Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како би одговорило твоето дете?

Како би одговорило твоето дете?

Како би одговорило твоето дете?

РОДИТЕЛИ: Во Стражарска кула од 15 јануари 2010, на страници 16-20, беше даден совет да вежбате заедно со своите деца како да постапат во различни ситуации. Во оваа статија се изнесени предлози што ќе ви помогнат да ги подготвите како да се снајдат кога ќе се соочат со притисок на училиште. Би можеле да ги вежбате за време на Семејната вечер посветена на Јехова.

ДЕЦАТА на Јеховините сведоци се изложени на многу притисоци. Соучениците честопати ги прашуваат зошто не прават одредени работи како, на пример, зошто не ја пеат химната, зошто не слават родендени и зошто не учествуваат во празнични активности. Како би одговорило твоето дете ако му постават вакви прашања?

Некои деца едноставно рекле: „Не смеам да го правам тоа. Јас сум Јеховин сведок“. Тие заслужуваат пофалба за својот цврст став. Ако одговорат така, можеби другите ќе престанат да ги прашуваат. Сепак, Библијата нѐ поттикнува ‚секогаш да бидеме спремни за одбрана пред секој што од нас бара да го образложиме‘ нашето верување (1. Пет. 3:15). Ова не значи само да кажеме: „Не смеам да го правам тоа“. Дури и да не се согласуваат со нас, некои можеби ќе сакаат да знаат зошто не правиме нешто.

Многу млади Сведоци користат публикации, како што е книгата Учи од Големиот Учител, за да им раскажат на своите соученици некои случки од Библијата. На таков начин би можеле да им помогнат на другите деца да сфатат зошто Сведоците прават или не прават одредени работи. Некои ученици слушаат со голем интерес и мнозина од нив почнале да ја проучуваат Библијата. Но, други немаат доволно стрпливост за да слушаат до крај. Обично децата на школска возраст не можат да сфатат зошто некои библиски извештаи се важни доколку не ги знаат сите детали поврзани со извесен настан. Кога добила покана за роденден од една своја другарка, 11-годишната Минхи ѝ рекла: „Во Библијата не пишува дека треба да се слават родендени. Јован Крстител, еден човек за кого се зборува во неа, бил убиен на една роденденска прослава“. Но, Минхи вели дека, по сѐ изгледа, нејзината другарка не ја разбрала.

Понекогаш е добро децата да им покажат на соучениците слика во некоја наша книга или да им прочитаат нешто од книгата. Но, што да прават ако во училиштето не е дозволено децата да носат верска литература со себе? Можат ли нашите деца да дадат добро сведоштво и без публикации? Како можеш да им помогнеш да го бранат својот став?

Заедно вежбајте како да постапат

На децата може многу да им помогне тоа што однапред ќе вежбаат како да постапат во разни ситуации, при што родителите би можеле да бидат во улога на соученици. Додека децата вежбаат како да ја бранат својата вера, добро е родителите да ги пофалуваат. Освен тоа, треба да ги подучат како поуверливо да сведочат и да им објаснат зошто тоа е важно. На пример, би можеле да им предложат да користат зборови што децата на нивна возраст лесно ќе ги разберат. Џошуа, кој има девет години, вели дека неговите соученици не знаат што е тоа „совест“ или „лојалност“. Затоа морал да користи поедноставни зборови кога им сведочел (1. Кор. 14:9).

Некои деца поставуваат прашања, но губат интерес ако објаснувањето трае предолго. Сепак, нашите млади би можеле да им го задржат вниманието ако ги вклучат во разговор, трудејќи се да им помогнат да сфатат зошто прават или не прават нешто. Хенуил, која има десет години, вели: „Моите соученици сакаат да разговараат, а не само да слушаат додека јас објаснувам“. За да тече разговорот, добро е детето да поставува прашања, а потоа внимателно да слуша што му кажуваат другите.

Примерите што се наведени во рамката подолу покажуваат како младите христијани би можеле уверливо да разговараат со соучениците. Но, нема потреба тие дијалози да се учат напамет затоа што секое дете е различно и може да даде поинаков одговор во зависност од околностите. Тоа треба да ја сфати суштината на наведените предлози, а потоа да ги каже со свои зборови и на начин што одговара за дадена ситуација. Ако твоите деца се на школска возраст, може да ги одглумите овие дијалози со нив.

Потребно е време и труд за да се поучуваат децата. Христијанските родители сакаат да ги всадат библиските начела во своите деца и да ги поттикнат да живеат според нив (5. Мој. 6:7; 2. Тим. 3:14).

Во текот на следната Семејна вечер, обидете се да ги вежбате со децата дијалозите од рамката. Ќе видите колку тоа ќе им користи. Сепак, не заборавајте дека целта не е да ги научат одговорите напамет. Всушност, би можеле да одглумите една ситуација неколку пати, при што секојпат ќе им дадете поинаков приговор за да видите како ќе се снајдат. Помогнете им да бидат разумни и тактични додека им објаснуваат на другите зошто веруваат во нешто. Со текот на времето, ќе ги научите како успешно да ги бранат своите верувања пред соучениците, но и пред соседите и наставниците.

[Рамка/слика на страници 4 и 5]

РОДЕНДЕНСКИ ЗАБАВИ

Марија: Марко, ќе дојдеш кај мене на забава?

Марко: Правиш забава? А зошто?

Марија: Во петок ми е роденден и викнав неколку другарчиња, па сакам и ти да дојдеш.

Марко: Фала на поканата, но нема да дојдам. Јас не славам родендени.

Марија: Ама убаво ќе биде! Зошто да не дојдеш, тоа е само забава!

Марко: Немам ништо против забави. Но, јас сум Јеховин сведок и сакам да го правам она што го правел Исус, а тој не го славел својот роденден. Затоа и јас не славам роденден и не одам на други родендени.

Марија: Сакаш да кажеш дека е погрешно да се слави роденден и дека и јас не треба да го славам?

Марко: Марија, јас не можам да ти кажам што треба да правиш. Како сакаш ти. Ние дома решивме да не славиме родендени.

Марија: Значи мајка ти и татко ти никогаш не ти даваат подароци?

Марко: Не, ми даваат. Но, тие не го чекаат мојот роденден — ми купуваат подароци кога сакаат. А сакаш ли да знаеш како започнале да се слават родендените?

Марија: Ќе ми кажеш?

Марко: Утре ќе ти раскажам што се случило многу одамна на еден роденден.

ДРЖАВНА ХИМНА

Елена: Сара, зошто ти не ја пееш химната со нас? А видов дека не го црташе ни знамето на часот по ликовно.

Сара: Убаво што праша, Елена. А може ли јас прво нешто да те прашам? Се сеќаваш ли што кажа учителката за знамето и за химната?

Елена: Па, кажа дека тоа се симболи на татковината, а ние треба да си ја сакаме татковината. Ти не ја сакаш?

Сара: Среќна сум што живеам тука, но за мене сите земји се исти и сите луѓе се исти — ниту еден народ не е подобар од другите.

Елена: Јас си ја сакам мојата земја и мојот народ.

Сара: А јас верувам во Бог, кој ги сака сите, без разлика во која земја живеат. Многу луѓе ја пеат химната затоа што се гордеат со својата татковина и мислат дека нивниот народ е најдобар. Но, јас не мислам така. Затоа, иако ја почитувам државата, не ја пеам химната и не го цртам знамето.

Елена: Да не претеруваш малку?

Сара: Не, не мислам само јас така. Во Библијата пишува за едни млади кои постапиле на сличен начин. Кога им било заповедано да се поклонат пред еден државен симбол, тие не послушале иако можеле да бидат казнети со смрт.

Елена: Навистина? Првпат слушам за тоа!

Сара: Ако сакаш, можам да ти кажам нешто повеќе на големиот одмор.

ПОЛИТИКА

Филип: Иван, за кого гласаа твоите на изборите?

Иван: За никого.

Филип: Зошто?

Иван: Тие веќе имаат гласано за најдобрата можна влада.

Филип: Е која е таа влада?

Иван: Тоа е влада што ја води Исус. За нас тој е совршен водач. Сакаш да знаеш зошто?

Филип: Не баш.

Иван: Добро. Ако некогаш сепак сакаш да дознаеш, ќе ми биде мило да ти кажам.

[Слика]

„Зошто не ја пееш химната?“

[Слика на страница 3]

‚Марко, ќе дојдеш кај мене на роденден?‘