Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во 1. Мојсеева 6:3 пишува: „Мојот дух нема да го трпи човекот во недоглед, зашто човекот е само тело. Затоа неговите денови нека бидат уште сто и дваесет години!“ Дали ова значи дека Јехова го ограничил животниот век на луѓето на 120 години? Дали можеби значи дека Ное проповедал за доаѓањето на Потопот 120 години?

Одговорот и на двете прашања е „не“.

Пред Потопот, многу луѓе живееле со векови. Ное имал 600 години кога дошол Потопот, а умрел на 950 (1. Мој. 7:6; 9:29). И некои што се родиле по Потопот живееле многу подолго од 120 години. На пример, Арфаксад умрел на 438, а Сала на 433 години (1. Мој. 11:10-15). Сепак, до времето на Мојсеј, просечниот животен век опаднал на 70 до 80 години (Пс. 90:10). Според тоа, со изјавата од 1. Мојсеева 6:3, Јехова не сакал да каже дека луѓето ќе живеат најмногу 120 години ниту, пак, дека тоа ќе биде нивниот просечен животен век.

Тогаш, дали со зборовите од овој стих Бог можеби му кажал на Ное дека за 120 години ќе има уништување и му заповедал да ги предупредува другите? Не. Точно е дека во неколку прилики Бог зборувал со Ное. Подолу во извештајот го читаме следново: „Бог му рече на Ное: ‚Гледам дека дојде време да им ставам крај на сите суштества, зашто ја наполнија земјата со насилство‘“. Во годините што следеле, Ное ја завршил огромната задача што му ја дал Бог. Откако ја изградил арката, ‚Јехова му рекол на Ное: „Влези во арката, ти и целото твое семејство“‘ (1. Мој. 6:13; 7:1). И на други места читаме дека Јехова му кажал некои работи на Ное (1. Мој. 8:15; 9:1, 8, 17).

Но, во 1. Мојсеева 6:3 читаме нешто друго. Таму не е спомнат Ное ниту, пак, се вели дека Бог му се обратил нему. По сѐ изгледа, со тие зборови Јехова само кажал што наумил, односно што решил да направи. (Спореди со 1. Мојсеева 8:21.) Интересно е да се забележи дека во историските записи за настаните што се случувале долго пред да биде создаден Адам, често се среќаваат изрази како: „Потоа Бог рече...“ (1. Мој. 1:6, 9, 14, 20, 24). Очигледно, во тие случаи Јехова не му се обраќал на некој човек бидејќи тогаш на Земјата сѐ уште немало луѓе.

Според тоа, логично е да заклучиме дека со она што го кажал во 1. Мојсеева 6:3, Бог само ја изразил својата решеност да му стави крај на расипаниот свет на Земјата. Јехова пресудил тој крај да дојде за 120 години, иако Ное сѐ уште не бил свесен за тоа. Но, зошто Бог си дал временски рок? Зошто воопшто чекал?

Апостол Петар навел некои причини, кога рекол: „Бог стрпливо чекаше во Ноевите денови додека се градеше арката во која само неколкумина, односно осум души, се спасија, поминувајќи преку водата“ (1. Пет. 3:20). Значи, кога Бог го одредил рокот од 120 години, сѐ уште требало да се случат некои работи. Дваесетина години подоцна, на Ное и на жена му им се родиле деца (1. Мој. 5:32; 7:6). Нивните три сина пораснале и се ожениле, и семејството се зголемило на „осум души“. Потоа морале да ја изградат арката — задача што не можеле брзо да ја завршат затоа што арката била огромна, а нивното семејство било мало. Значи, со тоа што Бог бил стрплив во тие 120 години, можело да се случи сето ова и така да се зачува човечкиот род и животинскиот свет. Всушност, на крајот, осум верни луѓе ‚се спасиле, поминувајќи преку водата‘.

Библијата не кажува во која година Бог го известил Ное дека ќе го уништи светот со Потоп. Откако неговите синови пораснале и се ожениле, веројатно останале уште 40-50 години до Потопот. Тогаш Јехова му рекол на Ное: „Дојде време да им ставам крај на сите суштества“. А потоа му заповедал да изгради огромна арка и да влезе во неа со своето семејство (1. Мој. 6:13-18). Со начинот на кој живеел, Ное им дал одличен пример за праведност на своите современици. Но, во децениите пред потопот служел и како ‚проповедник на праведноста‘, кој објавувал многу јасно предупредување — дека Бог одлучил да ги уништи безбожните луѓе во тоа време. Ное не знаел долго време однапред во која година ќе се случи тоа, но знаел дека крајот сигурно ќе дојде. А ти знаеш дека навистина дошол (2. Пет. 2:5).