Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Летните конгреси во Русија — радосни настани

Летните конгреси во Русија — радосни настани

Летните конгреси во Русија — радосни настани

СЕКОЕ лето, љубителите на природата во Русија го напуштаат градскиот метеж и одат во своите викендички наречени „дачи“. Тоа се моменти кога можат да побегнат од брзото темпо на живот во градот. Во последниве неколку лета, и Јеховините сведоци во Русија масовно ја посетуваа природата — но од една друга причина.

И покрај тоа што во некои градови беа наметнати ограничувања на нивната проповедничка активност, Јеховините сведоци во Русија и понатаму се собираат за да го слават Бог, користејќи го своето уставно право на верска слобода. Меѓутоа, во некои случаи, поради противењето и притисокот од погрешно информираните власти или од свештениците на Православната црква, на Сведоците им беше тешко да изнајмат соодветни објекти за своите обласни конгреси што ги одржуваат секое лето. Затоа, тие се собираа под ведро небо — во шумите или на полињата. Од 2007 до 2009 год. имаше околу 40 такви духовни „излети“ на 25 места низ цела Русија.

Еден Јеховин сведок, кој присуствувал на многу конгреси во Русија, раскажува: „Во изминатите години, кога ќе изнајмевме некој стадион или друг објект во големите градови, многу искрени луѓе, а и локалните власти, можеа да добијат реална слика за нашата организација гледајќи ги редот и чистотата. Сега мораме да се собираме во шумите, каде што не нѐ гледа никој друг освен дивите животни. Штета што луѓето не можат да ги видат овие прекрасни собири на кои присуствуваат лица од најразлично потекло, раси и религии“.

Иако ваквите конгреси се многу радосни настани, еден Сведок отворено вели: „Убаво е да се види самопожртвуваноста и верноста на Сведоците, кои се приспособуваат на различни околности. Сепак, мора да се каже дека, кога властите ни отежнуваат да ги одржуваме конгресите, тоа може да биде многу напорно во физички и во емоционален поглед. Исто така, ни се одзема слободата на еден достоинствен начин да му служиме на нашиот семоќен Бог“. Како се справија со овој предизвик Јеховините сведоци во Русија?

Конгреси во шумите низ целата држава

Честопати, кога управата на некој објект во последен момент ќе го раскинеше договорот за изнајмување, организаторите на конгресот имаа само неколку дена да најдат друго решение. На пример, во 2008 год., Сведоците во Чебоксари (Република Чувашија) мораа да го одржат обласниот конгрес на еден голем терен за кампување опкружен со брези, од кој се гледа реката Волга. Требаше да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа. Се очекуваа 1.930 делегати, од кои 1.700 мораа да ноќеваат на самиот терен. Им беа потребни тушеви и чешми со топла и студена вода, тоалети и струја. Освен тоа, мораше да се обезбеди и храна за сите делегати.

Браќата се справија со предизвикот. Најдоа столари, електричари и водоводџии. Се пријавија да помагаат 350 Сведоци, а 14-мина од нив десет дена ноќеваа на самото место. Тие исекоа штици и донесоа слама, а потоа поставија шатори, кабини со тушеви и тоалети. Неколкумина други браќа постојано одеа во градот за да купат сѐ што ќе затребаше. Бидејќи немаше каде да се чува храната за да не се расипе, браќата одлучија секој ден да има три топли оброка подготвени на лице место. Управата на теренот за кампување излезе во пресрет и најми луѓе да подготвуваат јадење за делегатите. На крајот, 500 делегати си донесоа свои шатори, 150 платија сместување во близина на теренот, 15 души спиеја во сеното во една штала, а останатите ноќеваа во шаторите што ги поставија браќата.

Кога стигнаа делегатите, здогледаа море од разнобојни пластични столици наредени во редови. Напред имаше поставено две едноставни бини украсени со цвеќиња — едната за програмата на руски, а другата за програмата на чувашки јазик. Сите уживаа во библиските говори и беа благодарни за трудот што го вложија доброволците. Еден од луѓето најмени да ја подготвуваат храната со одушевување изјави: „Да не видев со свои очи, немаше да верувам дека постои организација во која владее ваков ред и мир!“ Некои го споредија овој конгрес со Празникот на сениците што го прославувале Израелците во минатото.

Во други градови, Сведоците честопати имаа само еден ден за да најдат и да уредат друга локација на која ќе се одржи планираниот конгрес. Така беше и во Нижни Новгород, каде што доброволците работеа деноноќно на еден приватен имот. Мораа да исечат дрвја и грмушки, да ја искосат тревата и да го исчистат целото место од крлежите и мравките. Кога делегатите стигнаа во петок наутро, доброволците веќе имаа наместено 2.000 пластични столици и 10 преносливи тоалети, поставија чешми со вода, бина, генератор и озвучување. Еден брат рече: „Најсилен впечаток остави тоа што Сведоците кои работеа нон-стоп не се однесуваа како да се некои херои. Тие понизно продолжија да им служат на другите и за време на конгресот. Даваа сѐ од себе за да може на нивните браќа и сестри да им биде удобно и да уживаат во програмата“.

Еден друг брат напиша: „Работевме како тим. Иако на браќата им беше првпат да организираат конгрес под ведро небо и немаа многу време за да се подготват, тие мислеа на сѐ за да може програмата да се одвива непречено. Откако заврши конгресот, не бевме уморни. Се чувствуваме како Јехова да ни дал крилја!“

Божјиот дух на дело

Во многу работи, заедничкото решавање на проблемите во врска со одржувањето на конгресите, ги зближи Сведоците во оваа земја и покажа како дејствува Божјиот дух. Во Смоленск, многу резервации за сместување беа откажани вечерта пред да се одржи конгресот. Еден старешина напиша: „Кога во еден часот по полноќ пристигнаа неколку автобуси со делегати, немаше каде да ги сместиме. Почнав да плачам бидејќи не знаев што да правам. Му се помолив на Јехова и го преколнував да ни помогне. Бев пресреќен кога по еден час успеавме да најдеме сместување за сите! Тоа што се случи беше неверојатно и ни покажа дека Јехова нема да ги остави праведните на цедило!“ На еден друг конгрес што се одржа во шума, браќата ги замолија жителите на едно од блиските села да им помогнат со сместувањето. Бидејќи Сведоците во тој крај се на добар глас, за време на конгресот селаните спремно примија во своите домови 2.000 делегати.

„Тоа што се одржа конгресот беше убедлив доказ колку е важно да се потпираме на Јехова во секоја ситуација“, рече еден Сведок. Тоа особено се потврди кога дојдоа непоканети „гости“ за да го прекинат конгресот. Во Новошахтинск, некои попови и демонстранти од Руската православна црква дојдоа и пееја црковни песни пред микрофоните за да го замолкнат говорникот на конгресот. Меѓутоа, полицијата интервенираше и не им дозволи да ја прекинат програмата. Кога една жена која дојде да го покаже своето незадоволство се онесвести од жештината, браќата ја однесоа во конгресниот Оддел за прва помош, каде што ѝ беше пружена нега. Таа остана без зборови.

Одушевени од она што го видоа

Поради страв од тероризам, големите собири во Русија честопати го привлекуваат вниманието на полицијата, како и на љубопитните жители. На пример, еден конгрес што се одржа во шумата во близината на Волжски бил набљудуван од будното око на специјалните полициски единици за сузбивање на екстремизмот. За време на програмата, еден полицаец го изгубил мобилниот телефон. Браќата му помогнале да го најде во Одделот за изгубени работи. По кратко време му се јавил шефот, кој сакал да добие информации за тоа дали имало поттикнувања на насилство или екстремизам. Полицаецот одговорил: „Нема никаков проблем. Тука има 5.000 души и нема нарушување на редот и мирот. Каков екстремизам? Човек треба да се подзамисли кога ќе ја види атмосферата овде. Си го изгубив мобилниот, а тие го најдоа и ми го вратија!“

Еден стражар бил одушевен и изненаден од чистотата на теренот. Иако имало многу деца, не можел да најде ниту едно хартивче фрлено на земја. Сопственикот на плацот каде што се одржал еден друг конгрес се сретнал со полицајците, кои биле однапред известени дека ќе има голем верски собир. Го одвел поручникот до балконот на третиот кат на една зграда од која се гледал плацот, и му рекол: „Погледнете ги! Видете со свои очи. Каков ред!“ Сопственикот бил изненаден што Сведоците ниту пиеле ниту пушеле. Освен тоа, тие си заминале без да остават ни трага дека некој бил таму, па дури го зеле со себе и отпадот. Одушевено рекол: „Беше како во рајот!“

Единството меѓу Божјиот народ

По еден конгрес одржан во шума, кметот на блиското село рекол: „Знаев дека сте скромни луѓе, ама вие сте и многу силни. Додека ние сѐ повеќе се оддалечуваме еден од друг, вие ги обединувате луѓето!“ Од Калининград до Камчатка, жителите на оваа огромна земја не престануваат да се восхитуваат на единството меѓу Божјиот народ кое може да се види на големите собири на кои се поучуваат за Библијата. Без оглед на тоа колку бргу и колку неочекувано ќе мора да ги променат своите планови, останува непроменето едно нешто — нивната почит кон властите и кон другите луѓе.

Што и да се случи во иднина, Јеховините сведоци во Русија и понатаму радосно ќе се собираат за да се поучуваат за Библијата. Тие се молат ‚за царевите и за сите што се на власт, за да можат да водат мирен и тивок живот во потполна оддаденост на Бог и во чесност‘ (1. Тимотеј 2:2).

[Истакната мисла на страница 27]

Еден доброволец помага во подготовките на конгрес под ведро небо

[Истакната мисла на страница 29]

Јеховините сведоци во Русија и понатаму водат „мирен и тивок живот во потполна оддаденост на Бог“

[Слики на страница 28]

Доброволците го расчистија теренот пред да се одржи конгресот и обезбедија оброци за илјадници присутни

[Слики на страница 29]

Сите уживаа во духовната програма и беа благодарни за трудот што беше вложен