Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пејте му на Јехова!

Пејте му на Јехова!

Пејте му на Јехова!

„Со песна ќе го славам мојот Бог сѐ додека постојам!“ (ПС. 146:2)

1. Што го поттикнало младиот Давид да состави некои од своите псалми?

КАКО млад човек, Давид поминал безброј часови на полињата во близина на Витлеем каде што ги чувал стадата на својот татко. Додека се грижел за овците, тој ги набљудувал Јеховините величествени созданија — ѕвезденото небо, „полските животни“ и „птиците небесни“. Она што го гледал толку силно влијаело врз него што бил поттикнат да состави и да му испее прекрасни фалбени песни на Творецот на тие чудесни созданија. Многу од тие песни на Давид се запишани во Псалмите. * (Прочитај Псалм 8:3, 4, 7-9.)

2. а) Како може да влијае музиката врз некого? Наведи пример. б) Што учиме од Псалм 34:7, 8 и Псалм 139:2-8 за односот што Давид го имал со Јехова?

2 Веројатно во тој период од животот, Давид ги усовршил своите музички вештини. Тој станал толку добар музичар што цар Саул го повикал да му свири на харфа (Изр. 22:29). Кога царот го обземало лошо расположение, музиката на Давид го смирувала. Исто такво дејство има и добрата музика денес. Секогаш кога Давид ја земал харфата да свири, ‚Саул осеќал олеснување и му било подобро‘ (1. Сам. 16:23). Песните што ги напишал овој богобојазлив музичар и поет го положиле испитот на времето. Замисли си! Денес, повеќе од 3.000 години откако се родил Давид, милиони луѓе од најразлично потекло и од сите краишта на светот секојдневно црпат утеха и надеж од неговите псалми (2. Лет. 7:6; прочитај Псалм 34:7, 8; 139:2-8; Амос 6:5).

Почесното место на музиката во обожавањето на Бог

3, 4. Како било организирано свирењето и пеењето на свети песни во времето на Давид?

3 Давид имал дарба која ја искористил на најдобриот можен начин — да го слави Јехова. Откако станал цар на Израел, тој се погрижил да има прекрасна музика и во текот на службата во светиот шатор. Повеќе од една десеттина од сите левити — дури 4.000 — имале задача да „го фалат Јехова“, а 288 од нив биле „извежбани и вешти во пеењето песни во чест на Јехова“ (1. Лет. 23:3, 5; 25:7).

4 Самиот Давид составил многу од песните што ги свиреле и пееле левитите. Сите Израелци кои имале чест да бидат присутни кога се пееле песните на Давид сигурно биле длабоко трогнати од нив. Подоцна, кога ковчегот на сојузот бил донесен во Ерусалим, ‚Давид им рекол на поглаварите на синовите на Леви да ги постават своите браќа пејачи со инструменти, со псалтири, со харфи и со чинели, за да свират гласно и да ечи од радосно пеење‘ (1. Лет. 15:16).

5, 6. а) Зошто во времето на Давид ѝ се посветувало толкаво внимание на музиката? б) Од каде знаеме дека музиката имала важно место во обожавањето на Бог во древниот Израел?

5 Зошто се обрнувало толку големо внимание на музиката во времето на Давид? Дали само затоа што царот се интересирал за музика? Не, има една друга причина, која била откриена со векови подоцна кога праведниот цар Езекија повторно ја вовел службата во храмот. Во 2. Летописи 29:25 читаме: „Дотогаш [Езекија] веќе ги беше поставил во Јеховиниот дом левитите со чинели, псалтири и со харфи, како што заповедаа Давид, царскиот јасновидец Гад и пророкот Натан, зашто таа заповед дојде од Јехова преку неговите пророци“.

6 Значи, преку пророците, Јехова им заповедал на своите слуги да го фалат со песна. Пејачите од свештеничкото племе требало да бидат ослободени од должностите на другите левити за да имаат доволно време за компонирање, а најверојатно и за вежбање (1. Лет. 9:33).

7, 8. Што е поважно од дарбата и вештините кога станува збор за пеењето теократски песни?

7 Можеби си велиш: ‚Мене тешко би ме ставиле меѓу тие 288 вешти пејачи кои пееле пред светиот шатор!‘ Меѓутоа, интересно е тоа што ни сите левити кои пееле не биле вешти пејачи. Според 1. Летописи 25:8, меѓу нив имало и ‚ученици‘. Освен тоа, вреди да се забележи дека, иако и во другите израелски племиња сигурно имало вешти музичари и пејачи, Јехова ги задолжил левитите за музиката. Едно е сигурно: Без разлика дали биле ‚вешти пејачи‘ или ‚ученици‘, овие левити давале сѐ од себе за да ја исполнат својата задача.

8 Давид ја сакал музиката и бил вешт музичар. Но, дали на Јехова му е важна само дарбата што некој ја има? Во Псалм 33:3, Давид напишал: „Свирете на жиците најдобро што можете, радосно воскликнувајте!“ Јасно е што сакал да каже: Најважно од сѐ е да го фалиме Јехова ‚најдобро што можеме‘.

Улогата на музиката по времето на Давид

9. Опиши што најверојатно би видел и би чул доколку си присуствувал на свеченоста при посветувањето на храмот во времето на Соломон.

9 За време на владеењето на Соломон, музиката заземала истакнато место во обожавањето на вистинскиот Бог. На пример, на свеченоста при посветувањето на храмот свирел еден голем оркестар. Само во дувачката секција имало 120 труби! (Прочитај 2. Летописи 5:12.) Библијата вели дека ‚трубачите [кои биле свештеници] и пејачите го фалеле Јехова и му благодареле сложно во еден глас... „зашто е добар, зашто неговата милост трае довека“‘. Додека одекнувала оваа радосна мелодија, ‚облак го исполнил домот‘, со што Јехова покажал дека тоа му било угодно. Колку величествени и возвишени чувства ги обзеле оние што го слушале звукот на сите тие труби и на илјадниците пејачи кои пееле во еден глас! (2. Лет. 5:13).

10, 11. Од каде знаеме дека и првите христијани го славеле Бог со песна?

10 Музиката била дел од обожавањето и на првите христијани. Се разбира, тие не се состанувале во светиот шатор ниту во храмот, туку во приватни домови. Поради прогонството и други фактори, условите во кои се собирале честопати не биле идеални. И покрај тоа, овие христијани го славеле Бог со песна.

11 Апостол Павле им го дал следниов совет на христијаните во Колоси: „Опоменувајте се еден со друг со псалми, со фалбени песни за Бог, со пријатни духовни песни“ (Кол. 3:16). Откако тој и Сила биле фрлени в затвор, почнале ‚да се молат и со песна да го фалат Бог‘ иако кај себе немале песнарка (Дела 16:25). Ако ти би бил фрлен в затвор, колку од нашите теократски песни би знаел да ги пееш напамет?

12. Како може да покажеме дека ги цениме нашите теократски песни?

12 Бидејќи музиката има почесно место во нашето обожавање, добро е да се прашаме: ‚Дали покажувам доволно ценење за песните? Дали се трудам да пристигнам навреме на состанок, на собирите или на конгресите за да ја пеам воведната песна заедно со моите браќа и сестри, и дали пеам од срце? Дали им помагам на моите деца да сфатат дека песната меѓу Теократската школа за служба и Состанокот за нашата служба, како и песната меѓу јавното предавање и Проучувањето на Стражарска кула, не е некој вид пауза? Дали сфаќаат дека за време на тие песни не треба без причина да го напуштат своето место, можеби само за да си ги протегнат нозете?‘ Пеењето е дел од нашето обожавање. Според тоа, сеедно дали сме ‚вешти‘ или ‚ученици‘, сите заедно можеме — и треба — да му пееме едногласно на Јехова. (Спореди со 2. Коринќаните 8:12.)

Потребите се менуваат

13, 14. Зошто е важно да пееме од срце на собраниските состаноци? Наведи пример.

13 Пред повеќе од 100 години, во Сионска Стражарска кула беше наведена една причина зошто теократските песни се толку важни. Таму стоеше: „Кога Божјиот народ пее за вистините [од Светото писмо], тогаш тие им се врежуваат подлабоко во умот и во срцето“. Бидејќи многу текстови во нашите песни се темелат на стихови од Библијата, тоа што ќе научиме барем некои од нив е одличен начин вистината да ни продре длабоко во срцето. Честопати, некои што првпат дошле на некој наш состанок биле навистина трогнати кога слушнале како целото собрание од срце ги пее теократските песни.

14 Додека една вечер во 1869 год. се враќал дома од работа, брат Ч. Т. Расел слушнал пеење од една подрумска просторија. Во тој период од животот, брат Расел бил убеден дека никогаш нема да ја дознае вистината за Бог и затоа решил да се посвети на работата. Си мислел дека, ако заработи пари, барем ќе може да ги задоволи физичките потреби на луѓето, иако нема да успее да им помогне да ја дознаат вистината за Бог. Тој влегол во правливата, запустена сала во подрумот и открил дека таму, всушност, се држи богослужба. Седнал и слушал. Подоцна самиот напишал дека она што го чул таа вечер „било доволно, со Божја помош, да ја зацврсти [неговата] разнишана вера во тоа дека Библијата е вдахновена од Бог“. Но, интересно е што во почетокот токму пеењето му го привлекло вниманието за да појде на тој состанок.

15. Зошто беше потребно да се издаде нова песнарка?

15 Со текот на времето, нашето разбирање на Библијата станува сѐ појасно. Во Изреки 4:18 се вели: „Патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени“. Сѐ поголемата светлина неизбежно води до промени во начинот на кој ја ‚пееме вистината‘. Во изминатите 25 години, Јеховините сведоци во многу земји ја користеа песнарката со наслов Пејте му фалби на Јехова. * Откако таа песнарка излезе за првпат, светлината засвети посилно во однос на многу работи, и некои од изразите што се користат во неа веќе се застарени. На пример, веќе не велиме дека Јеховиното име ќе биде „оправдано“, туку „посветено“. Очигледно, имаше потреба овие изрази во песнарката да се усогласат со нашето тековно разбирање на Библијата.

16. Како новата песнарка ќе ни помогне да го послушаме советот на Павле од Ефешаните 5:19?

16 Од оваа и други причини, Водечкото тело го одобри издавањето на новата песнарка со наслов Пејте му на Јехова. Во неа има вкупно 135 песни. Бидејќи бројот на песни во новата песнарка е помал отколку во претходната, можно е да научиме некои од нив напамет. Ова е во склад со советот што го дал Павле во Ефешаните 5:19. (Прочитај.)

Покажи ценење за песните!

17. Што ќе ни помогне да не се плашиме дека ќе се посрамиме кога пееме на состаноците?

17 Дали треба да ни биде незгодно да пееме на христијанските состаноци затоа што ни е страв дека ќе се посрамиме? Размислувај за ова на следниов начин: Зарем не е вистина дека сите ние „честопати грешиме“ во зборови? (Јак. 3:2). Сепак, не дозволуваме нашиот несовршен говор да нѐ спречи да го фалиме Јехова од куќа до куќа. Тогаш, зошто да дозволиме нашето несовршено пеење да нѐ спречи да го фалиме Бог со песна? Јехова, „кој му ја дал устата на човекот“, се радува кога нѐ слуша како му пееме фалби (2. Мој. 4:11).

18. Наведи предлози како би можел да ги научиш текстовите на песните.

18 Многу браќа и сестри ги користат CD-ата со наслов Пејте му на Јехова — пијано изведба за да ги научат новите песни. Уживање е да се слуша музиката од овие CD-а. Ако често ја слушаш дома и притоа го пееш текстот од песнарката, ќе можеш брзо да запамтиш барем некои од песните. Стиховите во многу од нив се направени на таков начин, што кога ќе испееш еден стих, можеш дури да погодиш што следува. Ако често ги вежбаш песните, без сомнение ќе можеш да ги пееш со поголема сигурност и во Салата на Царството.

19. Што сѐ е вклучено во подготвувањето на оркестарските изведби на теократските песни?

19 Лесно е да ги земеме здраво за готово музичките снимки што ги слушаме на нашите посебни и покраински собири, како и на обласните конгреси. Сепак, добро е да знаеме дека е вложен голем труд за тие да се снимат. Откако е избрана музиката, мора внимателно да се состават оркестарски аранжмани за 64-те членови на оркестарот што се собира во студиото во Патерсон (Њујорк) за снимање. Пред конечната изведба, членовите на оркестарот со часови го разгледуваат материјалот и заедно вежбаат. Десет од овие браќа и сестри не се од САД. За сите нив е голема чест што можат да ја свират таа прекрасна музика за нашите теократски собири. Можеме да покажеме ценење за трудот што со љубов го вложуваат. Кога претседавачот на собирот или конгресот ќе нѐ замоли да седнеме, добро е веднаш да го сториме тоа и мирно да ја слушаме музиката што е подготвена со голема љубов.

20. Што си решен да правиш?

20 Јехова ги слуша со внимание нашите песни на фалба. Тие многу му значат. Ќе го радуваме ако со цело срце му пееме кога се состануваме за да го славиме. Сеедно дали сме вешти или ученици, да ‚му пееме на Јехова‘! (Пс. 104:33).

[Фусноти]

^ пас. 1 Интересно е што, 10 века по смртта на Давид, една небесна војска од ангели им го објавила раѓањето на Месијата на овчарите кои ги чувале своите стада на полињата во близина на Витлеем (Лука 2:4, 8, 13, 14).

^ пас. 15 Целата збирка од 225 песни беше достапна на 100 јазици.

Што мислиш?

• Кои примери од библиски времиња покажуваат дека музиката има важна улога во нашето обожавање на Бог?

• Каква врска гледаш меѓу послушноста на Исусовата заповед запишана во Матеј 22:37 и сесрдното пеење на теократските песни?

• На кои начини можеме да покажеме ценење за теократските песни?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Дали водиш сметка твоите деца да не го напуштаат без причина своето место за време на песната?

[Слика на страница 24]

Дали ги учиш текстовите на новите песни дома?