Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

1. Зошто треба да се молиме?

1. Зошто треба да се молиме?

1. Зошто треба да се молиме?

МОЛИТВА. Ретко која друга тема од Библијата буди толкава љубопитност и интерес. Да разгледаме седум често поставувани прашања во врска со молитвата, а потоа да го пронајдеме одговорот што го дава Библијата на секое од нив. Целта на овие статии е да ти помогнат да почнеш да се молиш или, пак, да те научат како да се молиш за Бог да ги услиши твоите молитви.

НИЗ ЦЕЛИОТ свет, во секоја култура и религија, луѓето се молат. Се молат сами, се молат во група. Се молат во црквите, во храмовите, во синагогите, во џамиите, на свети места. Можеби користат молитвени килимчиња, бројаници, молитвени тркала, икони, молитвеници или молитви напишани на мали таблички што ги закачуваат на рафтови.

Молитвата е една работа по која луѓето се разликуваат од сите други живи суштества на Земјата. Точно е дека имаме многу заеднички работи со животните. И нам ни требаат храна, вода и воздух. И ние се раѓаме, живееме и умираме (Проповедник 3:19). Но, само луѓето се молат. Зошто?

Можеби најпростиот одговор е дека ние едноставно имаме потреба да се молиме. Молитвата обично се смета за начин на кој луѓето се свртуваат кон духовниот свет, кон нешто што го сметаат за свето и вечно. Библијата покажува дека сме создадени со желба за духовни работи (Проповедник 3:11). Исус Христос еднаш рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Со што друго би можеле да се објаснат сите верски објекти и предмети, како и многуте часови поминати во молитви, ако не со ‚духовните потреби‘ на човекот? Некои се обидуваат сами да си ги задоволат духовните потреби, а некои бараат помош од други. Но, зар мислиш дека луѓето можат да ја дадат потребната помош? Па ние сме толку ограничени, кратковечни, кусогледи. Само некој што е многу помудар, помоќен и подолговечен може да ни го даде она што ни е потребно. А кои се тие духовни потреби што нѐ мотивираат да се молиме?

Размисли за следново: Дали некогаш си копнеел по водство, мудрост или одговор на прашања за кои си мислел дека ниеден човек не може да ги одговори? Дали некогаш очајно си барал утеха откако си доживеал некоја болна загуба, ти требал совет кога си стоел пред некоја тешка одлука, или ти требало простување затоа што си бил притиснат од чувство на вина?

Библијата покажува дека слободно можеш да се молиш во врска со сите овие работи. Таа е книга од која можеме најмногу да научиме за молитвата. Во неа се запишани молитвите на многу верни мажи и жени. Тие се молеле за да добијат утеха, водство, простување и одговор на најтешките прашања (Псалм 23:3; 71:21; Даниел 9:4, 5, 19; Авакум 1:3).

Таквите молитви, иако се разликувале една од друга, имале нешто заедничко. Тие биле услишени бидејќи оние што се молеле правеле нешто што денес многумина го пропуштаат или занемаруваат. Знаеле кому да му ги упатат своите молитви.