Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ШТО поттикнало еден поранешен крадец и припадник на бунтовничка група да направи промени во својот живот? Зошто една девојка која била шампион во боречки вештини си поставила нова животна цел? Како била наградена вербата на еден татко во неговиот син? Прочитај што имаат да ни раскажат тие.

„И покрај тешкото минато, сега сум среќен“ ГЕРИ П. АМБРОСИО

ВОЗРАСТ: 47

ЗЕМЈА: ФИЛИПИНИ

НЕКОГАШ: ЧЛЕН НА БУНТОВНИЧКА ГРУПА

МОЕТО МИНАТО: Израснав во малото гратче Винтар. Пространата долина каде што живеевме беше опкружена со зелени планини, бистри реки и чист воздух. И покрај тој пријатен амбиент, животот беше тежок. Често се случуваше да ни ја украдат стоката и да ни провалат дома.

Во тинејџерските години почнав да пијам, да пушам и да крадам за да имам пари за моите пороци. Еднаш украдов накит дури и од баба ми. Војската се сомневаше дека сум припадник на група бунтовници наречена Нова народна партија и честопати безмилосно ме тепаше. Затоа, решив навистина да им се придружам на бунтовниците. Пет години живеев во планините заедно со нив. Беше многу тешко. Постојано бевме во движење затоа што мораше да бегаме од војската. Еден ден ми дојде преку глава да се кријам по планините и затоа самиот се пријавив кај гувернерот на провинцијата Илокос Норте. Тој беше фин со мене, а ми помогна да најдам и пристојна работа. Но, сѐ уште им робував на лошите навики, провалував во куќите и им се заканував на луѓето.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Една колешка по име Лоида беше Јеховин сведок. Таа ме запозна со Ховенсио, со кого почнав да ја проучувам Библијата. Но, ми беше многу тешко да се менувам. Сѐ уште пушев, освен додека Ховенсио беше кај мене за да проучуваме, и сѐ уште бев вплеткан во нелегални активности. На крајот, полицијата ме фати и одлежав 11 месеци во затвор. Сето тоа време му се молев на Јехова, преколнувајќи го да ми помогне. Го молев да ми прости и да ми даде свет дух за да ме води и да ме зајакне.

По некое време, во затворот ме посети еден Јеховин сведок, кој ми донесе Библија. Ја читав и сфатив дека Бог е милостив, дека нѐ сака и дека ни ги простува гревовите. Ми беше јасно дека Јехова беше милостив и кон мене и дека ми даде можност да го запознаам. Го замолив да ми влее сила да ги победам лошите навики. Многу ме погодија зборовите од Изреки 27:11. Се чувствував како тие зборови Јехова да ми ги упатува лично мене. Таму пишува: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“.

Откако излегов од затвор, повторно почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, да одам на нивните состаноци и да живеам според библиските мерила. По некое време, со Јеховина помош успеав да ги оставам лошите навики. Му ветив на Јехова Бог дека ќе му служам.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: И покрај тешкото минато, сега сум среќен. Иако порано им робував на лошите навики, толку се променив што сега сум сосема друг човек (Колошаните 3:9, 10). Чест ми е што му припаѓам на Јеховиниот чист народ и што им помагам и на други да го запознаат нашиот семоќен Бог, Јехова.

„Сакав да го претставувам Бразил“ — ЖУЛИАНА АПАРЕСИДА САНТАНА ЕСКУДЕИРО

ВОЗРАСТ: 31

ЗЕМЈА: БРАЗИЛ

НЕКОГАШ: ШАМПИОН ВО БОРЕЧКИ ВЕШТИНИ

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Лондрина. Иако таму живееја претежно сиромашни луѓе, тој крај беше чист и мирен. Кога имав десет години, мојот постар брат ме убеди и јас да почнам да тренирам една боречка вештина наречена те-квон-до, што буквално значи „техника со раце и нозе“. Татко ми не се согласуваше со тоа, ама по некое време крена раце од обидите да ме разубеди.

Напорно тренирав и бев прва на многу те-квон-до натпревари во државата Парана. Подоцна го освоив првото место и на неколку државни првенства, а во 1993 год. станав шампион на Бразил. Имав желба да учествувам на меѓународни натпревари. Но, моето семејство беше сиромашно за да ми ги обезбеди средствата што беа потребни за да патувам во странство.

Се надевав дека оваа боречка вештина ќе биде вклучена како спортска дисциплина на Олимписките игри, и на крајот навистина излезе така. Сакав да го претставувам Бразил на Олимпијадата, па затоа многу тренирав, а благодарение на моите спонзори можев да учествувам на различни натпревари во Франција, Виетнам, Јужна Кореја и Јапонија, како и на Јужноамериканските игри. Голема желба имав да учествувам и на Панамериканските игри. Веќе на претходните натпревари постигнав врвни резултати и затоа бев избрана да бидам една од тројцата натпреварувачи кои ќе учестуваат на тој настан во Санто Доминго (Доминиканската Република) во 2003 год.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во 2001 год., јас и мојот дечко се запознавме со Јеховините сведоци и почнавме да ја проучуваме Библијата со нив. Отпрвин не бев многу заинтересирана. Секогаш се чувствував премногу уморна за да се концентрирам и често задремував додека проучувавме. Сепак, она што го учев ме допре до срце и тоа стана очигледно на следниот важен натпревар.

Со оглед на тоа што бев избрана да бидам дел од тимот што ќе учествува на Панамериканските игри, те-квон-до учителите ми овозможија да учествувам на еден подготвителен турнир. Кога дојдов на ред, застанав на душекот како здрвена — немав никаква желба да се борам. Одеднаш, ми стана кристално јасно дека еден вистински христијанин не треба да се тепа со другите — дури ни во спортот! Се сетив на библиската заповед да го ‚сакам својот ближен како себеси‘ (Матеј 19:19). Се свртев и ја напуштив салата без трошка двоумење. На публиката просто не ѝ се веруваше.

Кога стигнав дома, седнав да размислам што ќе правам со животот. Почнав да читам една брошура издадена од Јеховините сведоци, во која се зборуваше за тоа што бара Бог од нас. На едно место беа цитирани зборовите од Псалм 11:5, каде што за Јехова се вели: „Душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството“. Овие зборови од псалмистот потполно ме вратија во реалноста, и поради тоа одлучив да се откажам од овој спорт.

На моите тренери не им се допаѓаше мојата одлука. Се обидоа да ме премислат велејќи ми дека сум најдобра во земјата и дека имам големи шанси да се натпреварувам на Олимписките игри. Но, веќе имав донесено цврста одлука.

Тогаш јас и мојот дечко веќе бевме венчани. Тој проповедаше заедно со останатите Сведоци. Кога ќе си дојдеше дома, беше многу радосен и ми раскажуваше какви разговори водел со луѓето. Бев свесна дека, ако сакам и јас да им проповедам на другите, ќе мора да сменам некои работи во животот. Ја напуштив мојата претходна религија и конечно дојде денот кога се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Јас и мојот сопруг сме многу среќни и блиски затоа што и двајцата се трудиме да ги применуваме библиските начела во бракот. Радосна сум што можам да го поддржувам додека се грижи за собранието во кое служиме. Можев да му се посветам на спортот, да освојам златен медал на Олимписките игри и да станам славна. Но, уверена сум дека ништо од она што го нуди овој неправеден свет не може да се спореди со честа да му служам на Јехова Бог.

„Татко ми никогаш не се откажа од мене“ — ИНГО ЦИМЕРМАН

ВОЗРАСТ: 44

ЗЕМЈА: ГЕРМАНИЈА

НЕКОГАШ: ЧЛЕН НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО ДИСКОТЕКА

МОЕТО МИНАТО: Роден сум во рударското гратче Гелзенкирхен. Татко ми беше Јеховин сведок, но мајка ми не дозволуваше тој да нѐ воспитува мене, брат ми и нашите две сестри според неговите верски убедувања. Работеше како возач на камион по десет часа дневно, а некогаш и повеќе. Честопати почнуваше со работа во два или три часот наутро. Сепак, правеше сѐ што можеше за да нѐ поучува за Бог. Но, мене не ми значеше тоа што го правеше.

Кога наполнив 15 години, ми станаа здодевни христијанските состаноци на кои ме носеше татко ми и престанав да ги посетувам. По една година се зачленив во еден боксерски клуб. Следните две години му задавав на татко ми големи грижи поради она што го правев. На 18 години си заминав од дома.

Многу сакав да спортувам и вежбав и по шест пати седмично — прво бокс, а потоа дигав тегови. За викендите, со другарите често одевме во дискотеки. Еднаш се степав со еден од гостите што изгледаше доста опасно, но јас лесно го средив. Тоа го забележа газдата на дискотеката и веднаш ми понуди да работам како член на обезбедувањето. Платата беше добра, па ја прифатив работата.

Секој викенд стоев на влезот од дискотеката и одлучував кој ќе влезе, а кој не. Обично се собираа и по 1.000 луѓе, па затоа имав многу работа. Редовно имаше по некоја тепачка. Ми се закануваа со пиштоли и со скршени шишиња. Некои од оние на кои немаше да им дозволам да влезат или ќе ги исфрлев од дискотеката, ме чекаа надвор за да ми вратат. Имав 20 години и си мислев дека никој не ми може ништо. Но, вистината беше дека ни самиот не можев да се контролирам — бев агресивен, горд, амбициозен и тврдоглав.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Татко ми никогаш не се откажа од мене. Секогаш ми ги испраќаше списанијата Стражарска кула и Разбудете се! a Но, тие непрочитани се редеа на купче во мојата соба. Еден ден зедов да прелистам некои од нив. Откако прочитав неколку статии во кои се зборуваше за крајот на сегашниов политички, економски и религиозен систем, едноставно морав да ѝ се јавам на сестра ми. Таа и нејзиниот сопруг беа Јеховини сведоци. Ми предложија да ја проучуваат Библијата со мене, и јас се согласив.

Начелото запишано во Галатите 6:7 ме поттикна да сменам нешто кај себе. Од искуство знаев дека што и да направам, речам или одлучам денес, ќе ми се одрази во животот утре. Многу ме охрабри и поканата од Исаија 1:18, каде што пишува: „,Дојдете да расчистиме и јас ќе ви помогнам да се помирите со мене‘, вели Јехова. ‚Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег‘“. Овој стих ми помогна да не се чувствувам безвредно откако почнав да ја проучувам Библијата ниту да мислам дека сум изгубен случај.

Во рок од шест месеци направив големи промени во животот, иако тоа воопшто не беше лесно. Морав да се тргнам од расипаната средина и од лошото друштво што го имав. Затоа, почнав на сите познати да им кажувам дека ја проучувам Библијата и да им пренесувам што учам од неа. Тие ме избегнуваа и ме нарекуваа „свештеник“. Сестра ми се погрижи да најдам друга работа.

Почнав да одам и на состаноци во Салата на Царството каде што одеа сестра ми и зет ми, иако беше оддалечена 30 километри. Имаше Сала и поблизу, но не бев спремен да се сретнам со луѓето што ме познаваа од дете. Освен тоа, се плашев да проповедам од куќа до куќа во близина на местото каде што живеев. Што ако на вратата се појавеше некој што сум го исфрлил од дискотеката или сум му давал дрога? Но, додека тренирав, научив нешто многу важно — секогаш се најтешки оние вежби што ти се најпотребни. Затоа, штом ги исполнив условите, почнав да проповедам колку што можам повеќе.

Имаше уште една работа што ми паѓаше многу тешко — не уживав да читам или да проучувам. Но, знаев дека, ако сакам да изградам цврста вера, ќе мора да бидам дисциплиниран и длабоко да ја проучувам Библијата. Открив дека, исто како при дигањето тегови, мора да вложиш труд ако сакаш да станеш цврст.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Среќен сум што останав жив! Сѐ уште морам да се напрегам за да ги контролирам моите слабости. Но, сега имам среќен семеен живот со мојата сопруга, која е прекрасна христијанска личност. А меѓу Јеховините сведоци најдов вистински пријатели во кои можам да имам потполна доверба. Татко ми почина пред пет години, но сепак дочека да види како син му се враќа на правиот пат.

[Фуснота]

a Издадени од Јеховините сведоци.