Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Мило ми е што бев таму“

„Мило ми е што бев таму“

Писмо од Хаити

„Мило ми е што бев таму“

ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ што го погоди Хаити на 12 јануари 2010 год., ми беше тешко дури и да ги гледам вестите на кои се прикажуваа последиците од катастрофата. Тогаш, на 20-ти истиот месец, ми се јави мојата пријателка Кармен и ми предложи да појдеме на Хаити за да учествуваме во акцијата за помош. Со неа се запознав пред неколку години, додека работевме доброволно како медицински сестри за време на изградбата на една Сала на Царството. Оттогаш, помагавме и на други проекти и така станавме блиски пријателки.

Ѝ реков дека можеби нема да бидам доволно физички и емоционално јака да издржам на Хаити. Ме потсети дека претходно добро соработувавме како тим и ми рече дека ќе си помагаме. Охрабрена од нејзините зборови, се јавив во централата на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк) и зборував со лицето што беше одговорно за организирање на акцијата за помош од САД. На списокот на доброволци го запиша и моето име. Ја спомнав Кармен и реков дека ние две би сакале да работиме заедно. Тој не ни гарантираше дека ќе нѐ повикаат или, пак, дека ќе работиме заедно.

Не очекував дека ќе ме викнат. Но, по четири дена, во понеделник на 25 јануари, ми се јавија од Бруклин и ме прашаа дали би можела да отидам на Хаити — ако е можно уште следниот ден! Не ми се веруваше! Реков дека ќе направам сѐ за да отидам што поскоро. Прво се погрижив да добијам слободни денови од работа. Потоа ѝ се јавив на Кармен, но таа ми рече дека не ја викнале затоа што не знае француски. Во исто време чувствував и страв и возбуда. Успеав да купам авионски билет и на 28 јануари заминав од Њујорк во Санто Доминго, во Доминиканската Република, која се граничи со Хаити.

На аеродромот ме пречека еден млад Сведок и ме одвезе до Бетелот во Доминиканската Република. Дента пристигнаа уште две медицински сестри од Соединетите Држави, и таа ноќ нѐ сместија во иста соба. Следното утро отидовме во Бетелот на Хаити, кој се наоѓа во градот Порт-о-Пренс. Патувањето траеше седум и пол часа.

Штом стапнавме на Хаити, насекаде се гледаа последиците од катастрофата. Не можев да си поверувам на очите што ѝ направил на оваа прекрасна земја еден земјотрес кој траел 35 секунди. Доволно тешко ми беше да го гледам ужасот на телевизија, а можете да си замислите како се чувствував кога го гледав сето тоа на лице место. Многу домови, вклучувајќи ја и претседателската палата, беа оштетени, додека други беа претворени во куп урнатини. За миг снема многу куќи во кои луѓето го вложиле сиот свој труд. Како никогаш дотогаш ми се потврди фактот дека во животот воопшто не се најважни материјалните работи.

Кога стигнавме во Бетел, рецепционерката виде како влегуваме и дотрча да нѐ пречека со срдечна прегратка и топла насмевка. Ни се заблагодари што дојдовме и покрај жртвите што требаше да ги направиме. По ручекот, отидовме во Конгресната сала, која беше пренаменета во болница. Таму се запознав и со други Сведоци што дошле да помагаат, вклучувајќи и една брачна двојка лекари од Германија, нивниот помошник и една акушерка од Швајцарија.

Почнав да работам уште истата ноќ. Имаше 18 пациенти, кои лежеа на душеци во Конгресната сала. Некои од нив беа Сведоци, а други не. На секој пациент му беше посветено подеднакво внимание и бесплатна нега од медицинскиот персонал на Јеховините сведоци.

Таа ноќ почина еден 80-годишен пациент. Неговата жена седеше крај него, а тука бевме и јас и мојата цимерка. Потоа, една девојка по име Кетли почна да плаче од болка. Десната рака ѝ беше ампутирана од повредите што ги добила во земјотресот. Крај неа седеше една жена, Јеховин сведок, која ја проучувала Библијата со Кетли. Секоја ноќ таа спиеше крај неа во Конгресната сала.

Отидов кај Кетли со желба да ѝ ја олеснам болката, но беше јасно дека таа не чувствуваше само физичка болка. Ми кажа дека во моментот кога почнал земјотресот била кај некоја пријателка. Отпрвин не сфатиле што се случува. Се фатиле за рака и потрчале накај балконот, но тогаш врз нив се урнал еден ѕид. Почнала да ја вика пријателката, но таа не одговарала. Веднаш сфатила дека била мртва. Со телото делумно ја покривала Кетли сѐ додека четири часа подоцна не дошле спасувачите. Кетли ја изгубила десната рака сѐ до рамото.

Првата ноќ додека помагав таму, секогаш кога Кетли ќе се обидеше да заспие, во мислите ѝ се враќаше она што го доживеа. Плачејќи, таа ми рече: „Знам што пишува во Библијата за последните денови и за земјотресите. Знам дека се надеваме на една среќна иднина. Знам дека треба да сум благодарна што сум жива. Но, макар за момент стави се на мое место. Деновите си течат нормално, и наеднаш, додека да трепнам, сѐ се менува и се наоѓам во ваква положба“. Беспомошно ја прегрнав, и заедно плачевме сѐ додека таа не заспа.

Секој ден беа испраќани еден лекар и две медицински сестри да им помагаат на лицата на кои им требаше медицинска нега. Мене ме пратија во Петит Гов, на околу два часа возење од Порт-о-Пренс. Отидов со уште двајца доброволци — една медицинска сестра од Флорида и еден лекар од Франција. Стигнавме во 9.30 часот, се растоваривме и ги оставивме работите во локалната Сала на Царството. На луѓето им кажале дека доаѓаме, па затоа седеа и нѐ чекаа.

Веднаш се фативме за работа. Беше жешко, а редиците на оние на кои им требаше помош стануваа сѐ подолги. Успеавме да направиме пауза дури околу три часот попладне. Тој ден сите тројца дадовме вкупно 114 вакцини и извршивме 105 прегледи. Бев истоштена, но среќна што можевме да направиме нешто за повредените.

На Хаити помагав повеќе од две седмици. Речиси секоја ноќ работев во Конгресната сала по 12 часа. Тоа беше многу одговорна задача, каква што не сум имала никогаш досега. Сепак, ми беше мило што бев таму. Среќна сум што можев барем малку да ги утешам и да им помогнам на луѓето од Хаити, кои неизмерно страдаа.

Од нив можеме многу да научиме. На пример, на еден пациент за кој се грижев, 15-годишниот Елизе, мораше да му се ампутира едната нога. Забележав дека си го чуваше оброкот за да го подели со Џими, кој навечер доаѓаше да биде крај него. Ми објасни дека понекогаш Џими доаѓал гладен. Постапката на Елизе ме освести за фактот дека не мора да бидеме богати, па дури ни здрави, за да го поделиме со другите она што го имаме.

Таквиот дух беше очигледен и меѓу доброволците со кои работев. Една од нив имаше слабо здравје, а друга страдаше од болки во грбот. Сепак, на сите им беа поважни пациентите отколку личната удобност. Тоа ме охрабри да продолжам. Одвреме-навреме сите се чувствувавме емоционално, умствено и физички истоштени, но си помагавме и се храбревме. Колку незаборавно искуство беше тоа! Се чувствувам благодарна сум што сум дел од една организација која се состои од љубезни, обѕирни и самопожртвувани христијани.

Пред да заминам од Хаити, две пациентки на кои им беа ампутирани десните раце успеаја да ми напишат писма за да ми се заблагодарат, но инсистираа да ги прочитам дури откако ќе се качам на авионот. Така и направив. Тие писма толку ме трогнаа што едноставно не можев да престанам да плачам.

Откако се вратив дома, продолжив да контактирам со некои од новите пријатели што ги стекнав на Хаити. Кога ќе дојдат тешки времиња и кризи, се градат и се зацврстуваат нови пријателства. Сигурна сум дека и во иднина нашите пријателства ќе издржат секакви неволји. Мило ми е што бев таму.