Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

4. За што да се молиме?

4. За што да се молиме?

4. За што да се молиме?

ПОЗНАТА е како една од најповторуваните христијански молитви. Сеедно дали ова е точно или не, молитвата што ја кажал Исус како пример — понекогаш наречена Оченаш — сигурно е една од најпогрешно разбраните молитви. Милиони луѓе ја кажуваат напамет секој ден, можеби дури и повеќепати во текот на денот. Но, Исус никогаш немал намера таа молитва да се користи на таков начин. Од каде го знаеме тоа?

Непосредно пред да ја каже, Исус рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто“ (Матеј 6:7). Дали Исус си противречел себеси со тоа што навел зборови што треба да се научат напамет и да се повторуваат? Секако дека не! Наместо тоа, Исус кажал за што да се молиме, подредувајќи ги по важност работите што треба да ги имаме на ум кога се молиме. Да размислиме подлабоко за она што го рекол. Таа молитва е запишана во Матеј 6:9-13.

„Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“

Со ова Исус ги потсетил своите следбеници дека сите молитви треба да му бидат упатени на неговиот Татко, Јехова. Но, знаеш ли зошто Божјето име е толку важно и зошто треба да се свети?

Уште од почетокот на човечката историја, Божјето свето име е оцрнувано со лаги. Божјиот непријател, Сатана, рекол дека Јехова е лажлив, себичен Владетел кој нема потполно право да владее со своите созданија (1. Мојсеева 3:1-6). Мнозина застанале на страната на Сатана со тоа што велат дека Бог е студен, суров и осветољубив или, пак, негираат дека создал сѐ. Други го нападнале самото негово име, отстранувајќи го од библиските преводи и забранувајќи да се употребува.

Библијата покажува дека Бог ќе ги исправи сите тие неправди (Езекиел 39:7). Кога ќе го направи тоа, ќе ја задоволи секоја твоја потреба и ќе го реши секој твој проблем. Како? Одговорот ни го даваат следните зборови од молитвата што ја кажал Исус.

„Да дојде царството твое“

Денес владее голема збрка меѓу верските учители во врска со Божјето Царство. Но, како што добро знаеле луѓето на кои им зборувал Исус, Божјите пророци долго време прорекувале дека Месијата, Спасител избран од Бог, ќе владее со едно Царство што ќе го промени светот (Исаија 9:6, 7; Даниел 2:44). Тоа Царство ќе го посвети Божјето име на тој начин што ќе ги разоткрие лагите на Сатана и ќе го уништи него и сите негови дела. Божјето Царство ќе им стави крај на војните, болестите, гладот — па дури и на смртта (Псалм 46:9; 72:12-16; Исаија 25:8; 33:24). Кога се молиш да дојде Божјето Царство, ти се молиш да се исполнат сите овие ветувања.

„Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“

Овие зборови на Исус покажуваат дека Божјата волја сигурно ќе се врши на Земјата исто како што се врши на небото, каде што живее Бог. Ништо не може да ја спречи Божјата волја на небото; таму Божјиот Син водел војна со Сатана и неговите ангели, исфрлајќи ги долу на Земјата (Откровение 12:9-12). Оваа трета работа што е спомната во пример-молитвата, исто како и првите две, ни помага да се сосредоточиме на она што е најважно — не на нашата волја, туку на Божјата. Неговата волја секогаш е за доброто на сѐ што е создадено. Затоа, дури и совршениот човек Исус му рекол на својот Татко: „Нека не биде мојата волја, туку твојата!“ (Лука 22:42).

„Лебот наш за овој ден дај ни го денес“

Потоа, Исус покажал дека може да се молиме и за себе. Не е погрешно да го молиме Бог за нашите секојдневни, лични потреби. Всушност, тоа нѐ потсетува дека Јехова е оној што „им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:25). Библијата открива дека тој е грижлив родител кој со радост им дава на своите деца сѐ што им треба. Но, како добар родител, тој нема да им даде нешто што ќе им наштети.

„Прости ни ги нашите долгови“

Дали навистина му должиш нешто на Бог? Потребно ли ти е негово простување? Мнозина денес изгубиле од вид колку реална и сериозна работа е гревот. Но, Библијата учи дека од гревот произлегуваат нашите најголеми неволји, бидејќи тој е причината зошто луѓето умираат. Родени во грев, сите ние често грешиме, и единствена надеж за вечна иднина имаме само ако Бог ни прости (Римјаните 3:23; 5:12; 6:23). Утешно е што Библијата вели: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Псалм 86:5).

„Избави нѐ од Злобниот“

Сфаќаш ли колку итно, колку очајнички ти треба Божјата заштита? Мнозина не сакаат да веруваат дека воопшто постои „Злобниот“, Сатана. Но, Исус ги поучил луѓето дека тој е вистинска личност, и го нарекол „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 16:11). Сатана го расипал овој свет со кој владее, а решен е да те расипе и тебе, да те спречи да станеш близок со твојот Татко, Јехова (1. Петрово 5:8). Меѓутоа, Јехова е многу посилен од Сатана и спремен е да ги заштити оние што го сакаат.

Во ова кратко резиме на главните мисли од Исусовата пример-молитва не се опфатени сите работи што можеме да ги спомнеме кога се молиме. Не заборавај, во 1. Јованово 5:14 читаме за Бог: „Што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“. Затоа, немој да мислиш дека твоите маки се премногу безначајни за да му ги кажеш на Бог (1. Петрово 5:7).

Но, што е со времето и местото? Дали е важно кога и каде се молиме?