Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Исус навистина умрел на крст?

Дали Исус навистина умрел на крст?

Дали Исус навистина умрел на крст?

„КРСТОТ е најпознатиот симбол на христијанството“, пишува во една енциклопедија. „Многу слики и уметнички дела со религиозни мотиви го прикажуваат Исус прикован на крст. Зошто овој симбол е толку раширен во христијанскиот свет? Дали Исус навистина умрел на крст?

Мнозина ќе речат дека одговорот на овие прашања можеме да го најдеме во Библијата. На пример, според Преводот на д-р Д. Х. Константинов, оние што го гледале погубувањето на Исус се подбивале со него и му велеле ‚да слезе од крстот‘ (Матеј 27:40, 42). И во многу други библиски преводи можеме да прочитаме нешто слично. Во Преводот на МПЦ пишува: „И го натераа некој си Симон Киринеец... да Му го носи крстот“ на Исус (Марко 15:21). Во овие стихови, зборот „крст“ е превод на грчкиот израз ставро́с. Има ли основа овој збор да се преведе со „крст“? Што значи тој збор на изворниот јазик?

Дали навистина се работело за крст?

Според стручњакот за грчки јазик В. Е. Вајн, зборот ставро́с „првенствено се однесува на колец или столб, кој е поставен исправено. На него биле приковувани злосторниците што биле осудени на смрт. И самата именка и глаголот ставро́о, кој значи ‚прицврстува на столб или на колец‘, во изворна смисла треба да се разликува од крстот, предмет со две греди, кој го користат христијанските цркви“.

Еден библиски речник го дефинира зборот ставро́с како „столб, исправена греда или колец, на кој може да се обеси нешто или кој може да се употреби за да се огради некое земјиште“ (The Imperial Bible-Dictionary). Во истиот речник понатаму пишува: „Дури и кај Римјаните, изгледа дека во почетокот изразот крукс (на латински, од кој доаѓа зборот крст) означувал исправена греда“. Затоа, не е ништо чудно што во една католичка енциклопедија пишува: „Сосема е сигурно дека крстот во почетокот се состоел од обична вертикална греда, која на горниот крај била зашилена“ (The Catholic Encyclopedia).

Има уште еден грчки збор, кси́лон, што библиските писатели го користеле за да опишат на што бил погубен Исус. Во еден библиски лексикон, зборот кси́лон е дефиниран како „парче дрво, дрвен столб“ (Критички лексикон и конкорданца на англискиот и грчкиот Нов завет — A Critical Lexicon and Concordance to the English and Greek New Testament). Понатаму, во него се вели дека, исто како зборот ставро́с, и зборот кси́лон „означувал исправен колец или столб на кој Римјаните ги приковувале луѓето, за кои обично се велело дека биле распнати“.

Во склад со ова, забележуваме дека во Преводот на МПЦ, во Дела 5:30 пишува: „Бог на татковците наши Го воскресна Исуса, Кого вие Го убивте, приковувајќи Го на дрво [кси́лон]“. И во други преводи, иако зборот ставро́с е преведен со „крст“, зборот кси́лон е преведен со „дрво“. Во Дела 13:29, во Преводот на д-р Д. Х. Константинов ја наоѓаме следнава изјава во врска со Исус: „Кога исполнија сѐ што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото [кси́лон] и Го положија во гроб“.

Со оглед на основното значење на грчките зборови ставро́с и кси́лон, претходно спомнатиот лексикон забележува: „Ниту едниот ниту другиот збор не се во склад со денешната замисла за крстот, кој се прикажува на сликите“. Со други зборови, она што го опишале писателите на евангелијата со зборот ставро́с, нема никаква врска со предметот што денес луѓето го нарекуваат крст. Затоа, сосема е на место што во Свето писмо — превод Нов свет, во Матеј 27:40-42 и на други места каде што се појавува зборот ставро́с се користи зборот „столб“. Слично на тоа, во Complete Jewish Bible се користи изразот „столб за погубување“.

Потеклото на крстот

Ако во Библијата не пишува дека Исус бил погубен на крст, тогаш зошто сите цркви што тврдат дека се придржуваат за Библијата и ги темелат своите учења на неа — католичката, протестантската и православната — ги украсуваат своите верски објекти со крст и го користат овој предмет како симбол на својата вера? Како дошло до тоа крстот да стане еден од најпрепознатливите верски симболи?

Одговорот е дека крстот го обожаваат не само оние што одат в црква и тврдат дека се држат за библиските учења, туку и луѓето што немаат никаква врска со Библијата и чија религија е многу постара од „христијанските“ цркви. Во многу верски книги отворено се признава дека уште во најстарите човечки цивилизации се употребувале крстови со најразлични облици. На пример, на древните египетски хиероглифи и цртежи на богови и божици честопати е прикажан крст во облик на буквата Т со круг на врвот. Наречен е анк, или крст со рачка, и се смета дека бил симбол на животот. Со текот на времето, овој крст го прифатиле и масовно го користеле коптската црква и други верски групи.

Според католичката енциклопедија, „првобитниот облик на крстот изгледа дека бил таканаречениот ‚кукаст крст‘ (crux gammata), кој меѓу ориенталистите и студентите по праисториска археологија е познат по неговото санскритско име свастика“. Овој симбол масовно го користеле хиндусите во Индија и будистите низ цела Азија а до ден-денес може да се види на украсите и резбите во тие места.

Не е познато кога точно крстот бил прифатен како „христијански“ симбол. Во еден толковен речник на Вајн пишува: „До средината на 3 век по Хр., црквите или напуштиле некои учења од христијанската вера или ги извртеле. За да се засили влијанието на отпадничкиот црковен состав, во црквата биле примани пагани и покрај тоа што не доживеале препород на верата, и во голема мера им се дозволувало да ги задржат своите пагански знаци и симболи“, вклучувајќи го и крстот (Expository Dictionary of New Testament Words).

Некои историчари посочуваат на она што го тврдел Константин, кој го обожавал богот на сонцето. Тој рекол дека во 312 год. од н.е., за време на еден свој воен поход, добил видение во кое видел крст впишан во сонцето заедно со латинските зборови „ин хок винке“ (со ова победувај). По некое време, на знамињата, штитовите и оклопите на неговата војска бил истакнат еден „христијански“ знак. (Сликата лево.) Се вели дека Константин станал христијанин, но се крстил дури 25 години подоцна, кога бил на смртна постела. Некои се сомневаат во неговите мотиви. „Наместо самиот тој да се преобрати кон учењата на Исус Назареецот, тој го преобратил христијанството во нешто што мислел дека неговите поданици ќе го прифатат како католичка [универзална] религија“, пишува во книгата Нехристијанскиот крст (The Non-Christian Cross).

Оттогаш почнале да се користат крстови во различни облици. На пример, еден илустриран библиски речник ни кажува дека таканаречениот крст на Свети Антон „имал облик на големата буква Т, за кој некои мислат дека доаѓа од симболот на [вавилонскиот] бог Тамуз, буквата тау“. Постоел и крст на Свети Андреј, кој е во облик на буквата Х, и познатиот крст со две греди, при што попречната греда е ставена малку пониско. Последниов облик, наречен и латински крст, погрешно „по традиција се смета за крстот на кој умрел нашиот Господар“ (The Illustrated Bible Dictionary).

Во што верувале христијаните во првиот век

Библијата покажува дека во првиот век, мнозина што го чуле Исус како поучува, станале верници и ја прифатиле откупната вредност на неговата жртвена смрт. Откако апостол Павле им проповедал на Евреите во Коринт, докажувајќи им дека Исус е Христос, Библијата вели: „Крисп, настојникот на синагогата, поверува во Господарот заедно со сите во својот дом. И многу Коринќани кои слушаа, поверуваа и се крстија“ (Дела 18:5-8). Наместо да воведе некаков верски симбол или слика во обожавањето на Бог, Павле им рекол на сохристијаните ‚да бегаат од идолопоклонство‘ и од секакви обичаи што влечат корени од паганските религии (1. Коринќаните 10:14).

Историчарите и истражувачите не нашле никаков доказ кој би потврдил дека првите христијани користеле крст. Интересно е што во книгата Историја на крстот (History of the Cross) се цитира еден писател од крајот на 17 век, кој прашал: „Можно ли е блажениот Исус да се радува кога гледа како неговите ученици го величаат предметот на кој тој [како што се вели] истрајно и без никаква вина страдал, не мислејќи на срамот?“ Што би одговорил ти?

За да му служиме на Бог на исправен начин, не смееме да обожаваме никакви предмети или слики. „Како се сложува Божјиот храм со идолите?“, прашал Павле (2. Коринќаните 6:14-16). Никаде во Светото писмо не пишува дека христијаните треба да користат нешто слично на предметот на кој бил прикован Исус. (Спореди со Матеј 15:3; Марко 7:13.)

Тогаш, по што се препознаваат вистинските христијани? Не по крстот или по некој друг симбол, туку по љубовта. Исус им рекол на своите ученици: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35).

[Истакната мисла на страница 19]

Она што го опишале писателите на евангелијата нема никаква врска со предметот што денес луѓето го нарекуваат крст

[Слика на страница 18]

Цртеж од 17 век на кој е прикажано погубување на ставро́с; од делото на Липсиј „de cruce

[Слика на страница 19]

Египетски цртеж на ѕид (о. 14 век пр.н.е.) на кој е прикажан крстот анк, симбол на животот

[Извор на слика]

© DeA Picture Library/Art Resource, NY

[Слика на страница 19]

Кукаст крст во хиндуистичкиот храм Лакшми Нарајан

[Извор на слика на страница 20]

Од книгата The Cross in Tradition, History, and Art (1897)