Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

7. Дали Бог ги слуша и одговара на молитвите?

7. Дали Бог ги слуша и одговара на молитвите?

7. Дали Бог ги слуша и одговара на молитвите?

ОВА прашање предизвикува голема возбуда и љубопитност. Библијата покажува дека Јехова ги слуша молитвите на луѓето денес. Но, дали ќе ги чуе и нашите молитви, многу зависи од нас самите.

Исус ги осудил верските водачи во негово време затоа што се молеле лицемерно. Ним им било важно само да ја покажат својата побожност пред другите луѓе. Рекол дека тие „веќе ја примиле својата плата“, што значи дека го добиле она што најмногу го сакале — вниманието на луѓето, ама не и она што навистина им било потребно — да ги чуе Бог (Матеј 6:5). И денес, мнозина се молат во склад со својата, а не во склад со Божјата волја. Бидејќи ги игнорираат библиските начела што ги разгледавме, Бог не ги слуша.

Но, што е со тебе? Дали Бог ќе ги чуе и ќе одговори на твоите молитви? Тоа не зависи од твојата раса, националност или општествена положба. Библијата нѐ уверува: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Дали овие зборови се однесуваат и на тебе? Ако имаш страв од Бог, тогаш тој ќе ти биде најважен и ќе внимаваш да не го разочараш. Ако постапуваш праведно, ќе се трудиш да го правиш она што е исправно во Божји очи, наместо да си угодуваш себеси или на другите луѓе. Дали навистина сакаш Бог да ги чуе твоите молитви? Библијата ти покажува како да ја постигнеш таа цел. a

Се разбира, мнозина сакаат Бог да им одговори на молитвите со чудо. Но, дури и во библиски времиња, Бог ретко правел такви чуда. Понекогаш минувале векови помеѓу едно и друго чудо запишано во Библијата. Освен тоа, таа покажува дека ерата на чудата завршила по смртта на апостолите (1. Коринќаните 13:8-10). Сепак, дали тоа значи дека денес Бог не одговара на молитвите? Воопшто не! Размисли за некои молитви што ги услишува.

Бог дава мудрост. Јехова е најголемиот Извор на сета вистинска мудрост. Тој е дарежлив и великодушно им дава мудрост на оние што го бараат неговото водство и сакаат да живеат според него (Јаков 1:5).

Бог го дава својот свет дух и благословите од него. Светиот дух е силата со која се служи Бог. Нема поголема сила од светиот дух. Тој може да ни помогне да ги издржиме неволјите. Може да нѐ исполни со мир кога сме вознемирени. Може да ни помогне да негуваме убави и пожелни особини (Галатите 5:22, 23). Исус ги уверил своите следбеници дека Бог великодушно го дава тој дар (Лука 11:13).

Бог им дава знаење на оние што искрено го бараат. (Дела 17:26, 27). Во целиот свет има луѓе што искрено ја бараат вистината. Тие сакаат подобро да го запознаат Бог — кое е неговото име, каква намера има со Земјата и со луѓето и како да станат блиски со него (Јаков 4:8). Јеховините сведоци честопати сретнуваат такви луѓе и со задоволство им ги кажуваат библиските одговори на тие прашања.

Дали и ти го зеде ова списание затоа што сакаш да го запознаеш Бог? Можеби на овој начин Бог ти одговара на молитвата.

[Фуснота]

a Нешто повеќе за тоа како да се молиш за да те чуе Бог, можеш да прочиташ во 17. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.