Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е Божјето Царство?

Што е Божјето Царство?

Што е Божјето Царство?

„Оваа добра вест за царството...“ (МАТЕЈ 24:14)

ВО СВОЈАТА прочуена Проповед на гората, Исус кажал една молитва позната како Оченаш, во која го молел Бог: „Да дојде царството твое“. Милиони луѓе ја научиле напамет оваа молитва и често ја повторуваат. Како што пишува во една енциклопедија, таа е „главната молитва на сите христијани“. Сепак, мнозина не знаат што е Царството и што ќе направи тоа кога ќе дојде (Матеј 6:9, 10).

Ова не нѐ изненадува. Водачите на христијанскиот свет даваат контрадикторни, збунувачки и комплицирани објаснувања за тоа што е Царството. Еден свештеник напишал дека Божјето Царство е „нешто натприродно... претставува внатрешна врска со живиот Бог... во некоја смисла, искуство со Бог преку кое ќе се спасат и мажи и жени“. Друг верски водач вели дека добрата вест за Царството е „учење поврзано со црквата“. Во една католичка енциклопедија пишува: „Божјето Царство значи... дека Бог владее со нашето срце“ (The Catholic Encyclopedia).

На втората страница од ова списание ќе најдеш едно подобро објаснување. Таму пишува: „Божјето Царство, кое е вистинска влада на небото, наскоро ќе му стави крај на сето зло и ќе ја претвори Земјата во рај“. Да видиме како Библијата го потврдува тоа.

Идните владетели на целата Земја

Царство е влада со која владее цар. Царот на Божјето Царство е воскреснатиот Исус Христос. Неговото устоличување на небото е опишано во едно видение што му било дадено на пророкот Даниел, кој рекол: „Гледав понатаму во ноќните виденија, кога ете, на небесните облаци доаѓаше некој како син човечки [Исус]. Му беше дозволено да му пристапи на Прадревниот [Јехова Бог], и го доведоа пред Него. Нему му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“ (Даниел 7:13, 14).

Библиската книга Даниел покажува дека лично Бог ќе го воспостави тоа Царство кое никогаш нема да пропадне и ќе им стави крај на сите човечки влади. Во 2. поглавје е опишан сонот што го имал вавилонскиот цар. Тој сон му бил даден од Бог, и во него царот видел еден голем кип со кој биле претставени светските сили кои една по една се ределе на светската сцена. Пророкот Даниел го протолкувал тој сон. „Во последните денови“, напишал тој, „Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:28, 44).

Царот на Божјето Царство нема да владее сам. Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус ги уверил верните апостоли дека и тие, заедно со други луѓе, ќе воскреснат на небото и ќе седат на престоли (Лука 22:28-30). Тој не мислел на дословни престоли бидејќи, како што покажал Исус, Царството требало да биде на небото. Библијата открива дека тие совладетели се „од секое племе и јазик и народ и народност“. Тие ќе бидат „царство и свештеници на нашиот Бог, и ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10).

Зошто веста за Царството е добра

Забележи дека на Исус Христос му е дадено да владее над сите „народи, племиња и јазици“ и дека оние што ќе владеат заедно со него ќе „царуваат над земјата“. Според тоа, кои ќе бидат поданици на ова Царство? Оние што ќе ја прифатат добрата вест која се проповеда денес. Поданици на ова царство ќе бидат и оние што ќе воскреснат за да живеат вечно на Земјата.

Библијата дава сликовит опис на благословите што ќе ги добијат луѓето кога ќе владее Царството. Еве некои од тие благослови:

„Ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:9).

„Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род“ (Исаија 65:21, 22).

„Бог... ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).

„Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:5, 6).

„Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат — оние што правеле добро, за воскресение за живот“ (Јован 5:28, 29).

„Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).

Ова сигурно е добра вест! Освен тоа, исполнетите библиски пророштва покажуваат дека е близу времето кога Царството ќе почне праведно да владее над целата Земја.