Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Решенија за вообичаените проблеми

Решенија за вообичаените проблеми

Решенија за вообичаените проблеми

БИБЛИЈАТА не вели дека е лесно да се биде во брак. Апостол Павле, воден од светиот дух, напишал дека брачните двојки ќе имаат „телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Но, една брачна двојка може да направи многу за да си ги олесни неволјите и да ја зголеми радоста што сопружниците си ја носат еден на друг. Да ги разгледаме следниве шест вообичаени проблеми што ги имаат сопрузите и сопругите, и да видиме како библиските начела можат да им помогнат да ги решат.

1

ПРОБЛЕМ:

„Повеќе не сме толку блиски.“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

‚Проценете што е најважно‘ (ФИЛИПЈАНИТЕ 1:10).

Бракот е една од најважните работи во вашиот живот и заслужува посебно внимание. Затоа, проверете дали вашиот ритам на живот придонесува за овој проблем. Не дозволувајте секојдневните обврски да ве натераат секој од вас да си живее свој живот. Се разбира, поради работата и некои неизбежни ситуации, можеби понекогаш ќе настапат периоди кога нема да можете да си посветите повеќе време еден на друг. Но, вие можете и треба да ставите граница на сѐ врз што имате контрола — како времето што го посветувате на некое хоби или на дружење со пријателите.

Меѓутоа, некои работат прекувремено или се занимаваат со своето хоби само за да не бидат заедно со сопружникот. Тие луѓе не бегаат од брачниот другар туку од проблемите. Ако тебе или на твојот брачен другар ви се случува тоа, треба да го откриете коренот на овој проблем и да најдете решение за него. Само ако одвојувате доволно време да бидете заедно, ќе останете блиски и ќе бидете „едно тело“ во вистинска смисла на зборот (1. Мојсеева 2:24).

Како некои го примениле овој совет: Андреј * и Танџи од Австралија се во брак 10 години. Андреј вели: „Сфатив дека за бракот може да е погубно да работиш премногу и да претеруваш со рекреацијата и со дружењето со пријателите. Затоа, јас и жена ми планираме време да разговараме и да си ги споделиме чувствата“.

Дејв и Џејн од Соединетите Држави се во брак 22 години. Секоја вечер, првиот половина час си раскажуваат каде биле, што правеле и што им се случило. Џејн вели: „Толку ни се важни тие моменти што не дозволуваме да ги пропуштиме по никоја цена.“

2

ПРОБЛЕМ:

„Повеќе не го добивам она што го очекував од бракот.“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 10:24).

Оној што првенствено мисли на тоа што ќе добие од бракот, никогаш нема да биде вистински среќен, дури и ако повеќепати стапи во брак. Сопружниците ќе бидат среќни само ако секој од нив повеќе мисли на тоа што ќе даде отколку што ќе добие. Исус кажал зошто е тоа така: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

Како некои го примениле овој совет: Марија и Мартин од Мексико се во брак 39 години. Но, не им одело секогаш како подмачкано. Особено се сеќаваат на еден период кога дошло до голема криза во нивниот брак. „Среде една жолчна расправија“, раскажува Марија, „му реков нешто на Мартин без ронка почит. Тој многу се налути. Се обидов да му објаснам дека не го мислев навистина тоа што го кажав, туку дека само бев изнервирана. Ама тој не сакаше да ме сослуша.“ Мартин вели: „Додека се каравме, ми дојде мисла дека повеќе не можеме да живееме заедно и дека едноставно треба да престанам да се трудам околу нашиот брак.“

На Мартин му требала почит. Марија сакала тој да ја разбере. Никој од нив не го добил она што го сакал.

Како го решиле проблемот? „Ми требаше малку време да се смирам“, вели Мартин. „Потоа, одлучивме да го примениме мудриот библиски совет да покажуваме почит и да бидеме љубезни. Низ годините научивме дека, сеедно колку пати ќе доаѓа до проблеми, можеме да ги решиме ако го молиме Бог да ни помогне и ако ги применуваме советите од Библијата“ (Исаија 48:17, 18; Ефешаните 4:31, 32).

3

ПРОБЛЕМ:

„Мојот сопружник не си ги исполнува обврските.“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (РИМЈАНИТЕ 14:12).

Секако дека бракот нема да биде многу успешен ако само едниот сопружник вложува труд. Но, ситуацијата ќе биде уште полоша ако и двата сопружника не вложуваат ништо и се обвинуваат еден со друг.

Ако постојано мислиш само на тоа што треба да прави другиот, нема да бидеш среќен. Особено несреќен ќе бидеш ако пропустите на твојот брачен другар ги користиш како изговор да ги избегнеш своите одговорности. Од друга страна, пак, ако се трудиш да бидеш добар сопруг или добра сопруга, твојот брак ќе биде поуспешен (1. Петрово 3:1-3). Што е уште поважно, така ќе му покажеш на Бог дека го цениш бракот. Освен тоа, ќе го радуваш со твоите постапки (1. Петрово 2:19).

Како некои го примениле овој совет: Ким од Кореја е во брак 38 години. Таа вели: „Кога ќе го изнервирам со нешто маж ми, престанува да ми зборува, а јас не сфаќам зошто. Тогаш имам чувство дека не ме сака. На моменти си помислувам: ‚Зошто очекува да го разберам кога тој воопшто не се труди да ме разбере мене?‘“

Ким би можела да мисли само на неправдата во таа ситуација и на она што не го прави маж ѝ. Сепак, Ким постапува поинаку. „Наместо да се лутам“, вели таа, „сфатив дека е најдобро јас да го направам првиот чекор за да се средат работите. На крајот, нервозата ни поминува и можеме смирено да разговараме за проблемот“ (Јаков 3:18).

4

ПРОБЛЕМ:

„Жена ми не е подложна.“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Глава на секој маж е Христос“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 11:3).

Сопругот што има чувство дека жена му не е подложна, најнапред треба да размисли дали тој самиот е спремен да му се подложи на својот Поглавар, Исус Христос. Таквата подложност може да ја покаже ако го следи примерот на Исус.

Апостол Павле напишал: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Ефешаните 5:25). Исус не ‚господарел‘ над учениците (Марко 10:42-44). Тој им давал јасни упатства и ги исправал кога било потребно. Но, никогаш не бил груб. Бил љубезен со нив и ги земал предвид нивните ограничувања (Матеј 11:29, 30; Марко 6:30, 31; 14:37, 38). Секогаш го ставал нивното добро пред своето (Матеј 20:25-28).

Сопругот треба да се запраша: ‚Дали врз моето гледиште за поглаварството и за жените повеќе влијаат локалните обичаи или, пак, советите и примерите од Библијата?‘ На пример, што би мислел за една жена што не се согласува со гледиштето на својот сопруг и одлучно, но со почит, го кажува своето мислење? Библијата ја опишува Сара, жена му на Авраам, како пример за подложна жена (1. Петрово 3:1, 6). Меѓутоа, таа отворено кажувала што мисли кога тоа било потребно, како во случајот кога Авраам не ги увидел опасностите што му се заканувале на семејството (1. Мојсеева 16:5; 21:9-12).

Очигледно, Авраам не бил тиранин пред кој Сара морала да молчи од страв. Слично на тоа, еден сопруг што ги следи библиските совети нема сосила да ја тера својата жена да му се подложува на секој негов каприц. Тој ќе ја стекне почитта на својата жена само ако сочувствително го спроведува своето поглаварство.

Како некои го примениле овој совет: Џејмс, кој живее во Англија и 8 години е во брак, вели: „Учам да не донесувам важни одлуки без да разговарам со жена ми. Се трудам да не мислам само на себе. Наместо тоа, нејзините потреби ги ставам пред своите“.

Џорџ живее во Соединетите Држави и во брак е 59 години. Тој вели: „Се трудам да постапувам со жена ми како со некој што ми е рамен, а не како со некој што е подолу од мене“ (Изреки 31:10).

5

ПРОБЛЕМ:

„Маж ми не презема иницијатива.“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Вистински мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја руши со свои раце“ (ИЗРЕКИ 14:1).

Ако твојот сопруг не е решителен кога донесува одлуки или кога треба да преземе водство во семејството, можеш да реагираш најмалку на три начина. 1) Би можела постојано да ги посочуваш неговите пропусти, 2) би можела да ја преземеш неговата улога на глава во семејството, или 3) би можела искрено да го пофалуваш за сѐ што прави. Ако избереш една од првите две опции, ќе си ја рушиш куќата со сопствените раце. Ако ја избереш третата опција, тогаш ќе го градиш, односно ќе го зајакнуваш својот брак.

На многу мажи почитта им значи дури и повеќе од љубовта. Затоа, ако твојот сопруг чувствува дека го почитуваш — дека во твои очи неговите напори да предводи во семејството се успешни и ценети — веројатно подобро ќе ја извршува својата улога. Се разбира, можеби понекогаш нема да се согласуваш со него во врска со некоја работа. Тогаш двајцата треба да разговарате за тоа (Изреки 18:13). Но, со твоите зборови и со твојот тон на гласот или ќе го рушиш или ќе го градиш својот брак (Изреки 21:9; 27:15). Ако зборуваш со почит, поголеми се шансите да го постигнеш она што го сакаш — сопруг што не се колеба да преземе водство.

Како некои го примениле овој совет: Мишел живее во Соединетите Држави и во брак е 30 години. Таа вели: „Бидејќи мајка ми нѐ одгледа мене и моите сестри без сопруг крај себе, беше многу силна, независна жена. Јас сум склона да бидам како неа. Затоа, постојано морам да се трудам да покажувам подложност. На пример, научив да се советувам со маж ми наместо сама да донесувам одлуки“.

Рејчел живее во Австралија и 21 година е во брак со Марк. И врз неа влијаела средината во која растела. „Мајка ми никогаш не му беше подложна на татко ми“, раскажува таа. „Постојано се расправаа и се навредуваа. Во првите години од бракот бев иста како мајка ми. Но, со текот на времето научив колку е вредно да се применуваат библиските совети да се покажува почит. Сега Марк и јас имаме многу посреќен брак.“

6

ПРОБЛЕМ:

„Не можам повеќе да ги трпам навиките на мојот сопружник.“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО:

„Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (КОЛОШАНИТЕ 3:13).

Кога почнавте да се запознавате, сигурно толку ги ставаше во преден план убавите особини на твојот иден сопружник што едвај ги забележуваше неговите маани. Можеш ли и сега да го правиш истото? Без сомнение имаш оправдани причини да се пожалиш на твојот брачен другар. Меѓутоа, прашај се: ‚Кои особини на мојот сопружник ќе ги ставам во преден план — добрите или лошите?‘

Исус кажал една убава споредба од која се гледа дека треба да преминуваме преку недостатоците на другите. „Зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?“, прашал тој (Матеј 7:3). Раската би можела да биде некое мало парченце од тревка. Но, гредата е доста големо парче дрво што се користи за го држи покривот на куќата. Што сакал да каже Исус? „Извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Матеј 7:5).

Пред да ја каже оваа споредба, Исус дал едно сериозно предупредување. Тој рекол: „Не судете, за да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“ (Матеј 7:1, 2). Ако сакаш Бог да премине преку твоите маани — гредата во твоето око — за твое добро е и ти да преминеш преку мааните на твојот брачен другар (Матеј 6:14, 15).

Како некои го примениле овој совет: Џени од Англија е во брак 9 години. Таа вели: „Сфатив дека Сајмон најчесто ме нервира затоа што нема навика да планира однапред и сѐ остава за последен момент. Тоа е иронично, бидејќи кога се запознававме, многу ми се допаѓаше баш тоа што беше спонтан. Меѓутоа, сега сфаќам дека и јас си имам маани. На пример, премногу сакам да ги држам работите под контрола. Сајмон и јас учиме да не обрнуваме внимание на ситните недостатоци што ги има секој од нас.“

Курт е во брак со Мишел, која ја спомнавме претходно. Тој вели: „Ако мислиш само на особините што те нервираат кај сопружникот, тие ќе ти изгледаат сѐ поголеми. Јас најмногу сакам да мислам на особините заради кои се вљубив во Мишел.“

Тајната на успехот

Овие неколку примери покажуваат дека е неизбежно да има проблеми во бракот, но не значи дека тие не можат да се решат. Која е тајната на успехот? Стекнете љубов кон Бог и бидете спремни да ги примените советите од неговата Реч, Библијата.

Алекс и Ајтохан од Нигерија, кои се во брак повеќе од 20 години, ја научиле таа тајна. Алекс вели: „Открив дека речиси секој брачен проблем може да се реши ако мажот и жената ги применуваат библиските начела“. Жена му вели: „Сфативме колку е важно редовно да се молиме заедно и да ги применуваме библиските совети искрено да се сакаме и да бидеме стрпливи. Сега имаме помалку проблеми отколку кога се земавме“.

Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за тоа како практичните совети од Божјата Реч можат да му користат на твоето семејство? Замоли ги Јеховините сведоци да поразговарате на темел на 14. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата? *

[Фусноти]

^ пас. 10 Некои имиња се сменети.

^ пас. 63 Издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 4]

Дали си одвојуваме време да бидеме заедно?

[Слика на страница 5]

Дали се трудам повеќе да давам отколку да земам?

[Слика на страница 6]

Дали го правам првиот чекор да се смириме?

[Слика на страница 7]

Дали ја прашувам жена ми за мислење пред да донесам одлука?

[Слика на страница 9]

Дали мислам на убавите особини на мојот сопружник?