Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

2. Кому треба да се молиме?

2. Кому треба да се молиме?

2. Кому треба да се молиме?

ДАЛИ Бог ги слуша сите молитви, независно од тоа до кого се упатени? Луѓето денес обично мислат дека е така. Тоа им се допаѓа на мнозина кои се залагаат за добри меѓуверски односи и кои сметаат дека сите религии, без оглед на нивните разлики, се добри. Но, дали таквата претстава за молитвата е точна?

Библијата открива дека многу молитви не се упатени до вистинската личност. Во времето кога била пишувана Божјата Реч, било вообичаено луѓето да им се молат на режани ликови. Сепак, Бог постојано ги опоменувал да не го прават тоа. На пример, во Псалм 115:4-6 го пишува следново за идолите: „Уши имаат, но не слушаат“. Поентата е многу јасна. Зошто да му се молиш на некој бог што не може да те чуе?

Еден живописен библиски извештај ќе ни го разјасни ова уште повеќе. Вистинскиот пророк Илија им упатил предизвик на пророците на Ваал: прво тие да му се помолат на нивниот бог, а потоа Илија да му се помоли на својот Бог. Илија рекол дека вистинскиот Бог ќе одговори, а лажниот не. Пророците на Ваал го прифатиле предизвикот и се молеле долго и упорно, дури со гласни извици — но напразно! Извештајот ни кажува: „Немаше ниту глас, ниту одговор, ниту, пак, знак дека некој ги слуша“ (1. Царевите 18:29). Но, што се случило откако се помолил Илија?

По молитвата на Илија, Бог веднаш одговорил со тоа што испратил оган од небото за да ја изгори жртвата што ја принел Илија. Во што била разликата? Кога се молел, Илија направил нешто многу важно, како што читаме во 1. Царевите 18:36, 37. Тој кажал една многу кратка молитва, која на изворниот хебрејски јазик се состои од околу 30 зборови. Сепак, во тие неколку реда, Илија трипати му се обратил на Бог со неговото лично име, Јехова.

Ваал, што значи „сопственик“ или „господар“, им бил бог на Ханаанците, кои го претставувале ова божество во различни облици. Меѓутоа, Јехова е посебно име, кое го носи само една Личност во целата вселена. Овој Бог му рекол на својот народ: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име, и никому нема да му ја дадам својата слава“ (Исаија 42:8).

Дали било сеедно на кого му се молеле Илија и пророците на Ваал? Обожавањето на Ваал ги спуштало луѓето на многу ниско ниво бидејќи во обредите била вклучена проституција, па дури и се принесувале човечки жртви. За разлика од тоа, обожавањето на Јехова му помагало на неговиот народ, Израел, да го зачува своето достоинство и го штитело од такви срамни обичаи. Затоа, размисли за следново: Ако сакаш да му пратиш писмо на некој пријател што многу го цениш, дали би му го испратил на некого што не го носи неговото име и чиј лош глас е во остра спротивност со однесувањето на твојот пријател? Секако дека не!

Ако му се молиш на Јехова, ти му се молиш на Творецот, на Таткото на целото човештво. a ‚Ти Јехова, сепак си наш Татко‘, рекол во молитва пророкот Исаија (Исаија 63:16). Значи, тој е Оној за кого зборувал Исус Христос кога им рекол на своите следбеници: „Одам горе кај мојот Татко и вашиот Татко, кај мојот Бог и вашиот Бог“ (Јован 20:17). Јехова му е Татко на Исус. Тој е Богот кому му се молел Исус, а ги поучил и своите следбеници да го прават истото (Матеј 6:9).

Дали Библијата нѐ поучува да им се молиме на Исус, на Марија, на светци или на ангели? Не — туку само на Јехова. Разгледај две причини зошто. Прво, молитвата е дел од обожавањето на Бог, а Библијата вели дека треба да го обожаваме само Јехова (2. Мојсеева 20:5). Второ, Библијата открива дека Бог „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Иако Јехова им дава многу одговорности и на други суштества, оваа одговорност никогаш не му ја дал на некој друг. Тој е Богот што ветува дека лично ќе ги сослуша нашите молитви.

Затоа, ако сакаш Бог да ги чуе твоите молитви, сети се на овие зборови од Библијата: „Секој што ќе го повика името на Јехова, ќе биде спасен“ (Дела 2:21). Но, дали Бог по секоја цена ги слуша сите молитви? Или има уште нешто што треба да го знаеме ако сакаме Јехова да ни ги чуе молитвите?

[Фуснота]

a Според некои верски преданија, погрешно е да се изговара Божјето лично име дури и во молитва. Меѓутоа, тоа име се појавува околу 7.000 пати во изворните јазици на Библијата, на многу места во склоп на молитвите и псалмите што ги кажувале верни слуги на Јехова.

[Слика на страница 5]

Предизвикот што Илија им го упатил на пророците на Ваал покажува дека не е сеедно на кого му се молиме