Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е „крајот“?

Што е „крајот“?

Што е „крајот“?

„... и тогаш ќе дојде крајот“ (МАТЕЈ 24:14)

ВО ПОСЛЕДНО време многу се зборува за крајот на светот. Во книги, филмови и списанија, како со хумористична така и со научна содржина, се опишуваат катастрофите што ќе се случат во судниот ден. Некои од нив се уништување во нуклеарна војна, удар на астероид, смртоносен вирус, драстични промени во климата или напад од вонземјани.

И религиозните гледишта многу се разликуваат. Мнозина веруваат дека „крајот“ ќе значи и крај на животот на Земјата. Во врска со Матеј 24:14, еден теолог ги запишал следниве морничави зборови: „Ова е еден од најважните стихови во целата Божја Реч... На нашава генерација ѝ претстои толку разорно уништување што малкумина од нас можат да си замислат колку страшно ќе биде тоа“.

Луѓето што размислуваат така не се свесни за еден важен факт: Јехова Бог ‚ја зацврстил‘ Земјата и ‚не ја создал залудно, туку ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 45:18). Според тоа, кога зборувал за „крајот“, Исус не мислел дека ќе биде уништена планетата или дека човекот ќе биде збришан од лицето на Земјата. Тој сакал да каже дека ќе бидат уништени злите луѓе — оние кои тврдоглаво одбиваат да живеат во склад со водството што Јехова со љубов ни го дава.

Да наведеме еден пример. Да речеме дека имаш убава куќа и им дозволуваш на некои луѓе да живеат во неа без да плаќаат кирија. Некои од станарите одржуваат мирољубиви односи со другите и добро се грижат за куќата. Други, пак, прават многу проблеми, се караат и ги малтретираат добрите станари. Го оштетуваат твојот имот и тврдоглаво продолжуваат да го прават тоа.

Што ќе направиш во таква ситуација? Дали ќе ја уништиш куќата? Секако дека не. Веројатно ќе ги истераш лошите потстанари и ќе ја поправиш штетата што била направена.

Јехова ќе постапи на сличен начин. Со својот дух тој го поттикнал псалмистот да го запише следново: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата. Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:9-11).

Апостол Петар зборувал на истата тема. Под водство на светиот дух напишал: „Од дамнина постоеле небесата и... земјата стоела над водата и среде водата преку Божјата реч. Со неа тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“ (2. Петрово 3:5, 6). Овде апостолот зборува за Потопот во времето на Ное, со кој бил уништен светот од безбожни луѓе, но не и Земјата. Тој општ Потоп ‚им дал пример на безбожниците за она што треба да дојде‘ (2. Петрово 2:6).

Петар додал: „А сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган“. Ако го прочитаме само овој дел од стихот, би можеле да дојдеме до погрешен заклучок. Но, забележи што пишува понатаму во истиот стих: „И уништувањето на безбожниците“. Значи, нема да биде уништена Земјата туку безбожните луѓе. Што ќе се случи потоа? Петар напишал: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса [Божјето месијанско Царство] и нова земја [праведно човечко општество] во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:7, 13).

Библиските пророштва ни покажуваат и дека времето на „крајот“ е близу. Во Матеј 24:3-14 и 2. Тимотеј 3:1-5 можеш да прочиташ некои обележја што ни го потврдуваат тоа. *

Зар не мислиш дека е чудно што има толку голема збрка во врска со Матеј 24:14, стих кој и едно дете може да го разбере? За ова постојат неколку причини. Сатана ги заслепил луѓето да не можат да ја видат скапоцената вистина што се наоѓа во Божјата Реч (2. Коринќаните 4:4). Освен тоа, Бог ги скрил своите намери од горделивите и им ги открил на понизните. Затоа, Исус рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто ова си го скрил од мудрите и умните, а си им го открил на малите деца“ (Матеј 11:25). Голема чест е да се биде меѓу понизните кои разбираат што е Божјето Царство и ги чекаат благословите што царството ќе им ги донесе на сите кои го поддржуваат!

[Фуснота]

^ пас. 11 Нешто повеќе во врска со ова можеш да дознаеш од 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 9]

Царството ќе му стави „крај“ на сето зло на Земјата