Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ревносно барај го Јеховиниот благослов

Ревносно барај го Јеховиниот благослов

Ревносно барај го Јеховиниот благослов

„[Бог] ги наградува оние што ревносно го бараат“ (ЕВР. 11:6)

1, 2. а) На кој начин многу луѓе бараат Божји благослов? б) Зошто треба да ни биде многу важно да добиеме благослов од Јехова?

МНОГУ луѓе мислат дека богатството, поседувањето куќи и коли, и нечија благосостојба се благослови од Бог. Освен тоа, свештениците од разни религии имаат обичај да благословуваат луѓе, животни, па дури и објекти. Многу верници патуваат до одредени религиозни места со надеж дека таму ќе добијат благослов. А некои политичари често бараат Бог да ја благослови нивната земја. Што мислиш, дали е во ред да се бара таков благослов? Дали Бог им го дава на сите овие луѓе она што го бараат? Кои се тие што навистина го добиваат Божјиот благослов, и зошто?

2 Јехова прорекол дека во последните денови ќе собере еден чист и мирољубив народ од сите нации, народ што ќе ја проповеда добрата вест за Царството по целиот свет иако ќе се соочи со омраза и противење (Иса. 2:2-4; Мат. 24:14; Отк. 7:9, 14). На оние што ја прифаќаат одговорноста да бидат дел од овој народ многу им значи Божјиот благослов. Но, тој им е и неопходен бидејќи без него не можат успешно да му служат на Бог (Пс. 127:1). Прашањето е: Како можеме да бидеме благословени од Бог?

Благословот ги стигнува послушните

3. Каков ќе бил резултатот ако Израелците му биле послушни на Бог?

3 Прочитај Изреки 10:6, 7. Кога Израелците биле на прагот на Ветената земја, Јехова им кажал дека ќе бидат богато благословени и заштитени ако го слушаат неговиот глас (5. Мој. 28:1, 2). Според тоа, послушните Израелци можеле да бидат сигурни дека благословите ‚ќе ги стигнат‘.

4. Што вклучува вистинската послушност?

4 Со каков став требало да бидат послушни Израелците? Во својот Закон, Бог им кажал дека нема да му биде мило ако не му служат „со весело и радосно срце“. (Прочитај 5. Мојсеева 28:45-47.) Јехова заслужува да му бидеме послушни од срце, а не само механички да се подложуваме на одредени заповеди, како што понекогаш се послушни животните или демоните (Мар. 1:27; Јак. 3:3). Оној што му е вистински послушен на Бог го прави тоа од љубов. Тој со радост го слуша Јехова затоа што е уверен дека Неговите заповеди не се тешки и дека Тој „ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евр. 11:6; 1. Јов. 5:3).

5. Како верата во Јеховиното ветување можела да му помогне некому да го послуша законот од 5. Мојсеева 15:7, 8?

5 Да видиме како израелскиот народ можел со доверба да му биде послушен на Јехова држејќи го законот запишан во 5. Мојсеева 15:7, 8. (Прочитај.) Иако сиромашните можеби ќе имале одредена корист дури и ако Израелците безволно го слушале тој закон, дали тоа ќе придонело за добри и срдечни односи меѓу Божјиот народ? Што е уште поважно, дали на таков начин ќе покажеле вера дека Јехова може да се грижи за своите слуги, како и ценење за тоа што имале можност да бидат великодушни како што е Тој? Тешко! Но, Бог го гледал срцето на оној што е вистински дарежлив, и ветил дека ќе го благослови во секое негово дело и во секој негов потфат (5. Мој. 15:10). Верата во ова ветување ќе го поттикнела таквиот на дела и, како резултат на тоа, ќе добиел многу благослови (Изр. 28:20).

6. Во што треба да нѐ увери Евреите 11:6?

6 Освен вера во тоа дека Јехова ги наградува своите слуги, во Евреите 11:6 е нагласена уште една особина што ни е потребна за да добиеме Божји благослов. Забележи дека Јехова ги наградува оние што „ревносно го бараат“. Зборот што се користи на ова место во изворниот јазик укажува на горливост и силно напрегање. Овој стих навистина нѐ охрабрува и нѐ уверува дека, ако силно се напрегаме, сигурно ќе бидеме благословени. Тоа уверување го дава единствениот вистински Бог, „кој не може да лаже“ (Тит 1:2). Низ вековите, тој покажал дека неговите ветувања се апсолутно веродостојни. Јехова секогаш си стои на зборот и го исполнува она што го рекол (Иса. 55:11). Затоа, можеме да бидеме потполно сигурни дека, ако покажеме вистинска вера, тој сигурно ќе нѐ награди.

7. Како можеме да го добиеме Божјиот благослов преку ‚потомството‘ на Авраам?

7 Бог ветил дека луѓето ќе се благословат преку ‚потомството‘ на Авраам. Се покажало дека Исус Христос е неговиот главен дел. Помазаните христијани го сочинуваат второстепениот дел од тоа проречено „потомство“. Тие имаат задача ‚да ги објавуваат доблестите на оној што ги повикал од темнината во својата прекрасна светлина‘ (Гал. 3:7-9, 14, 16, 26-29; 1. Пет. 2:9). Не можеме да имаме добар однос со Јехова ако не соработуваме и не се подложуваме на водството на оние што Исус ги поставил да се грижат за неговиот имот. Без помошта на „верниот и разборит роб“ не би можеле потполно да го разбереме она што го читаме од Божјата Реч ниту, пак, би знаеле како да го примениме (Мат. 24:45-47). Ако го применуваме она што го учиме од Библијата, може да бидеме сигурни дека ќе го добиеме Божјиот благослов.

Најважна нека ти биде Божјата волја

8, 9. Како семејниот поглавар Јаков се напрегал да постапува во склад со Божјето ветување?

8 Кога размислуваме за тоа дека треба силно да се напрегаме за да добиеме Божји благослов, можеби на ум ни паѓа семејниот поглавар Јаков. Тој не знаел како Бог ќе го исполни ветувањето што му го дал на Авраам, но верувал дека Јехова многу ќе ги намножи потомците на неговиот дедо и дека тие ќе станат голем народ. Затоа, во 1781 год. пр.н.е., Јаков отпатувал за Харан за да побара жена. Не му било важно само да си најде мила животна сопатничка, туку духовна жена која му служи на Јехова и која би била добра мајка на неговите деца.

9 Знаеме дека тој ја сретнал својата братучетка Рахела. Ја засакал и се согласил да работи седум години за нејзиниот татко, Лаван, да му ја даде за жена. Ова не е само една незаборавна романтична приказна. Јаков сигурно го знаел ветувањето што Семоќниот Бог му го дал на неговиот дедо Авраам и му го повторил на неговиот татко, Исак (1. Мој. 18:18; 22:17, 18; 26:3-5, 24, 25). Освен тоа, Исак му го рекол следново на Јаков: „Семоќниот Бог ќе те благослови, ќе те направи плоден и ќе те намножи, така што од тебе ќе настане голем народ. И тој ќе ти го даде Авраамовиот благослов тебе и на твоето потомство со тебе за да ја заземеш земјата во која си дојденец, а која Бог му ја даде на Авраам“ (1. Мој. 28:3, 4). Според тоа, трудот што Јаков го вложил за да ја најде вистинската жена и да основа семејство бил доказ дека има доверба во она што го кажал Јехова.

10. Зошто Јехова со задоволство го благословил Јаков така што одговорил на неговата молба?

10 Јаков немал цел да стекне богатство за неговото семејство да води удобен живот. Тој мислел само на Јеховиното ветување во врска со неговото потомство. Најважно од сѐ му било да се исполни Јеховината волја. Бил решен да направи сѐ што може за да го добие Божјиот благослов и покрај пречките. Таков став задржал сѐ до својата смрт, и Јехова го благословил поради тоа. (Прочитај 1. Мојсеева 32:24-29.)

11. Што треба да направиме во склад со волјата што ни ја открил Бог?

11 Исто како Јаков, и ние не знаеме како ќе се исполни Јеховината намера во детали. Сепак, од своето проучување на Божјата Реч имаме општ преглед на она што можеме да го очекуваме во врска со „Јеховиниот ден“ (2. Пет. 3:10, 17). На пример, не знаеме кога точно ќе дојде тој ден, но знаеме дека е близу. Уверени сме дека Божјата Реч е во право кога вели дека, со тоа што ќе дадеме темелно сведоштво во краткото време што преостанува, ќе се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат (1. Тим. 4:16).

12. Во што можеме да бидеме сигурни?

12 Сфаќаме дека крајот може да дојде во секој миг; Јехова не мора да чека да му посведочиме лично на секој човек на планетата (Мат. 10:23). Во меѓувреме, добиваме корисни упатства како делотворно да проповедаме. Со вера, учествуваме во ова дело давајќи сѐ од себе и користејќи сѐ што имаме. Дали многу луѓе ќе ја прифатат пораката што ја проповедаме? Всушност, тоа не можеме однапред да го знаеме. (Прочитај Проповедник 11:5, 6.) Наше е да сведочиме и да имаме доверба дека Јехова ќе ни го даде својот благослов (1. Кор. 3:6, 7). Можеме да бидеме сигурни дека тој гледа колку се напрегаме и, со својот свет дух, ќе ни ги даде сите конкретни упатства што ни се потребни (Пс. 32:8).

Барај свет дух

13, 14. Наведи примери кои покажуваат дека Бог со својот свет дух може да ги оспособи своите слуги.

13 Што ако сметаме дека сме некадарни да извршиме некоја задача или да проповедаме? Тогаш треба да го молиме Јехова да ни даде свет дух за да ги подобриме оние способности што ги имаме и што можеме да ги користиме да ја извршиме службата. (Прочитај Лука 11:13.) Божјиот свет дух може да ги оспособи луѓето да вршат одредено дело или некоја одговорна задача без оглед на нивното претходно искуство или околности. На пример, веднаш по излегувањето од Египет, Божјиот дух ги оспособил поранешните пастири и робови да ги поразат своите непријатели иако никогаш порано не учествувале во војна (2. Мој. 17:8-13). Наскоро потоа, истиот тој дух ги оспособил Веселеил и Олијав да го изработат светиот шатор според величествениот архитектонски план кој го дал самиот Бог (2. Мој. 31:2-6; 35:30-35).

14 Тој моќен дух ги оспособил Божјите слуги и во нашево време да се грижат за потребите на организацијата кога морале да започнат сами да ги печатат библиските публикации. Во едно писмо, брат Р. Џ. Мартин, кој тогаш ја надгледуваше работата во печатницата, објасни што беше постигнато до 1927 год. „Господарот ја отвори вратата во вистинското време и набавивме огромна рото-машина, иако не знаевме ни како да ја поставиме ни како да печатиме со неа. Но, Господарот знае како да им го отвори умот на оние што се решени да му го дадат најдоброто... За само неколку седмици, успеавме да ја стартуваме и таа сѐ уште печати, вршејќи работа што дури ни нејзините конструктори не знаеле дека ќе може да ја извршува.“ Јехова до ден-денес ги благословува ваквите горливи напори.

15. Како може Римјаните 8:11 да ги охрабри оние што се наоѓаат на искушение?

15 Јехова го користи својот дух на најразлични начини. Бог им го става на располагање на сите свои слуги и тој дух може да им помогне да надминат навидум непремостливи препреки. Што ако мислиме дека не можеме да му се спротивставиме на некое искушение? Тогаш можат да нѐ зајакнат зборовите на Павле запишани во Римјаните 7:21, 25 и 8:11. Да, „духот на оној што го подигна Исус од мртвите“ може да дејствува во наша корист и да ни помогне да победиме во борбата со телесните желби. Иако овој стих им бил напишан на христијаните помазани со дух, истото начело важи за сите Божји слуги. Сите ние добиваме живот затоа што веруваме во Христос, се напрегаме да ги усмртиме погрешните желби и живееме во склад со водството што ни го дава духот.

16. Што мора да правиме за да го добиеме Божјиот свет дух?

16 Може ли да очекуваме Бог да ни даде од својата сила без ништо да направиме од наша страна? Не. Освен што се молиме за свет дух, ние мора и совесно да се храниме од Божјата вдахновена Реч (Изр. 2:1-6). Бог му го дава својот дух и на христијанското собрание. Кога редовно одиме на состаноците, покажуваме дека сакаме да слушаме „што им вели духот на собранијата“ (Отк. 3:6). Исто така, мора и понизно да го прифатиме она што го учиме. Во Изреки 1:23 ни е даден следниов совет: „Прифатете го мојот укор. Тогаш ќе го излеам својот дух врз вас“. Бог навистина им го дава својот дух „на оние што му се покоруваат“ (Дела 5:32).

17. Со што можеме да го споредиме благословот што Бог го дава врз нашите напори?

17 Иако е потребно горливо да се напрегаме за да го добиеме Божјиот благослов, да не заборавиме дека, на крајот, добрите работи што Јехова во изобилство им ги дава на своите слуги сепак не се резултат на нивниот труд. Неговиот благослов врз нашите напори може да се спореди со користа што човечкото тело ја има од здравата храна. Бог го создал нашето тело за да уживаме во храната и да го извлечеме од неа она што ни е потребно за живот. Освен тоа, тој ни ја дава и храната. Ние не знаеме во потполност како она што го јадеме ги стекнува хранливите состојки, а на повеќето од нас не им е јасно ни како нашето тело произведува енергија благодарение на храната што ја внесуваме. Знаеме само дека тој процес функционира, а ние го правиме својот дел со тоа што јадеме. Ако избереме здрава храна, резултатите се уште подобри. На сличен начин, Јехова ги изложува барањата за вечен живот, а ни ја дава и потребната помош да ги исполниме. Бидејќи тој, всушност, го прави поголемиот дел, навистина заслужува да го фалиме. Како и да е, за да го добиеме благословот, мора да соработуваме со него, односно да постапуваме во склад со неговата волја (Агеј 2:18, 19).

18. На што си решен, и зошто?

18 Затоа, врши ја секоја задача со сета душа и секогаш моли го Јехова за успех (Мар. 11:23, 24). Додека го правиш тоа, биди уверен дека „секој што бара, наоѓа“ (Мат. 7:8). Оние што се помазани со дух ќе бидат наградени со живот на небото (Јак. 1:12). Христовите „други овци“, кои се трудат да добијат благослов за себе преку потомството на Авраам, со восхит ќе го слушнат Исус како вели: „Дојдете, благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од настанувањето на светот“ (Јован 10:16; Мат. 25:34). Навистина, „оние што [Бог] ги благословува, ќе ја поседуваат земјата... и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:22, 29).

Можеш ли да објасниш?

• Што вклучува вистинската послушност?

• Што е потребно за да добиеме Божји благослов?

• Како можеме да го добиеме Божјиот свет дух, и како тој може да дејствува во наша корист?

[Прашања]

[Слики на страница 9]

Јаков се борел со ангел за да добие Јеховин благослов

Дали и ти се напрегаш на сличен начин?

[Слика на страница 10]

Божјиот свет дух ги оспособил Веселеил и Олијав успешно да ја извршат задачата