Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој „ги слуша молитвите“

Тој „ги слуша молитвите“

Приближи му се на Бог

Тој „ги слуша молитвите“

1. ЛЕТОПИСИ 4:9, 10

ДАЛИ Јехова Бог одговара на искрените молитви на своите верни слуги? Она што ни го кажува Библијата за Јавиз, човек за кого не знаеме многу, покажува дека Јехова навистина „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Овој краток извештај се наоѓа онаму каде што најмалку би очекувале — среде родословијата со кои започнува книгата Прва Летописи. Да видиме што пишува во 1. Летописи 4:9, 10.

Сѐ што знаеме за Јавиз е запишано во овие два стиха. Според стих 9, неговата мајка ‚му го дала името Јавиз, велејќи: „Го родив со болки“‘. a Зошто го избрала тоа име? Дали го родила овој син со невообичаено силни породилни болки? Дали останала вдовица, па жалела што нејзиниот сопруг не бил жив да го види своето новородено синче? Библијата не дава конкретен одговор. Но, оваа мајка имала причина да биде особено горда на својот син. Можеби и браќата на Јавиз биле добри луѓе, но ‚Јавиз бил поугледен од своите браќа‘.

Јавиз бил човек што се молел често и од срце. Тој започнал една своја молитва преколнувајќи го Бог за благослов. Потоа, побарал три работи од кои се гледа дека имал цврста вера.

Прво, Јавиз го молел Бог со зборовите: „Да го проширеше моето подрачје“ (стих 10). Овој угледен човек не бил лаком за земја, копнеејќи по она што му припаѓало на друг. Неговата сесрдна молба можеби повеќе е поврзана со луѓето отколку со земјата. Можеби се молел неговата територија да се зголеми без да води војна, за во неа да има повеќе луѓе што ќе му служат на вистинскиот Бог. b

Второ, Јавиз се молел Божјата ‚рака‘ да биде со него. Божјата симболична рака ја претставува неговата сила што ја користи за да им помага на оние што му служат (1. Летописи 29:12). За да го добие она што го барал, Јавиз му се обратил на Бог, чија рака не е прекратка кон оние што покажуваат вера во него (Исаија 59:1).

Трето, Јавиз се молел: „Да ме зачуваше од зло за да не ми наштети“. Изразот „за да не ми наштети“ укажува дека Јавиз не се молел да нема неволји, туку да не биде ожалостен ниту скршен од последиците на злото.

Молитвата на Јавиз открила дека бил живо заинтересиран за обожавањето на вистинскиот Бог и дека имал голема вера и доверба во оној „што ги слуша молитвите“. Што направил Јехова? Овој краток извештај завршува со зборовите: „И Бог ја услиши неговата молитва“.

Јехова, оној што ги слуша молитвите, не се променил. Нему му е мило кога неговите слуги му се молат. Луѓето што покажуваат вера во него може да бидат уверени во следново: „Што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14).

[Фусноти]

a Името Јавиз е изведено од еден збор што може да значи „болка“.

b Во таргумите, кои претставуваат еврејски парафразирања на Светото писмо, зборовите на Јавиз се пренесени вака: „Благослови ме со деца и прошири ја мојата земја за да има повеќе ученици“.