Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог го создал Ѓаволот?

Дали Бог го создал Ѓаволот?

Читателите прашуваат...

Дали Бог го создал Ѓаволот?

▪ Бидејќи во Библијата пишува дека Бог „создал сѐ“, некои луѓе заклучиле дека Бог го создал и Ѓаволот (Ефешаните 3:9; Откровение 4:11). Сепак, Библијата јасно покажува дека тоа не е така.

Јехова ја создал личноста која подоцна станала Ѓавол. Значи, постоењето на тоа суштество како главен противник на Бог мора да биде во склад со она што го открива Светото писмо за Јехова како Творец. Во Библијата пишува: „Делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:3-5). Од овие зборови можеме да заклучиме дека во почетокот Сатана бил совршен и праведен, како што биле и сите други ангели. Во Јован 8:44, Исус рекол дека Ѓаволот ‚не останал постојан во вистината‘, што значи дека Сатана некогаш ја кажувал вистината и немал направено грев.

Меѓутоа, како и другите Божји созданија обдарени со разум, ангелот што станал Сатана можел слободно да избере како да постапи — исправно или погрешно. Со тоа што решил да му се спротивстави на Бог и ги навел и првите маж и жена да го сторат истото, тој станал Сатана, што значи „Противник“ (1. Мојсеева 3:1-5).

Ова злобно духовно суштество станало и Ѓавол, што значи „Клеветник“. Сатана бил невидливиот измамник што се криел зад змијата и лукаво се послужил со лаги за да ја наведе Ева да ја прекрши јасната заповед од нејзиниот Творец. Затоа, Исус го нарекол Сатана „татко на лагата“ (Јован 8:44).

Но, како било можно да има погрешни желби едно совршено духовно суштество — кое во себе немало никакви слабости ниту, пак, отстрана му се вршело некакво лошо влијание? Очигледно Сатана копнеел да биде обожаван како Бог и му се укажала можност да ги наведе луѓето да му служат нему наместо на Јехова. Тој не ја отфрлил таа мисла, туку продолжил да ја негува и да размислува за неа. Така дозволил неговата намера да фати корен и да го натера да ја исполни. Тој процес е опишан во библиската книга Јаков: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15; 1. Тимотеј 3:6).

Да наведеме еден пример: Замисли си дека на еден сметководител му се укажува прилика да прикаже лажни податоци во извештаите на фирмата и така да дојде до лична добивка. Може веднаш да ја отфрли таа лоша идеја. Но, ако продолжи да размислува за неа, може да му се допадне толку многу што најверојатно ќе ја оствари. Ако го направи тоа, ќе стане крадец. Ако се обиде со лага да го скрие она што го направил, ќе стане и лажливец. На сличен начин, со тоа што ги негувал и ги задоволувал своите погрешни желби, Божјиот ангел ја употребил слободната волја за да се послужи со измама и да се побуни против својот Татко. Така станал Сатана и Ѓавол.

Се радуваме што Сатана Ѓаволот ќе биде уништен во времето што го одредил Бог (Римјаните 16:20). Дотогаш, оние што му служат на Јехова Бог знаат какви се намерите на Сатана и заштитени се од неговите сплетки (2. Коринќаните 2:11; Ефешаните 6:11). Затоа, со сите сили „спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7).

[Истакната мисла на страница 21]

Со тоа што решил да му се спротивстави на Бог, еден совршен ангел станал Сатана