остави го слободно да зборува за своите чувства. „Кога ме фаќа страв поради болеста што ја имам и почнувам да плачам, не значи дека сум ја изгубила довербата во Бог“, вели Елијана, која боледува од рак. Потруди се да го гледаш пријателот таков каков што е, а не таков каков што сакаш да биде. Земи предвид дека во овој период веројатно е многу ранлив и дека не е истиот каков што го знаеш. Биди стрплив. Слушај кога зборува — дури и ако тоа значи дека постојано ќе слушаш едно исто (1. Царевите 19:9, 10, 13, 14). Можеби тој чувствува потреба да ти раскаже низ што сѐ минува.

Биди сочувствителен и обѕирен

БИБЛИСКИ НАЧЕЛА:

„Радувајте се со оние што се радуваат, плачете со оние што плачат“ (РИМЈАНИТЕ 12:15)

„Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (МАТЕЈ 7:12)

◼ Стави се на местото на твојот пријател. Ако се подготвува за операција, прима некоја терапија или чека резултати од лекарски анализи, можеби е напнат и особено чувствителен. Обиди се да го имаш тоа на ум и да се приспособиш на неговото променливо расположение. Во тие моменти можеби не е паметно да поставуваш премногу прашања, особено не прашања од лична природа.

„Дозволете им на пациентите да зборуваат за својата болест тогаш кога ќе посакаат и онолку колку што можат“, вели Ана Каталифос, специјалист по клиничка психологија. „Кога имаат желба да зборуваат, разговарајте со нив на секоја тема што ќе ја почнат. Но, ако не се расположени за разговор, многу ќе им помогнете ако едноставно молчите и срдечно ги држите за рака. Или можеби само им треба рамо за плачење.“

Почитувај ја приватноста на твојот пријател. Авторката Розан Кејлик, која двапати се изборила со рак, пишува: „Додека разговарате со пациентот, замислете си дека она што ви го кажува е доверливо. Ако никој не ве замолил да зборувате во името на семејството, немојте да откривате информации. Прашајте го болниот кои работи сака да ги знаат и другите“. Едсон, кој имал рак, вели: „Еден пријател разгласил дека имам рак и дека нема да поживеам уште долго. Па јасно беше дека имав рак, бидејќи штотуку бев опериран. Знаев за болеста, ама ги чекав резултатите од биопсијата. Се покажа дека немам метастази. Ама штетата веќе беше направена. Жена ми беше скршена од непромислените зборови и прашања што ѝ ги поставуваа другите“.

Ако твојот пријател треба да одлучи со каква терапија да почне да се лекува, не избрзувај да му кажеш што би направил ти да си на негово место. Писателката Лори Хоуп, која го победила ракот, вели: „Пред да му испратите статии или некои вести на оној што има рак или, пак, се излекувал од рак, најдобро е да го прашате дали би сакал да добие такви информации. Инаку вашиот добронамерен гест би можел да го повреди без да сте свесни за тоа“. Не сака секој да биде преплавен со информации за различни терапии.

Дури и ако си му близок пријател на болниот, немој да остануваш предолго кога ќе појдеш да го посетиш. Твоето присуство е многу важно, ама можеби во моментот не му годи никакво друштво. Можеби е уморен и нема многу сила да зборува, па дури се исцрпува ако треба долго да слуша некого. Од друга страна, не оставај впечаток дека сакаш побрзо да си заминеш. Твојот пријател заслужува да види колку ти значи.

Покажи обѕир со тоа што ќе бидеш урамнотежен и прониклив. На пример, пред да му подготвиш оброк или пред да му однесеш цвеќе, распрашај се дали е алергичен на нешто. Ако си болен и можеби имаш настинка, би било убаво да почекаш да оздравиш, па тогаш да го посетиш.

Охрабри го

БИБЛИСКИ НАЧЕЛА:

„Јазикот на мудрите е лек“ (ИЗРЕКИ 12:18)

„Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол“ (КОЛОШАНИТЕ 4:6)

◼ Ако гледаш позитивно на твојот болен пријател, тоа сигурно ќе се види од твоите зборови и постапки. Гледај на него како на истата личност со истите особини што ти се допаднале кога сте се спријателиле. Мисли на него, а не на болеста. Ако му зборуваш како на беспомошна жртва, можеби навистина ќе почне да се чувствува така. Роберта, која има една ретка генетска болест на коските, вели: „Однесувајте се со мене како со нормална личност. Иако сум инвалид, јас имам свои гледишта и желби. Не ме сожалувајте. Не зборувајте со мене како да ми фали нешто“.

Не заборавај дека не е секогаш најважно што ќе кажеш, туку како ќе го кажеш тоа. Дури и тонот на гласот може да игра голема улога. Кратко откако му рекле дека има рак, на Ернесто му се јавил некој пријател од странство, кој му рекол: „Не ми се верува дека ти имаш рак!“ Ернесто раскажува: „Ми полазија морници од тонот со кој ги кажа зборовите ‚ти‘ и ‚рак‘“.

Писателката Лори Хоуп наведува уште еден пример: „Пациентот може на различни начини да го сфати прашањето ‚Како си?‘ Во зависност од тонот на гласот на оној што прашува, од неговите гестови, од меѓусебниот однос, од блискоста и, се разбира, во зависност од моментот, тоа прашање може или да го утеши, или да му нанесе болка, или да му ги разбуди потиснатите стравови“.

Твојот болен пријател веројатно сака да почувствува грижа, разбирање и почит. Затоа, увери го дека многу ти значи и дека си спремен да му помогнеш. Розмари, која има тумор на мозокот, вели: „Многу се охрабрував кога пријателите ми кажуваа дека ме сакаат и дека ќе бидат крај мене што и да се случи“ (Изреки 15:23; 25:11).

Помогни му

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина“ (1. ЈОВАНОВО 3:18)

◼ Потребите на твојот пријател ќе се менуваат од моментот кога е поставена дијагнозата до времето кога ќе почне со терапијата. Сепак, во целиот тој период ќе му биде потребна помош. Наместо само да му кажеш: „Ако ти треба нешто, јави ми се“, биди поконкретен. Ќе му покажеш дека вистински се грижиш ако му се најдеш во секојдневните обврски. На пример, би можел да му помогнеш да зготви јадење, да исчисти, да испере и испегла, да заврши разни работи, да купи сѐ што треба, како и да го однесеш на лекар или во болница за да прими терапија. Биди доверлив и точен. Стој си на зборот и направи го она што ќе го ветиш (Матеј 5:37).

„На болниот многу ќе му помогнеме ако правиме работи, сеедно дали мали или големи, што ќе му помогнат да ги оттргне мислите од болеста“, вели Розан Кејлик. Силвија, која двапати се изборила со ракот, се согласува со тоа. „Секој ден различни пријатели ме носеа на зрачење во друг град, и тоа многу ме опушти и ме утеши! По патот разговаравме на разни теми, а по терапијата секогаш застанувавме некаде да се напиеме кафе. Тоа ми помогна повторно да се чувствувам нормално.“

Но, немој да мислиш дека знаеш што точно му е потребно на твојот пријател. „Прашувај, прашувај, прашувај“, вели Кејлик. Таа додава: „Иако сакаш да помогнеш, немој да земаш сѐ во свои раце. Тоа може да има сосема спротивен ефект. Ако не ми дозволиш да направам нешто, ми оставаш впечаток дека веќе не сум способна за ништо. Но, сакам да имам чувство дека и јас можам да правам нешто. Не сакам да се чувствувам како жртва. Помогни ми да го правам она што го можам“.

Твојот пријател сигурно сака да се чувствува способен. Адилсон, кој има СИДА, вели: „Кога си болен, не сакаш да те отфрлат како да не вредиш ништо или како да си сосема неспособен. Сакаш да помогнеш, макар и во мали работи. Многу е убаво чувството дека сѐ уште можеш да правиш нешто! Тоа ти дава сила да продолжиш со животот. Сакам луѓето да ме остават да одлучувам — и да ги почитуваат моите одлуки. Тоа што си болен не значи дека не можеш да продолжиш да си ја исполнуваш улогата на татко, мајка или што и да е“.

Биди во контакт

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (ИЗРЕКИ 17:17)

◼ Ако не можеш да го посетиш твојот пријател затоа што живееш далеку или, пак, затоа што те спречуваат други околности, би можел да му се јавиш, да му напишеш картичка или да му испратиш имејл. А што би можел да напишеш? Алан Д. Вулфелт, стручно лице што им помага на ужалените, го дава следниов предлог: „Потсетете се на некои убави моменти што сте ги поминале заедно. Ветете дека наскоро пак ќе пишете — а потоа одржете си го ветувањето“.

Не треба да се колебаш да му помогнеш на твојот болен пријател, плашејќи се дека можеби ќе кажеш нешто што не треба или дека ќе направиш нешто погрешно. Во многу случаи, доволно е самото тоа што ќе бидеш покрај него. Еве што пишува Лори Хоуп во својата книга: „Сите кажуваме и правиме работи што можат да бидат погрешно сфатени или на некој начин можат ненамерно да го повредат другиот. Проблемот не е во тоа. Напротив, проблем се појавува кога толку се плашиш да не направиш грешка што бегаш од оној на кого си му потребен“.

На твојот тешко болен пријател сега си му потребен повеќе од кога и да е порано. Потруди се да бидеш ‚вистински пријател‘. Твоите обиди да му помогнеш можеби нема да му ја отстранат болката, ама можеш многу да направиш за полесно да ја поднесе својата тешка болест.

[Фуснота]

^ пас. 9 Некои имиња се сменети.