Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова е нашиот Севишен Господар!

Јехова е нашиот Севишен Господар!

Јехова е нашиот Севишен Господар!

„Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (ПС. 73:28)

1. Што веројатно имал на ум Павле кога ги кажал зборовите од 1. Коринќаните 7:31?

 „СЕ МЕНУВА сцената на овој свет“, напишал апостол Павле (1. Кор. 7:31, фус.). Очигледно, тој го споредил светот со бина на која се изведува театарска претстава. Во претставата, актерите играат добри и лоши ликови додека сцените се менуваат една по друга.

2, 3. а) Со што може да се спореди нападот врз Јеховиното право да владее? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Денес на светската сцена се одвива „драма“ од огромна важност — а во неа учествуваш и ти! Пред сѐ, таа е поврзана со потврдувањето на Јеховиното право да биде Севишен Владетел. Дејството во оваа драма може да се спореди со следнава ситуација која би можела да се појави во некоја земја. Во неа, од една страна, постои законска влада која одржува ред и мир. Но, од друга страна, постои и криминална организација која се служи со измами, насилство и убиства за да ги држи луѓето под своја контрола. Таа незаконска организација ја оспорува власта на законскиот владетел и ја става на испит лојалноста на секој граѓанин.

3 Всушност, една таква ситуација навистина постои — но не се работи за оспорување на власта во некоја држава, туку на законската власт на ‚Севишниот Господар Јехова‘ (Пс. 71:5). Врз луѓето влијае една криминална организација која ја предводи „Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Таа ја оспорува власта на Јехова Бог и ја става на испит лојалноста на сите луѓе кон него како Врховен Владетел. Како дошло до оваа ситуација? Зошто Бог ја дозволува? И што може да направи секој од нас во врска со тоа?

Главни одлики на драмата

4. Околу кои две меѓусебно поврзани спорни прашања се врти драмата која се одигрува пред наши очи?

4 Оваа драма од сеопшта важност, која се одигрува пред наши очи, се врти околу две меѓусебно поврзани прашања. Едното е: Дали Јехова има право да биде Севишен Владетел? А другото е: Дали луѓето ќе му останат верни во сѐ? Во Библијата, Јехова честопати е наречен „Севишен Господар“. На пример, со потполна доверба во него, псалмистот рекол: „Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (Пс. 73:28). Зборот „Севишен“ укажува на тоа дека Јехова Бог е најмоќната личност што постои и дека има врховна власт над сѐ. Навистина има добри причини зошто треба да го сметаме за Севишен (Дан. 7:22).

5. Зошто треба да го сметаме Јехова за свој Севишен Владетел?

5 Бидејќи создал сѐ, Јехова Бог е Врховниот Владетел на Земјата и на целата вселена. (Прочитај Откровение 4:11.) Јехова има судска, законодавна и извршна власт над сѐ што постои, и затоа е наш Судија, Законодавец и Цар (Иса. 33:22). Со оглед на тоа што му го должиме нашето постоење и во потполност зависиме од него, треба да го сметаме за свој Севишен Владетел. Ако секогаш имаме на ум дека ‚Јехова го има зацврстено својот престол на небесата‘ и дека „неговата царска власт се протега над сѐ“, ќе бидеме поттикнати да ја поддржиме неговата врховна власт (Пс. 103:19; Дела 4:24).

6. Какви треба да бидеме ако сакаме да го поддржуваме Јехова како Владетел?

6 Ако сакаме да го поддржуваме Јехова како Владетел, мора да му бидеме верни и лојални. Тоа значи дека мора да бидеме морално чисти, справедливи, непорочни и да му служиме со цело срце. Праведниот Јов бил таков човек (Јов 1:1).

Како започнала драмата

7, 8. Како Сатана го оспорил правото на Јехова да биде Севишен Владетел?

7 Пред околу 6.000 години, едно духовно суштество го оспорило правото на Јехова да биде Севишен Владетел. Овој бунтовник сакал самиот да биде почитуван како бог, и таа себична желба влијаела врз неговите зборови и постапки. Тој ги навел првите луѓе, Адам и Ева, да го отфрлат Бог како свој владетел и се обидел да го оцрни Неговото име обвинувајќи го дека ги излажал. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-5.) Со тоа станал Божји голем Непријател, Сатана (Противник), Ѓавол (Клеветник), „змија“ (бидејќи настојува да ги измами Божјите слуги) и „змеј“ (бидејќи сака да ги проголта) (Отк. 12:9).

8 Така Сатана му станал соперник на Бог. Што направил Севишниот Господар Јехова кога се соочил со овој проблем? Дали веднаш ги уништил тројцата бунтовници — Сатана, Адам и Ева? Бог без сомнение можел да го стори тоа, и така ќе покажел дека е најмоќниот во вселената. Освен тоа, на тој начин Јехова ќе докажел дека ја зборувал вистината кога рекол дека оние што ќе го прекршат неговиот закон ќе бидат казнети со смрт. Тогаш, зошто не постапил така?

9. Што довел во прашање Сатана?

9 Со тоа што се послужил со лаги за да ги наведе Адам и Ева да му свртат грб на Јехова, Сатана го довел во прашање Неговото право да бара од луѓето да му бидат послушни. Освен тоа, наведувајќи ги првите луѓе да му бидат непослушни на Бог, Сатана ја довел во прашање и верноста на сите суштества обдарени со разум. Како што се гледа од она што му се случило на Јов — кој му останал верен на Јехова како на свој владетел — Сатана тврдел дека може да ги наведе сите луѓе да му свртат грб на Бог (Јов 2:1-5).

10. Што овозможил Бог со тоа што оставил да помине време пред да го разреши спорот околу тоа кој има право да владее?

10 Наместо веднаш да го уништи Сатана, и со тоа да покаже дека Тој е Севишниот, Јехова му дал време на овој бунтовник да ги докаже своите тврдења. Освен тоа, им дал можност и на луѓето да докажат дека му се лојални нему како на владетел. Што се случило со текот на времето? Сатана основал моќна криминална организација. Но, на крајот Јехова ќе ги уништи и Ѓаволот и неговата организација, и така еднаш засекогаш ќе го разреши спорот околу тоа кој навистина има право да владее. Јехова Бог бил толку сигурен дека, и покрај сѐ, неговата намера ќе се оствари, што го прорекол тоа веднаш по побуната во Еден (1. Мој. 3:15).

11. Каков став зазеле многу луѓе во однос на Јеховиното право да владее?

11 Низ историјата, многу луѓе покажале вера во Јехова и лојално ја поддржувале неговата власт и го светеле неговото име. Меѓу нив се Авел, Енох, Ное, Авраам, Сара, Мојсеј, Рут, Давид, Исус, првите ученици на Исус и милиони денешни верни Божји слуги. Поддржувајќи ја Божјата врховна власт, сите тие докажале дека Сатана е лажливец и имале удел во отстранувањето на срамот кој Ѓаволот го нанел врз Јеховиното име фалејќи се дека може да ги наведе сите луѓе да му свртат грб на Бог (Изр. 27:11).

Крајот е познат

12. Зошто сме сигурни дека Бог нема вечно да го трпи злото?

12 Јехова наскоро ќе покаже дека тој е Севишен Владетел. Знаеме дека нема вечно да го трпи злото, а знаеме и дека живееме во последните денови. Јехова ги уништил злобните за време на глобалниот Потоп. Ги уништил и Содом и Гомор, како и фараонот и неговата војска. Ни Сисара ни асирскиот цар Сенахирим со своите војски не му биле дораснати на Севишниот (1. Мој. 7:1, 23; 19:24, 25; 2. Мој. 14:30, 31; Суд. 4:15, 16; 2. Цар. 19:35, 36). Затоа можеме да бидеме уверени дека Јехова Бог нема вечно да ги трпи непријателите кои го срамотат неговото име и ги малтретираат неговите слуги. Освен тоа, пред наши очи се исполнува знакот на Исусовата присутност и на свршетокот на овој зол поредок (Мат. 24:3).

13. Што мора да правиме за да не бидеме уништени заедно со Јеховините непријатели?

13 За да не бидеме уништени заедно со Јеховините непријатели, мораме лојално да ја поддржуваме неговата власт. Како можеме да го правиме тоа? Така што ќе останеме одделени од злобниот свет со кој владее Сатана и нема да дозволиме да нѐ заплашат луѓето што тој ги користи за да ги оствари своите цели (Иса. 52:11; Јован 17:16; Дела 5:29). Само така ќе покажеме дека ја поддржуваме врховната власт на нашиот небесен Татко, и ќе може да се надеваме дека ќе останеме живи кога Јехова ќе го отстрани срамот од своето име и ќе докаже дека тој е Севишниот Владетел.

14. За што се зборува во различни делови од Библијата?

14 Низ целата Библија се изнесени детали поврзани со клучните прашања од оваа симболична драма. Во првите три поглавја се зборува за создавањето на светот и за тоа како човекот станал грешен, а во последните три поглавја се опишува како човечкиот род повторно ќе го добие она што го изгубил. Во преостанатиот дел од Библијата се изнесени поединости во врска со чекорите што ги презел Севишниот Господар Јехова за да ја исполни својата намера со луѓето, со Земјата и со целата вселена. Во 1. Мојсеева е објаснето како се појавил Сатана и како злото влегло во светот, а во последните поглавја од книгата Откровение се опишува како злото ќе биде отстрането, како Ѓаволот ќе биде уништен и како Божјата волја ќе се врши на Земјата како што се врши на небото. Да, Библијата открива зошто луѓето се грешни и зошто умираат, но објаснува и како гревот и смртта ќе бидат отстранети од Земјата и ќе бидат заменети со бесконечна радост и со вечен живот кој ќе го добијат сите верни слуги на Јехова.

15. Како можеме да уживаме во благословите што ќе следат откако ќе заврши драмата поврзана со тоа кој има право да владее?

15 Наскоро сцената на овој свет потполно ќе се смени. Ќе се спушти завесата која ќе го означи крајот на долговековната драма поврзана со тоа кој има право да владее. Сатана ќе биде отстранет од бината и подоцна ќе биде уништен, а Божјата волја ќе се врши насекаде. Но, за да уживаме во овие и во многуте други благослови што се проречени во Божјата Реч, мора уште сега да го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел. Во однос на спорното прашање, не можеме да седиме на два стола. За да можеме да речеме: „Јехова е на мојата страна“, ние мора да бидеме на неговата страна (Пс. 118:6, 7).

Можеме да му останеме верни на Бог!

16. Зошто сме сигурни дека луѓето можат да му останат верни на Бог?

16 Ние можеме да го поддржиме Јехова како владетел и да му останеме верни, бидејќи апостол Павле напишал: „Не ве снајде друго искушение освен она што е вообичаено за луѓето. Но Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Кор. 10:13). Што може да биде за нас искушението кое го спомнал Павле, и како може Бог да направи излез од него?

17-19. а) На кои искушенија им подлегнале Израелците во пустината? б) Зошто е возможно да му останеме верни на Јехова?

17 Како што се гледа од она што им се случило на Израелците во пустината, „искушение“ се, всушност, ситуациите кои би можеле да нѐ наведат да го прекршиме Божјиот закон. (Прочитај 1. Коринќаните 10:6-10.) Израелците можеле да се спротивстават на искушението, но тие ‚копнееле по зло‘ кога Јехова со чудо им дал толку многу потполошки што можеле да ги јадат цел месец. Иако народот некое време немал месо, Бог им давал доволно мана за да имаат што да јадат. И покрај тоа, кога почнале да ги собираат потполошките, тие подлегнале на искушението така што дозволиле да ги обземе неконтролирана лакомост (4. Мој. 11:19, 20, 31-35).

18 Кратко пред тоа, додека на планината Синај Јехова му го давал Законот на Мојсеј, Израелците станале идолопоклоници со тоа што се клањале на едно златно теле и се препуштиле на телесни задоволства. Бидејќи нивниот видлив водач не бил со нив, немало кој да ги спречи да му подлегнат на искушението (2. Мој. 32:1, 6). Непосредно пред да влезат во Ветената земја, илјадници Израелци биле заведени од Моавките, со кои направиле неморал. Поради тој грев, загинале илјадници Евреи (4. Мој. 25:1, 9). Понекогаш тие подлегнувале на искушението да се жалат и да се бунтуваат. Во една прилика зборувале против Мојсеј, па дури и против самиот Бог! (4. Мој. 21:5). Израелците незадоволно приговарале и откако Бог ги уништил злобните Кореј, Датан, Авирон и оние што застанале на нивна страна, затоа што сметале дека тие бунтовници биле неправедно погубени. Поради тоа, Бог ги удрил со помор од кој загинале 14.700 Израелци (4. Мој. 16:41, 49).

19 Израелците можеле да се спротивстават на сите овие искушенија, но сепак им подлегнале затоа што ја изгубиле верата и го заборавиле Јехова — заборавиле дека тој секогаш со многу љубов се грижел за нив и дека секогаш постапувал праведно. Како што било случај со Израелците, и ние денес се соочуваме со искушенија што се вообичаени за луѓето. Ако со сите сили настојуваме да им се спротивставиме и ако со доверба бараме помош од Бог, ние можеме да му останеме верни. Во тоа може да бидеме сигурни бидејќи „Бог е верен“ и ‚нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме‘. Јехова никогаш нема да нѐ напушти во таа смисла што нема да дозволи да се најдеме во толку тешки ситуации во кои би било невозможно да ја вршиме неговата волја (Пс. 94:14).

20, 21. Како Бог може да ни „направи излез“ кога ќе се најдеме во искушение?

20 Јехова ќе „направи излез“ така што ќе ни даде сила за да му се спротивставиме на искушението. На пример, прогонителите би можеле физички да нѐ малтретираат за да нѐ натераат да се откажеме од својата вера. Поради тоа, би можеле да се најдеме на искушение да ги погазиме своите уверувања за да престанат да нѐ тепаат, да нѐ мачат, па дури и да не нѐ убијат. Но, на темел на ветувањето што под водство на светиот дух Павле го напишал во 1. Коринќаните 10:13, знаеме дека ситуацијата што ни претставува искушение нема да трае засекогаш. Јехова нема да дозволи искушението да биде толку силно што за нас ќе биде невозможно да му останеме верни. Бог може да нѐ зајакне и да ни ја даде духовната сила потребна за да не попуштиме.

21 Јехова ни помага со својот свет дух. Неговиот дух може да нѐ потсети и на библиски мисли кои ни се потребни за да можеме да му се спротивставиме на искушението (Јован 14:26). Тие ќе ни помогнат да не се излажеме и да тргнеме во погрешен правец. На пример, ги сфаќаме спорните прашања за Јеховиното право да владее и за тоа дали луѓето ќе му останат верни на Јехова, и свесни сме дека тие се тесно поврзани. Знаејќи го ова, мнозина успеале со Божја помош да останат верни до смрт. Но, смртта не била ветениот излез за нив — напротив, благодарение на помошта што им ја дал Јехова, тие успеале да истраат до крај и да не подлегнат на искушението. Јехова може да го стори истото и за нас. Тој ни помага дури и преку своите верни ангели „кои се испратени да им служат на оние што ќе наследат спасение“ (Евр. 1:14). Следната статија зборува дека само оние што ќе му бидат верни на Бог и ќе останат непорочни во сѐ можат да се надеваат дека ќе ја имаат извонредната чест засекогаш да му служат како на свој Владетел. И ние можеме да бидеме меѓу нив ако останеме крај Јехова, нашиот Севишен Господар.

Како би одговорил?

• Зошто треба да го сметаме Јехова за Севишен Господар?

• Какви личности треба да бидеме за да му останеме верни на Бог?

• Од каде знаеме дека Јехова наскоро ќе покаже дека тој е Севишниот Владетел?

• Во склад со 1. Коринќаните 10:13, зошто е можно луѓето да му останат верни на Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 24]

Сатана ги навел Адам и Ева да му свртат грб на Јехова

[Слика на страница 26]

Биди решен да го поддржиш Јехова како Севишен Владетел